Хрватски режисер со денови пред владата ги чита укинатите лектири

21.02.2019 13:38
Хрватски режисер со денови пред владата ги чита укинатите лектири

„Дневникот на Ана Франк“, „Малиот принц“, „Пипи Долгиот чорап“ и „Куќата на ежето“ се само некои од книгите кои изминативе денови пред владата ги чита младиот режисер Ловро Крсник, откако беа исфрлени од списокот на лектири во хрватските училишта.

Неговата иницијатива #ИПонатамуЧитам започнала во петокот (15 февруари), кога на Плоштадот Свети Марко, пред влезот на хрватската Влада, ја отворил книгата „Малиот принц“ и почнал да ја чита на глас. Оттогаш, секој ден по еден час доаѓа на истото место и чита некоја од книгите кои „исчезнаа“ од списокот на лектири во новите наставни програми по хрватски јазик и литература. Својот мирен протест го споделува на социјалните мрежи на кои во живо го пренесува секое читање.

„Сакам да ги потсетам луѓето дека и понатаму е важно да се чита и дека не може, туку така, лесно да се откажеме од книгите или да ги доведуваме во прашање“, објаснува Крсник

 Книгите кои ги чита Крсник досега беа ставени во проширениот попис на лектири, а со новите наставни програми веќе ги нема во тој список.

„Живееме во време на многу редукции поврзани со сите подрачја кои генерациите пред нас ги гледале како одредена цивилизациска придобивка. Дотации за култура и наука, социјално и пензиско осигурување, а за жал тука е и срозување на нивото на сложеност на училишните програми. Секако дека е потребно да се прилагодат и унапредат училишните програми во согласност со времето во кое живееме, но мислам дека тоа никако не смее да биде на сметка на книжевноста. Периодот на задолжително школување и онака брзо поминува во однос на останатиот работен век, и на многумина тоа ќе им биде единствена прилика да се сретнат со книгите кои спаѓаат во класици“, смета Крсник.

Тој кажува дека досега до него не пристапил никој од Владата, туку само полициски службеници.

„Секој пат ми бараат лична карта, а потоа вообичаено ги прашувам – „можам ли да ви читам и вам“, па сите се потсмевнуваме и ме оставаат слободно да продолжам со акцијата. Кога ќе направам пресметка, за пет дена колку што ми трае акцијата ми пријдоа шест службени лица, а само осум граѓани, кои за моето читање разбрале преку социјалните мрежи. Можно е оваа бројка да делува малку обесхрабрувачки, но верувам дека лавината реакции допрва ќе се покрене“, додава Крсник.

Тој вели дека неговиот план засега е да продолжи да чита по еден час дневно, бидејќи само таквиот континуитет има смисла.

Слични содржини

Активизам / Балкан
Активизам / Фотографија

ОкоБоли главаВицФото