Дождот (хаику)

30.05.2022 10:42
Дождот (хаику)

 

На сува рида
благословен дожд слезе
и посла цвеќе.


Утро по дождот.
Денот е избањато
дете за бакнеж.


По дождот - сонце!
Пределов чист и ведар
ти нуди блискост.


Дождот преврна.
Избриши ја солзата:
огреа сонце.


Пристигна дождот.
На вжештен асфалт згазна
и фати усвет.


Цела ноќ врне.
Се плашам за куќава
со бош темели.


Реката шуми.
Сложни дождовни капки
пливаат во хор.


Над езерото
дождот е како дома,
сé му е знајно.

 

 

Дождот веселник
му ја симна шапката
на глуварчето.


Боже мој мили!
Фатен дожд во олуци
весело пее.


Штом молкне дождот
седни под јасно сонце
и раскажувај.


Не претрчувај
меѓу бистрите капки
- ќе останеш сув.


На влажни гранки
дрдорливи врапчиња
спорат со дождот.


Врне, па сонце!
Само ти се кажува:
плачи па смеј се!


Дожду, те молам
измиј им ги очите,
да се пробудат.

 

Кога паѓа дожд
отвори ја дланката
за ракување.

 


Слики: Hasui Kawase (1883–1957) 

Извор за текстот: Цане Андреевски - Дождот (Матица, 2007)

Цане Андреевски (1930 година, Кратово) првата стихозбирка за деца, „Сончева порака”, ја објавил 1951 година. Првата стихозбирка за возрасни, „Добрина”, ја објавил во 1956 година. Овој наслов се чини, го следи целиот живот; мнолумина го именуваат како „поет на добрината“.

Изминативе децении ги објавил расказите за деца „Јаготки”, стихозбирките „Сребрен поток”, „Што има ново”, „Планета со петел”, „Шинато уво”, „Белата мечка, синиот кит и другите”, книшката со приказни „Дарби”, повеста „Нашите први учители” и „Остануваме на Ножот”, минијатурните раскази „Малата голема точка”, збирките поезија за возрасни „Свечености”, „Врски”, „Дождот”… Ја составил антологијата “Македонска љубовна лирика”. Ги објавил „Разговори со Конески” и „Разговори со Милчин”. Неговите дела се преведени на повеќе светски јазици и наградени се со најзначајните домашни признанија.

Цане Андреевски работниот век го поминал како уредник и новинар во Радио Скопје. Сопруг е на нашата славна писателка Оливера Николова.

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото