Македонска приказна за насилството, заробеноста и трпението

16.05.2017 11:14
Македонска приказна за насилството, заробеноста и трпението

Си биле двајца сопружници, со две ситни дечиња. Сопругот, на позиција, не многу заслужена, но моќна, а сопругата умна и способна, но безгласна. Си живееле така некое време, но како децата растеле, а жената напредувала, така и мажот сè понезадоволен и погоропаден станувал, што заради својата глупост да не умее да си ужива со сопругата, што од тоа што мислел дека другите му се потсмеваат дека е таа попаметна, и дека еден ден ќе го остави и посрамоти. Му се свртело тоа во умот и почнал насекаде да ја следи и проверува, и за сè нешто да ја критикува и да бара од неа признанија, и да му се докажува... Те дека немала никого освен него, те дека го сака, дека ќе се поправи и нема веќе да биде „таква“. И другите виделе како ја тормози и навредува, нарекувајќи ја со најпогрдни имиња, но секој си бркал работа, не се мешале луѓето.

Во почетокот таа некако се справувала, се преправала дека го слуша и си мислела, види го будала, и за да и биде мир во куќата - му премолчувала. Но, тој не се смирувал. Еден ден ја натерал да се заколне в црква, дека се кае за своите гревови, и дека ќе заборави на своите пријатели, и на сè што постигнала, зашто не ѝ личело тоа на чесна жена, со толку луѓе да се познава... Но тоа не било доволно, туку ја посоветувал да оди и на лекар, да побара од лекарот потврда колку е грешна во однесувањето и мислите, и тој да кажел што треба да направи за да се излечи.

Кога жената конечно решила да стави крај на ваквото понижување, што ни самата уште не го беше нарекла „насилство“, еден ден се осмелила и не го послушала. Тој тоа како едвај да го дочекал, ја пресретнал и брутално ја претепал. И овојпат, без трошка каење, ѝ порачал дека повторно го изневерила, а го изиграла и неговото трпение, со кое толку се трудел да ја подучи и да ѝ помогне да се промени.

На нејзините апели за помош институциите молчеле, а најблиските, што божем ја поддржувале и штителе, се поделиле во два табора; едните ѝ порачале „остај го, ти си будала, твој е животот“, а другите искрено ја советувале да премолчи, заради децата. Останувајќи на пол пат таа уште еднаш се обратила до надлежните и тие, повторно, но сега поодлучно, застанале на страната на насилникот и нему му ги довериле децата. Зашто тој покажал дека има позиција, а имал и куќа и пари, што таа ги немала, па децата ќе имале подобар живот, со него. За одлуката да биде поубедлива, зашто децата се плашеле од таткото, нејзе ја прогласиле за нестабилна.

Во продолжение таа побарала помош и од лекар, како што ја советувал сопругот, но за да провери што всушност ѝ се случило, и каде згрешила? А најмногу ѝ било до тоа како да си ги врати децата? Налет и насилството, и ќотекот, почнала да си мисли, кога ги немам децата.

Оваа толку тешка и секојдневна приказна, за слободното дивеење на насилството, со ужасен тек и крај, силно асоцира на сè што со години преживуваме, на личен и општествен план, во Македонија. И сеуште трае. Мора многу вакви стории да сме виделе, или искусиле, штом сме толку навикнати и отрпнати. А така се чини.

Образецот е идентичен за сите преживеани притисоци, закани и тортури во последнава деценија, вклучувајќи го и крвавиот 27 април, но и сулудите барања на претседателот, за некакви гаранции. А со нив по кој знае кој пат се потврдува и фактот дека без институционална, професионална и правна заштита, никој веќе не може да живее нормално, и никој со ништо и никаде не е заштитен. И сега што?

Кога таа слика ја имаме како широк фон, во чии рамки ја гледаме денес положбата на Заев и мнозинството парламентарци, како „бавно“ и крваво се пробиваат во освојување на правото, не можам а да не ги забележам и сè побројните некритични незадоволници, душегрижници и советници кои го туркаат Заев кон побрзо и поодлучно дејствување, а во согласност со Уставот и законите, кои всушност одамна веќе не се во функција, ниту се под каква било заштита. Зошто постојано го забораваме тоа?

Не знам дали сум во право, но по тој повод, и кога гледам како законот на насилството сеуште суверено владее, имам силна потреба да забележам дека и во оваа игра на лудилото на барање гаранции, на другата страна сепак има многу разум, и упорност, и умешност за бавно и мудро напредување. Па се прашувам, зошто барем еднаш не умееме да ја напуштиме личната перспектива, макар таа носела и големо чувство на праведност, за да ја видиме пошироката слика? Зошто, по сè што преживеавме, да не веруваме повеќе во проценката на оној кој и по цена на сопствениот живот нè доведе до оваа точка на успешност? Зошто не оставиме, ако веќе не можеме да помогнеме, тој самиот, со своите соработници, да го истера до крај она што го зацртал, како општа и заедничка, не само лична визија?

А што ако тој предвреме покажеше неспремност и отсуство на трпение да се фати во костец со ѓаволот? Каде ќе бевме сега?! Ако воопшто некој денес се занимава и со ова прашање.

Слики: Свирачиња