Дали телефоните се новата тинејџерска дрога?

09.05.2017 03:38
Дали телефоните се новата тинејџерска дрога?

Во екот на епидемијата на опиоидите, појавата на нови смртоносни синтетички дроги и ширењето на легализацијата на марихуаната, се истакнува еден интересен тренд во младинската зависничка култура: сè помал е бројот на тинејџери кои ќе пробаат или редовно ќе конзумираат дроги, вклучувајќи го и алкохолот.

Овој тренд ги поттикна истражувачите да го преиспитаат прашањето дали е можно адолесцентите помалку да користат наркотици затоа што компујтерите и телефоните доволно ги стимулираат.

Научниците велат дека интерактивните медиуми, се чини, покренуваат слични импулси како експериментирањето со дрогата. Нора Волков, директорка на Националниот институт за злоупотреба на наркотици, вели дека планира да почне со истражување на оваа тема. Таа ги опишува интерактивните медиуми како „алтернативни придвижувачи“ за дрога, додавајќи дека „тинејџерите буквално можат да бидат 'хај' од играње игри на компјутер.“

Доктор Силвија Мартинс, експерт за злоупотреба на недозволени супстанци, од Универзитетот Колумбија во Њујорк, која ги истражува начините и врските помеѓу интернет и конзумирањето дрога кај тинејџерите, оваа теорија ја нарекува „многу плаузибилна“.

Играњето видео игри и користењето на социјалните мрежи ја исполнува потребата од сензации и потребата на тинејџерите постојано да бараат нешто ново“, вели Мартинс.

Доктор Џозеф Ли, психијатар од Минеаполис, кој се занимава со лекување на болестите на зависност кај тинејџерите, смета дека намалувањето на употребата и експериментирањето со дрогата се должи на стравот, бидејќи епидемијата на опојните средства изложи голем број луѓе на смртоносни ризици.

17-годишната Александра Елиот, средношколка од Сан Франциско, вели дека користењето на телефонот за комуникација на социјалните мрежи дава „навистина убаво чувство“, на начин конзистентен на „хемиското ослободување“.

Како сериозна зависничка од телефонот која понекогаш пуши марихуана, Александра кажува дека дека не мисли дека овие две работи меѓусебно се исклучуваат. Како и да е, додава, телефонот претставува многу важно средство за луѓето кои на журките не сакаат да земаат дроги, затоа што „можете само да седите на журката ама да изгледате дека нешто работите, иако ништо не правите“.

„Има многу малку сериозни докази за оваа тема“, вели Џејмс Ентони, професор по епидемиологија и биостатистика од Универзитетот во Мичиген. Сепак, тој кажува дека и самиот почнал да ја истражува врската помеѓу технологијата и употребата на дроги кај младите луѓе.

Статистиките ја отсликуваат деценијата во која навиките се променија. Во 2015 година, 9,6 отсто млади на возраст од 12 до 17 години се изјасниле дека во претходниот месец конзумирале алкохол. Според американската администрација за злоупотреба на супстанци и ментално здравје, тој процент во 2005 година изнесувал дури 16,5 отсто. Анкетата покажала и мало, но значајно опаѓање на конзумирањето кокаин кај младите на возраст помеѓу 12 и 17 години.

Употребата на марихуана останала на слично ниво: во 2015 година, 7 отсто од младите помеѓу 12 и 17 години кажале дека пушат марихуана, што е речиси истиот број како и во 2005 година, но е понизок од 2002 година, кога изнесувал 8,2 отсто.

Истовремено, на младите луѓе гаџетите им одземаат сè повеќе од слободното време.

Анкетата што во 2015 година ја објави Common Sense Media од Сан Франциско, покажала дека Американците на возраст од 13 до 18 години, просечно поминуваат по шест и половина часови дневно во активности како што се посета на социјалните мрежи и играње видео игри.

Смартфоните и компјутерите сè повеќе стануваат причина за загриженост, смета Ерик Елиот, таткото на средношколката Александра, инаку вработен како психолог во училиштето каде што учи неговата ќерка.

Тој работел како советник за млади и вели дека кога се работи за ќерка му, тој е многу позагрижен кога се работи за употребата на телефонот, отколку за наркотиците.

Извор: The New York Times
Слики: Франческо Чиколела

ОкоБоли главаВицФото