Можеме!

29.03.2019 01:28
Можеме!

Во Хрватска се појави интересна политичка платформа, „Можемо!“, составена од активисти од граѓанскиот сектор кои прв пат влегуваат во политиката. Полезно е да се прочитаат нивните програмски цели.

 

Ние сме луѓе кои своите животи ги посветија на борбата за поправедно општество и јавен интерес - за подобро образование, здравство, правосудство, култура, работнички и човекови права.

Се докажавме со знаење и борбеност, а во политиката влегуваме првпат зашто за Хрватска е минута до дванаесет. Големото иселување на младите, сѐ поголемата нееднаквост и политичката корупција се трајно наследство на владејачките политички гарнитури. Немаме веќе ни волја ни време за политичари и политика кои со години го уништуваат општеството и државата и не нудат никаква визија. Ние можеме подобро! Можеме Хрватска да ја направиме праведно и одржливо општество во кое сите живеат добро.

За разлика од постоечките политички актери, ние знаеме дека промената е можна единствено ако ги вклучиме граѓаните во одлучувањето и заедно создадеме нова политика во служба на јавниот интерес. Со искуство и долгогодишен стаж во борбата за поправедна и подобра Хрватска тргнуваме во изградба на широка политичка платформа. Ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат! Зашто заедно - со знаење и борбеност - можеме!

За нас во платформата Можеме! политички проблем од прв ред се условите за живот на граѓаните во Хрватска денес - економската несигурност, сиромаштијата, социјалната исклученост и на други начини нарушениот дигнитет на голем број наши сограѓани. Во такви околности повеќето граѓани се загрижени околу иднината и не веруваат во можноста за промена. Од една страна, тоа е резултат на долгогодишното занемарување и донесување и спроведување економски и социјални политики во интерес на мнозинството и, од друга, факт дека имаме „заробена“ држава - држава која ги сервисира приватните и партикуларните интереси. За да го ослободиме развојниот потенцијал на ова општество, мора да им ставиме крај на таквите практики и најпосле да изградиме праведна држава која им полага сметка на граѓаните.

Нашата програма се темели на визијата за зелена развојна држава - на низа амбициозни и економски и социјални политики кои се насочени кон иднината. Развојниот модел кој го застапуваме претпоставува децентрализиран, локално насочен развој, ја јакне енергетската и прехранбената независност, ги намалува еколошките последици, ги унапредува образованието и науката и поттикнува истражувања, иновации, слобода на изразувањето, културното и уметничкото творештво. Тоа е модел кој ја поттикнува економската демократија, ги намалува прекарните облици на трудот и ја јакне преговарачката моќ на работниците преку квалитетна регулација на работните односи и синдикално здружување.

Сметаме дека развојните приоритети треба да бидат дефинирани во отворени демократски процеси со граѓаните, насочени кон зголемување на квалитетот на животот на луѓето со еколошка одговорност кон сегашните и идните генерации. Со ваков одржлив и инклузивен модел за развој на општеството ќе ги зајакнеме клучните лостови на социјалната држава - образованието, социјалните услуги и здравството, ќе ја модернизираме јавната инфраструктура и ќе ги одбраниме јавните добра и јавните услуги од приватизација и дерегулација. Постоечката социјална држава значително ќе ја реформираме според начелата на универзалноста, еманципацијата, правната еднаквост и родовата рамноправност и ќе креираме праведен и прогресивен даночен систем.

За да ја придвижиме оваа развојна визија, ќе ги демонтираме партократските структури кои ги грабнаа државата и општеството во последните 25 години од домените на јавниот интерес и ги претворија во легло на клиентелизмот и корупцијата во служба на приватните интереси. Хрватска мора да биде општество кое на сите свои жители им гарантира еднаквост пред законот и државните тела и обезбедува ефикасност и предвидливост за правниот систем. Управниот апарат ќе го организираме така што ќе одговара на потребите на граѓаните и општеството во целина. Затоа и на територијалното реорганизирање ќе му пристапиме на начин кој на зголемените единици од локалната и регионалната самоуправа ќе им обезбеди ресурси за реална децентрализација и локално насочен развој. Нашата цел е држава која делува отворено и транспарентно, со развиени инструменти на граѓански надзор и други облици на учество на граѓаните во донесувањето одлуки. Затоа ќе ги јакнеме демократските институции и ќе ги унапредуваме облиците на претставничка и директна демократија.

Можеме да изградиме демократска, праведна и одржлива Европа!

