Молитва за маските

17.04.2017 13:13
Молитва за маските

ТИ КОПНЕЕШ

Ти копнееш за Дакар, за неговото небо, за неговиот песок, за морето,
Јас копнеам за тебе, како за едно среќно момчештво во есен.
Пеам додека ти пишувам, како златар што обликува скапоцен накит.
И тогаш ќе го танцувам, лесно и достоинствено, танецот на мојата Дама
И само за мојата Дама!

Во твојата земја, кон крајот на септември, ноќите се посвежи,
Деновите кристално чисти. А светлината игра трепетливо, свилесто
Во завесите и ѕвони по темните бронзи и пее по сребрените чинии.
Светлина во синото небо, одвај виолетово, разиграна и растреперена невиност.
Се подига во талечина тиха маглина над замрените села.

Запејува последното цутење во септември, мешаница на проѕирни мириси,
Запејува светлината во твоите големи, мирни очи,
Додека крвави моето срце над ластарот за последен пат.
Во доцна есен, пред бербите на грозјето,
Никогаш, ама никогаш ти не ќе бидеш повозбудливо убава.

На крајот на летото, за да ги опеам твоите очи, мирисите на твојата убавина,
Господе! дај да ја облечам златната наметка на костените, не, пурпурната на јаворите од Лаврениската гора
Или, под месечина, долгиот пањ со боја на опал на крајбрежните тополи.

Ти ќе дојдеш и јас ќе те чекам кон крајот на ивернажот.
Под росата со бои на виножито, ти ќе бидеш како филао под снегот на нежноста.


ЗОШТО СУМ ИЗМОРЕН

Изморен сум. Се огласува сирената на бродот зад Горé, со звук на ловечки рог.
Во квечерината, светлина по розовите ѕидови над морето и по небото.
Бел брод се упатува накај синиот и сив Југ.
А јас сум тажен, тагувам за Нагасаки, за убавината на Валпереизо,
За Рио де Жанеиро, каде мулатките се како опојни орхидеи.

Но, кога е времето за чај и градината јасна
Околу фонтаната, под статуата на Африка - јас се чувствувам изморен.
Срцето ми е со боја на ластар, кога ги гледам твоите очи во сеќавање.
А изморен сум не од умор! ами од помислата
Да не одам никаде, кога ме раскинува желба да отпатувам.


ШТО ПРАВИШ

„Што правиш? На што мислиш? На кого?“
Прашуваш и прашуваш.

Ништо не е постројно од тркач на сто метри,
Од неговите раце и долги нозе, мазни како семки од маслинки.

Ништо не е похармонично од голата биста, хармоничен триаголник на Каја Маган
Кој со таква драж ја затегнува својата стрела.

Пливам како делфин, исправен Јужен Ветар,
Заради тебе, одам по песокот како дромадер.

Јас не сум кралот на Гана, ни тркач на сто метри.
Затоа, не прашувај ме повеќе „Што правиш?...“

Зашто јас мислам само на тебе, моите очи стројно го пијат синилото,
Како што тоа го прави црна патка со бели пердуви на стомакот.


НДЕСЕ ИЛИ „БЛУЗ“

Пролетта го однесе мразот од сите мои надојдени потоци
Млада сила ми шика под првите милувања на кревката кора.
Па сепак сред јули позаслепен сум одошто Зиме на полот.
Крилјата бијат и крвави удираат по решетките на спуштеното небо,
Ниеден зрак не се пробива низ глувиот свод на мојата здодевност.
Кој белег да го побарам? Каде е клучот на загатката?
И како да допрам до бога со далечни издолжени копја?
Кралско лето што доаѓаш од Југ, ќе втасаш мошне доцна во септември што умира!
Во која книга да ја најдам жарта на твојот одблесок?
И на страниците на која книга, на чии невозможни усни, твојата занесна љубов?
Ме заморува моето нетрпеливо исчекување. Ох! тој едноличен шум на дожд врз лисјето!
Засвири ми ја мелодијата „Усаменост“, Дјук, да плачам сè додека не заспијам.


