2000 песни во рубриката „Секој ден песна“

14.10.2022 13:24
2000 песни во рубриката „Секој ден песна“

Денес на Окно е објавена двеилјадитата песна во рубриката Секој ден песна.  Почнавме на 11.02.2015. со песната Што шефот му рече на Том.

Рубриката е замислена како една огромна испреплетена антологија на светската поезија, главно современа и онаа од 20-иот век. Досега објавивме неколку стотици поети и поетеси од над 50 земји во светот. Но, од рубриката Секој ден песна можат да се извлечат десетина други антологии: Македонска поезија, Песни за деца, Поетски хумор, Поезија во проза, Љубовна поезија, Феминистичка поезија, Ангажирана поезија... Ако кон овие 2000 песни од рубриката ги додадеме и сите други песни објавени на Окно, ќе се добие уште поголема архива, неколку илјади песни, за создавање на десетина антологии и десетици избори од поединечни поетски опуси.

Ќе наведеме дел од најзастапените автор(к)и во рубриката, светски и македонски: Маргарет Етвуд, Вислава Шимборска, Ева Липска, Шунтаро Таникава, Јехуда Амихај, Амир Ор, Андреј Сен-Сењков, Игор Иртењев, Вера Павлова, Лаш Кристенсен, Сара Кирш, Ханс Магнус Енценсбергер, Бертолт Брехт, Лидија Дејвис, Џемс Тејт, Рејмонд Карвер, Марк Стренд, Леонард Коен, Јанис Рицос, Гонсало М. Тавареш, Никита Станеску, Дениса Дуран, Васко Попа, Радмила Лазиќ, Александар Ристовиќ, Драган Лукиќ, Божидар Тимотиевиќ, Дејан Алексиќ, Даниел Драгоевиќ, Луко Паљетак, Ванда Микшиќ, Славко Јаневски, Блаже Конески, Гане Тодоровски, Михо Атанасовски, Петар Т. Бошковски, Јозо Т. Бошковски, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ, Игор Исаковски, Лилјана Дирјан, Весна Ацевска, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Пандалф Вулкански, Владимир Лукаш, Магдалена Хорват, Николина Андова Шопова, Будимка Поповска, Ива Дамјановски...

Меѓу многуте преведувачи ќе ги спомнеме само Блаже Конески, Влада Урошевиќ, Зоран Анчевски, Лидија Димковска, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Душан Томовски, Марија Тодорова, Паскал Гилевски, Пандалф Вулкански...

Уредник на рубриката сум јас, Никола Гелевски.

Овде можете да ги видите прилозите со кои одбележавме неколку други досегашни јубилеи на рубриката: 

Во продолжение, според обичајот, пренесуваме, за оваа пригода, неколку репрезентативни песни од рубриката.


Луко Паљетак

Будилник

Во мене нешто постојано ѕврцка
и нешто во срцето ме боцка,
ѕуни, ѕвони, ѕвечка, ѕвоцка,
некое тркалце, некоја коцка.

Во желудникот нешто ми крчка,
по стомакот нешто ми прчка,
небаре птиче трчка и цврчка -
а јас нејќам во мене да се ’рчка.

Ми чкрипи сè, до самото теме:
сум изел некое застојано време.

Превод: П. В.

 


Стојан Тарапуза

Една крава луда

Еднаш една крава луда
направила триста чуда!
Прелетала сено, слама,
истрчала на пат сама,
се судрила со две коли,
подгонила деца голи,
изгазила цвеќа ретки,
повредила стрини, тетки,
искорнала две-три клупи,
искривила пет-шест шупи…
па морна по часа девет,
заспала на меѓа-кревет.
Сонувала бик што лета
и друг убав што се шета,
и трет вљубен што се смешка,
и четврти што ја чешка!
Чешкањето уште трае,
а кравата не знам кај е!

 

 

Влада Урошевиќ

Вињета од една стара книга со приказни

Во мрачните пештери
спијат стари вештери.

Надвор нивни внучиња
се дават со кучиња.

Со големи токмаци
убиваат комарци.

Џуџиња со рогови
палат шумски огнови.

Се ведне над скарите
вампир-крводарител.

Прегладнети сеништа
варат каша пченична.

Џинови на тркала
пеперуги бркаат.

 


Радмила Лазиќ

Жабец

Сплескан и расчепен.
Зелен.
Со штикла во срцето
лежиш на плочникот
каде што те оставив
некој час порано, палав
и спремен за приказна:
„Мила...итн.“

Доста беше
крекање и брчкање
во барата на метафорите.

Сега малку лежи мртов.

Превод: П. В.

 

 

Лидија Дејвис

Седам со својата мала пријателка

Седам на сонце со својата мала пријателка на скалите пред влезот: Јас читам една книга од Бланшо, а таа ја лиже својата нога.

Превод: П. В.

 


Николина Андова Шопова

Најмалиот џин Џуџо и најголемото џуџе Џино

Се сретнале еднаш
под ова небо сино
најмалиот џин Џуџо
и најголемото џуџе Џино!

– Колку си мал!
Џино на Џуџо му рекол.
– И ти не си поарен!
веднаш Џуџо го пресекол.

– Ајде да се мериме
си рекоа тогаш сложно,
џин да е помал од џуџе
дали е тоа можно?

Зедоа еден метар,
купија и голема вага,
леле, бројките збрлавеа,
верувајте, не е лага!

И така до ден-денес
расправа за нив се води:
поголемо џуџе кој е
и помал џин дал’ ќе се роди?

 

 

Влада Стоиљковиќ

Кога би знаел

Кога би знаел јазик лавји
или кравји
или жабји
Кога би знаел јазик мачји
или рачји
Кога би го знаел јазикот на овците
или на волците
или на молците
ах како би рикал
цикал
жужурел
кукурикал
њакал
вриштел
пиштел
шиштел
цивкал
пиукал
мјаукал
урликал
ах како би испуштал секаква ека
ма макар после молчел довека.

Превод: П. В.

 

Пандалф Вулкански

Штрчето што стрчело

Едно штрче меѓу птичињата стрчело.
А зошто? Зашто цврчело!
Врапчето цвркотело, славејчето црцорело,
А штрчето - небаре штурче!, или црцорец! - цврчело!
Ете заради тоа меѓу птиците стрчело.

Слики: Tove Jansson

ОкоБоли главаВицФото