Македонштина

08.01.2018 04:37
Македонштина

Почитуван господине Заев,

Од интервјуто што го дадовте за порталот МКД. мк, посебен впечаток ми остави следниот одговор:

„Мојот патриотски однос кон државата сум го докажал и јас и заедно со моето семејство. Сѐ што имам ми е во Македонија, сѐ што сум учел е љубовта кон мојот народ и мојата татковина. Сум се радувал за мојата независност, нашата македонска независност, посебност, различност од сите земји и апсолутно македонштината ми е својствена како на секој наш граѓанин и ја негуваме во нашите души и срца. Апсолутно сум свесен дека родољубието е перспективата на државата. Секако сите знаат дека треба да ѝ отвориме перспективи на Македонија, но и сите знаат дека треба да го сочуваме достоинството и на народот и на нацијата и на државата.“

Ќе ви бидам благодарен ако потрошите десетина минути на мојата љубопитност, како мала помош во расчистување на прашањата што ми ги наметнаа вашите ставови што ги цитирав на почетокот на овој текст. Ве уверувам дека кон тоа расчистување приоѓам икслучиво низ призмата на општиот интерес, а не на мојата радознајност како лична работа.

Како се докажува дека некој однос е патриотски!?

Што е тоа патриотски однос!?

Не само на темата за името туку воопшто!?

Дали односите што не можат да се докажат како патриотски се непатриотски!? Како да ги викаме тие односи? Дали се тие по дефиниција лоши односи кон државата, наспроти патриотските, кои се позитивни! Тоа е, ако добро ја разбрав, пораката на ставот дека „патриотскиот однос код државата сте го докажале...“

Дали луѓето кои имаат нешто надвор од Македонија би имале проблеми на испитот по патриотизам, односно дали можат да завршат факултет по граѓанство на Република Македонија, без тој испит. Зошто е добро сѐ што има човек да му е тука во Македонија!? Супериорноста на луѓето што сѐ што имаат го имаат во Македонија, се сугерира во вашиот став.

Каква порака сакате да испратите кога велите дека „сѐ што сте учеле била љубовта кон вашиот народ и татковината!?"

Нели е тоа премногу строго, ограничувачки и дури, би рекол, хендикепирачки?

Секоја заедница живее низ ритуали, но ритуалите не се љубов, односно не се љубов кон народот и татковината!

Но, можеби љубовта за која зборувате содржи и нешто повеќе од кршењето јајца на Велигден, од прчењето со седум-осминскиот ритам, од ежењето на песната „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, од трансот во успесите на ракометарите!?

Или љубовта е работа што се наплаќа на патарините и на касите во Собранието и во ДИК!?

Во олигархиската мапа на сопственоста врз Македонија!?

Што значи изразот „македонштина“!?

Мене ми звучи грубо, како нешто што е тешко искомпромитирано, безвезе, фолклорно, но нека да ги оставиме моите впечатоци, ме интересира што сакате да кажете кога велите „апсолутно македонштината ми е својствена како на секој наш граѓанин и ја негуваме во нашите души и срца“.

Зошто мислите дека тоа е најважната работа што еден премиер треба да ја каже на почетокот на годината на надежта?! Јас, на пример, во моето срце и душа не негувам нешто такво, макар што дозволувам дека тоа чудовиште постои во некоја моја преткомора, само што јас не сум свесен за сопствената македонштина. Можеби кај мене се јавува во форма на некоја систола.

Што е македонштина!?

Дали е македонштина силата со која толпата влезе во Собранието и ви ја скрши главата!?

Дали е македонштина Скопје 2014!?

Дали е македонштина хипнотизирањето и хистеризирањето на 7.000 деца за Бадник?

Дали е македонштина александриското циркузирање по дијаспората?

Референдумите против имигрантите!

Апелите за смрт за шиптарите!?

Целиот културоциден процес кој за десет години направи од целата нација и општество маса во која домнираат кретенизирани и десубјективизирани поединци!?

Од прегледот на употребата на овој термин во последните дванаесет години, јас заклучив дека сѐ е тоа македонштина, апсолутно македонштина.

Нашата драма е резултат на високите концентрации на таква македонштина. Така разбрана македонштината е средство за чистење на македонските дамки од чаршавот на историјата.

Конечно, би сакал да ми го објасните ставот дека, цитирам, „апсолутно сум сигурен дека родољубието е перспективата на државата“.

Не нешто друго, туку родољубието!

Не образованието, не науката, не уметноста - родољубието!

Слободен сум да кажам дека апелите за родољубивост се толку многу погласни колку што е поголем степенот на уништеноста и на родот и на родината.

Во тоа можеби има логика, но проблемот е во тоа што родољубивоста како што ја сфаќа Македонецот, е докажано средство за упропастување на општите перспективи.

Конечно, нели мислите дека достоинството на народот, на нацијата и на државата се најсамодеструктивната парола која сите тие категории ги донесе на работ на пропаста!? И дека на тоа поле, како и на сите други полиња, имаме нужда од радикален пресврт!?

Ќе бидам груб и ќе ви кажам отворено: Достоинството на Македонецот е уништено, темелно е уништено, мораме да видиме што ќе правиме, но старите пароли нема да нѐ донесат до успех, во тоа сум сигурен!

Благодарам на вниманието.

Ви посакувам успех во водењето на државата и во личниот и семеен живот.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Свирачиња