МОЛИТВА ЗА МАСКИТЕ

Маски! О Маски!
Маско црна, маско црвена, вие маски бели-и-црни
Маски со четири страни од каде шепоти духот
Ве поздравувам во тишина!
Но не и тебе последен прародителу со лавовска глава.
Вие го чувате тоа таинствено место на секоја женска смеа, на секој насмев што вене
Го пречистувате лицето на вечноста, каде го дишам воздухот на Татковците.
Маски со лице без маска, без никаква длабинка како и без брчка
Вие што го составивте овој портрет на вашата лика
На ова мое лице сведнато над олтарот од бела хартија, слушнете ме!
Еве умираат царствата на Африка - тоа е агонија на милозливата принцеза
А исто и на Европа за која сме врзани со папочна врвца,
Вперете го непроменливиот поглед во вашите повелани деца
Кои ги даваат своите животи како сиромавиот последната облека.
Да бидеме присутни во преродбата на Светот
Неопходни како што е квасецот за белиот леб.
Зашто кој би можел да го научи на ритам упокоениот свет од машини и топови?
Кој би го испуштил тој извик на радост што ги буди мртвите и сираците во мугри?
Кажете, кој би можел да го поврати чувството за живот кај човек со искорнати надежи?
Нè наречуваат луѓе на памук, на кафе, на масло
Нè наречуваат луѓе на смртта.
Ние сме луѓе на танцот, кои со удар на нозете по тврдата земја си ја повраќаат силата.


НОЌ НАД СИН

Жено, стави ги на моето чело твоите раце лековити, твоите раце помеки од крзно.
Таму горе, разнишаните палми шумолат во допир со ноќниот ветрец
Одвај. Не се слуша дури ни песната на доилката.
Нека нè заниша едноличната тишина.
Да го слушнеме нејзиното пеење, да го слушнеме ударот на нашата темна крв, да го слушнеме
Ударот на најдлабокиот дамар на Африка во маглината на изгубените села.

Еве паѓа изморената месечина накај своето легло во неподвижното море,
Еве се успива кикотот и самите раскажувачи
Ги нишаат главите како дете на грбот на својата мајка,
Еве отежнуваат нозете на танчарите, отежнуваат јазиците на пејачите.
Миг е на ѕвездите и ноќта што сонува
Се искачува на овој рид од облаци, прекриен со својата долга млечна ткаенина.
Покривите на колибите блескаат нежно.
Што ли им раскажуваат така таинствено на ѕвездите?
Внатре, огништето се гасне во интимноста на миризбите опори и нежни.
Жено, запали ја светилката од масло, за да можат наоколу да си покрикажуваат прародителите како родители кога децата спијат.
Да го слушнеме гласот на древните од Елиса. Изгонети како и ние
Тие не сакаа да умрат, со песокот да се изгубат нивните порои од семе.
Да го слушнеме, во зачадената колиба доаѓањето на милозливите души.
Мојата глава над твоите топли гради како грне извадено од оган што уште се чади.
Да го вдишам мирисот на нашите Мртви, да го примам и прераскажувам нивниот жив глас, да научам
Да живеам, пред да се спуштам, како нуркач, во најголемите длабини на сонот.


БИСЕРИ

Бисери бели,
Лесни бисери,
Капки од пресно млеко,
Проѕирности непостојани по телеграфските жици,
Должина на долги денови монотони и сиви!
Каде одите, каде?

Во кој рај? Во кој?
Проѕирности првични на моето детство
Никогаш непронајдени...

Препев: Ацо Шопов
Фотографии: Maïmouna Guerresi

Леополд Седар Сенгор (9 октомври 1906 - 20 декември 2001) е сенегалски поет, политичар, културен теоретичар и прв претседател на Сенегал во периодот од 1960 до 1980 година. Сенгор е првиот африканец кој е избран за член на Француската Академија. Основач е и на политичката партија позната под името Сенегалски Демократски Блок. Почитуван е како еден од најголемите африкански интелектуалци на дваесеттиот век. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1975 година. Ги објавил збирките: Песни од темнината (1945), Црната причесна (1948), Етиопски песни (1956), Вечерни (1961), Писма од ивернажот (1973), Виши елегии (1979), Различни песни (1990).

ОкоБоли главаВицФото