Главните општествени предизвици на 21 век - глобалната мобилност на капиталот, климатските промени и миграциите - не можат да се адресираат во рамки на националната политика. Зачестените поплави, големите осцилации на температурата, сушите и пожарите, бурите со досега незабележана моќ се само некои од конкретните манифестации на климатските промени кои се сѐ поприсутни и сѐ посилно ќе влијаат на секојдневниот живот на луѓето, на производството на храна и енергија, на нашата економија. Веќе со години се наоѓаме на рутата на меѓународните миграции од земјите од Блискиот исток и Северна Африка и речиси секојдневно сведочиме за страдањето на луѓето кои сакаат да поминат низ Хрватска зашто во Европа гледаат спас. Десетици илјади жители на Хрватска емигрираат во западна Европа во потрага по работа и подобри услови за живот, додека истовремено бројот на странски државјани кои доаѓаат да работат во Хрватска рапидно расте. Со други зборови, постоечките економски политики не се грижат ни за оние кои заминуваат, ни за оние кои доаѓаат. Условите за работа во Хрватска не се подобруваат; згора на сѐ, за сѐ поголем број луѓе условите за работа се влошуваат - што е една од директните последици на глобалната мобилност на капиталот каква што промовираат меѓународните корпорации и Европската комисија, либералните партии и партиите од десницата.

Како одговор на овие предизвици, пред нас повторно се поставува истиот лажен избор - оној помеѓу отворена и затворена Европа - додека неолибеларните политики кои доведоа до криза остануваат непреиспитани.

За либералите отворена Европа значи продолжување со политиките на економскиот либерализам кои тежнеат кон отстранување на пречките за слободно движење на капиталот, стоката, услугите и луѓето - иако нивното спроведување недвосмислено ги зголеми економските нееднаквости во рамки на државите, како и помеѓу јадрото и периферијата на Европа. Кога тврдат дека лекот што го применувавме беше во премногу мали дози, дека јавните услуги треба да се приватизираат во уште поголема мера, а во преостанатите да се воведат уште построги мерки за штедење и дека работното законодавство треба дополнително да се либерализира во корист на капиталот - тие, впрочем, интересот на урбаното, образовано и богато малцинство се обидуваат да го претстават како интерес на мнозинството. Во нивната визија, повеќето луѓе во општеството се назадни и претставуваат непријатен товар, па затоа либералите заговараат две Хрватски, односно две Европи. Тоа е елитистичка позиција која има сила да ги придвижи единствено привилегираните малцинства во заштитата на својата положба и имотот.

Десницата, пак, последиците од економскиот либерализам лажно ги решава со ксенофобија. Кога банките и корпорациите не би ги воделе странци и „домашни предавници“, туку „чесни Хрвати“, конфликтот помеѓу трудот и капиталот божем ќе исчезне сам од себе. Изместувајќи ги вистинските економски извори на нееднаквост и егзистенцијална несигурност на теренот на етничкиот идентитет и повикувајќи на единство на народот, десницата негува илузија дека припадноста на нацијата ги укинува класните и другите разлики меѓу луѓето. Позадината на нивниот повик на волјата на народот е стигматизација на поинаквото, кое по потреба го отелотворуваат етничките, сексуалните или некои други малцинства. Таквите стигматизации раѓаат нови фобии кои се втемелуваат на една друга илузија - дека со ускратување на правата на некое стигматизирано малцинство се подобруваат условите за живот на мнозинството.

Што добиваме од продолжувањето на неолибералните политики, а што со ограничувањето на слободата на движење на луѓето? Со затворање во национални граници и изградба на национални тврдини во рамки на тврдината Европа сите проблеми кои произлегуваат од слободниот проток на капитал, стока и услуги за земјите од периферијата остануваат неадресирани. Освен тоа, за чија слобода на движење зборуваме? Десните влади активно придонесуваат за општествената вилификација на мигрантите, додека истовремено силно ги зголемуваат квотите за работа на странците. Додека со своите економски политики незапирливо го менуваат општеството во мултикултурално, десните влади истовремено го разгоруваат историскиот ревизионизам кој ги велича етничките концепции на државата и нетолеранцијата кон другите верски и етнички групи.

Можеме! како дел од европската зелена левица нуди излез од лажниот избор помеѓу „отворена“ неолиберална Европа од една и „затворена“ неолиберална Европа од друга страна. Поаѓаме од претпоставката дека ни треба Европската унија зашто последиците од глобалната мобилност на капиталот, климатските промени и миграциите можеме да ги решаваме единствено како заедница на Европа и глобална заедница.

Можеме! да градиме Европа која е демократска, праведна и одржлива. Ова се нашите предлози за развој на Европската унија од олигархиска кон демократска, од фосилна кон постфосилна, од корпоративна кон солидарна и од тврдина Европа кон Европа како заедница на луѓе.

Извор: https://www.mozemo.hr

ОкоБоли главаВицФото