ВМРО – никогаш повеќе!

20.04.2017 17:21
ВМРО – никогаш повеќе!

Повеќепати ја аргументирав тезата дека иницијативата што ВМРО ја има во силувањето на македонското општество доаѓа од непресушниот извор на нивната инхерентна неморалност. Таа иницијатива што непрекинато им обезбедува тактичка предност, всушност произлегува од веселата злосторничка слобода да делуваат без какви и да е морални ограничувања и обѕири. Оваа етичка анализа ја поткрепував и со манихејски докази дека Злото, таа Темна Сила што ги управува активностите на ВМРО, е секогаш чекор пред Доброто, зашто во овој двобој Доброто е - како и правдата - по дефиниција реактивно, и се појавува само како одговор на веќе сторениот злочин.

За објаснувањето на оваа исконска појава - неисцрпната иницијатива на Злото, се повикував и на психо-социјалните теории за Глупоста - тој најнеистражен и сеприсутен дефект на човечноста, што вмровците ги ослободува од сите инхибиции, од сите можни стеги на знаењето, обичаите или разумот. И, кога помислив дека ги исцрпев сите можности за рационално објаснување на вечната иницијатива на вмровското Зло, што го испразни од смисла македонското општество, наидов на моќно и документирано објаснување за таа злосторничка неуморност на сосем неочекувано место: во еволуционата биологија и во физиологијата на човечкиот организам!

Елем, една од најголемите мистерии на еволуцијата на хомо сапиенсот е прашањето зошто природната селекција му дала предност на поголемиот мозок на човековите преци, а не на мускулните и моторичките делови од телото, кога цели 2 милиони години, додека човекот бил во средината на синџирот на исхраната, безмалку не е можно да се препознае вистинската полза од тоа? Дури спротивно, запрепастувачки е фактот дека човековиот голем мозок бил (и сè уште е) речиси неподнослив товар за функционирањето на целиот организам.

Големата глава може да се носи само исправено, што им ги уништува вратните и крстните пршлени на луѓето, а се случува и стеснување на женската карлица, што го направи, пак, опасно и преурането раѓањето на човечките млади. Згора на сето тоа, најголемото оптоварување на организмот е енергетската неодржливост на мозокот, зашто иако тежи само два до три проценти од вкупната телесна маса, тој троши неверојатни 25 проценти од вкупната телесна енергија во мирување. Кога овие бројки ќе се споредат со другите големи мајмуни, со нашите најблиски роднини – шимпанзата, на пример, ќе видиме дека нивниот мозок троши само 8 проценти од вкупната енергија на телото.

Токму тука е заплеткано објаснувањето на длабоко еволутивното и физиолошко потекло на вмровската неуморна иницијатива. Испаѓа дека „нормалното“ функционирање на вмровскиот мозок на телото му заштедува неверојатни 17 проценти од вкупната енергија! Ете од каде им е на ВМРО навидум непресушната енергија за одржување на иницијативата во убедливо најкретенската претстава за опструирање на правниот поредок, што некој парламент кога и да е ја видел во историјата на човештвото!

Но, да ја оставиме забавната наука и да ѝ се вратиме на грдата македонска реалност, со една куса и оптимистична анализа. Кога политичките околности се полоши од сè што е сочувано во македонската плитка колективна меморија; кога на неподносливо лесен начин ја живееме нашата чудовишно неморална и малоумна стварност, силувани од партиската мафија на ВМРО; кога се неуспешни сите разумни политички и дипломатски усилби криминалниот режим на Груевски мирно да ја предаде власта на легалното мнозинство во Собранието; кога, велам, Злото ќе го затемни целиот недоглед, одненадеж ќе проговори народното искуство со непредвидливо луцидната инверзија на самиот поглед кон работите. И, ќе рече народот македонски во вакви безнадежни ситуации: „А, кој да ти знае зошто е ова добро?“ Е, почитувани читатели, во овој наш оловен миг, добри се барем три работи:

Првата е за вистината. Најдоброто во моментот, е суровата вистина за криминалната и авторитарна природа на ВМРО-ДПМНЕ, што во очајот на нивните последни мигови на власт самите ја направија навредливо очигледна. Ова е нивна јавна самопрокламација како злосторници и велепредавници што нелегално и насилно ја држат власта, заканувајќи ѝ се на целата земја и на регионот дека безмилосно ќе ги запалат. И да ги немаа сторено стоте илјади други злостори за последнава деценија, само овој ќе им беше доволен за доживотна политичка дисквалификација. Така што, на мнозинството луѓе им е веќе јасно дека не само Груевски туку и неговата партија не смеат веќе да учествуваат во македонската демократија!

Второто добро е што злосторничката природа на вмровската партија-држава конечно им стана иритантно видлива и на сите релевантни меѓународни фактори. Она што е најдрагоцено во ова унисоно меѓународно гледиште, е дека злосторничката ВМРО не е само причината за уништувањето на демократијата во Македонија, туку и дека е вистинската закана за стабилноста и мирот во регионот. И дека веќе никогаш не смее да ја држи власта!

И, третото и можеби највредното добро, е дека фашистичкиот идеолошки код на ВМРО, во чиишто гени вирее расизмот - и тоа во своето најпримитивно и најбрутално издание - на неотповиклив начин ги убеди Македонците Албанци, дека ниту една нивна политичка партија веќе никогаш нема да коалицира со ВМРО. Никогаш повеќе!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат
 

ОкоБоли главаВицФото