Смеењето навистина го продолжува животот

05.05.2009 11:32
бебуле

А колку и како влијае на спречување на болестите и ублажување на симптомите, научниците допрва се обидуваат да откријат.

 Кому му е денес до смеење, ако се изземат славенички расположените општинари и сличните весељаци од македонскиот политички циркус? Првомајските честитки сведени на предупредувањата дека ова и сега не е ни приближно тешко како она што допрва следува, црните економски прогнози, неисполнетите ветувања кои ни ја подгреваа надежта изминативе месеци, а од кои сега се отвора нов круг на безнадежноста и беспарицата, ги прават смешни лекарските предлози за избегнување на стресот и потребата од смеење.

Меѓутоа, стручњаците се сериозни кога тврдат дека смеата навистина го продолжува животот и дека барем 15 минути смеење дневно влијае на согорувањето калории и има исто енергетско дејство како и вежбањето на справи во теретана во истиот интервал.

Новите истражувања не само што ги потврдуваат досегашните сознанија за благотворното дејство на смеењето врз општата психофизичка состојба на организмот, туку и откриваат дека позитивните ефекти се многу поразновидни и пошироки, и го опфаќаат високиот крвен притисок, срцевите заболувања, артритисот, дијабетесот, болестите на белите дробови...

Напоредно со тоа утврдено е и непосредното влијание на смеењето врз отстранувањето или намалувањето на болката. Повикувајќи се на резултатите од експериментот спроведен на Универзитетот Калифорнија, лондонски „Индепендент“ наведува пример на деца од седум до 16 години чии раце се потопени во речиси замрзната вода. Оние кои се смееле, бидејќи за време на тестирање им се прикажувала филмска комедија, имале повисок праг на болка и подолго го издржале студот од останатите испитаници.

Смешните филмови биле употребени во една научна студија во Јапонија, во болницата „Моригучи-Кејичинакаи“, каде било испитувано дејството на смеата врз мајчиното млеко. Проверките биле спроведени над доилките чии доенчиња страдале од екзема. Во млекото на мајките кои се смееле на незгодите на Чарли Чаплин измерено е повисоко ниво на мелатонин, што поволно се одразило на подоцнежното намалување на алергиските реакции на новороденчињата, додека кај другата група мајки кои за тоа време гледале досадни метеоролошки извештаи не биле утврдени никакви промени во составот на млекото.

Лесно е да се константира дека смеењето опушта, и со самото тоа и го намалува стресот, но за научниците дури сега се отвораат прашања за тоа колку влијае на спречувањето болести и ублажување на симптомите. Врз основа на тоа што досега е утврдено, може да се каже дека станува збор за природен штит на организмот.

Кај ведрите и насмеани личности доаѓа до зголемување на активноста на т.н. клетки-убијци, посебна група лимфоцити и важен елемент од првата одбранбена линија на организмот против вирусите и клетките на туморот. Порастот на имунитетот може да изнесува дури повеќе од 25%, покажале мерењата. Истовремено, се намалува нивото на кортизол, хормон на стресот кој делува како прекинувач за низа здравствени тешкотии, како што се дебелината и срцевите болести.

Некои истражувачи дури се занимавале со влијанието на брачната среќа врз имунолошкиот систем. Според резултатите на бирмингемскиот универзитет, вакцината против грип е поделотворна кај среќните сопружници бидејќи организмот им реагира со посилно производство на антитела.

На безброј интернет страници може да се прочита за сите тајни на смеата, за тоа дека делува како физичка вежба, природен аналгетик, лек за срце, средство за подобро варење на храната, спречување на астматичарски напад, поттикнување на природната сила на организмот... Списокот како да нема крај, а на тоа треба да се додаде и фактот дека смеата е безнадежно заразна.

Значи, и оној кој е нерасположен не може да му одолее на предизвикот доколку се најде во забавно друштво. Стручњаците дури советуваат да се вежба. По некое време, усилената смеа ќе се претвори во спонтан излив на смеење. Вреди да се проба, бидејќи и онака нема што да се изгуби, освен намуртеноста, грижата и нерасположеноста. Макар привремено.
 

ОкоБоли главаВицФото