Џон Блеквуд: Македонија во моментов е изолирана во уметничкиот свет!

22.05.2017 11:33
Блеквуд: Македонија во моментов е изолирана во уметничкиот свет!

Во рамки на вториот модул од дискурзивно–едукативната програма насловена „Совршениот уметник“ во саботата се одржа предавање и дискусија со шкотскиот писател и куратор Џон Блеквуд, со наслов „Неколку примери во современото кураторство: три изложби 2014-2017“од Универзитетот „Роберт Гордон“ од Абердин и Бојан Иванов, историчар на уметноста од Скопје. Предавањето беше одржано со цел да се опишат предизвиците со кои се соочуваат кураторите кои работат во современата уметност во работењето со мали буџети и во оформувањето и развивањето на кураторски концепти од почетна идеја до конечна реализација.

Блеквуд се осврна на трите изложби од современата уметност на уметници од Македонија и земјите од поранешна Југославија во кои бил директно или индиректно вклучен - „Паралелни универзиуми“ во галеријата „дуплекс100м2“ во Сараево во февруари 2014 со учество на 5 македонски уметници; втората е канонската изложба на босански уметници „Патека на меморијата“ курирана од Пјер Куртин во галеријата „Агнес б“ во Париз во јуни 2014, а третата е изложба која ја курирал во „Самерхил“ во Единбург во 2017, насловена „Архипелаго“ во која биле вклучени дела од тројца современи шкотски уметници.

Она што е важно е да се нотираат условите кои ги имаат уметниците и кураторите во земјите од поранешна Југославија наспроти условите во Европската Унија, односно условите од ЕУ да се рефлектираат во земјите од регионот“, смета Блеквуд. Како главна причина за малкуте изложби од Македонија и регионот во Велика Британија и Франција се наведуваат трошоците за транспорт на уметничките дела.

„Не може да имате продуктивно партнерство без пари. Се обидувам да воспоставам врска помеѓу Македонија и Шкотска, бидејќи Македонија во моментов е изолирана во уметничкиот свет“, вели Блеквуд.

За Бојан Иванов најважно од соработката со Блеквуд е врската помеѓу две генерации. „Проблематиката на модерната традиција и уметничкиот канон нè има двајцата придвижено – Џон со кураторството, а мене кон враќање на уметничката критика. Изложбите за кои зборуваше Џон ги рефлектираат, односно работат на креирањее на општествени цели“, вели Иванов.

Во однос на претставувањето на Македонија на Венециското биенале со „Red Carnival“ на Томе Аџиевски, под кураторство на Бранислав Саркањац, Иванов вели дека веќе подолго време воопшто нема дебата за тоа кој ја претставува Македонија на биеналето.

Нема еснафска потреба од реакции. Мислам дека во иднина треба уметноста да се фокусира кон активирање на заедницата и современата уметност да одговори на потребите на таа заедница“, завршува Иванов.

Инаку, Блеквуд е автор на книгата „Критичка уметност во современа Македонија“ („мала галерија“, Скопје 2016 ) и „Вовед во современата уметност во Босна и Херцеговина“ („дуплекс 100м2“, Сараево, 2015). Работи на релацијата Шкотска – Босна и Херцеговина и Македонија и на неколку поединечни проекти во овие три земји.

Програмата „Совршениот уметник“ е курирана од Ивана Васева и иницирана како една од програмските целини на организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/Скопје, a во партнерство со Фондација Фридрих Еберт – Канцеларија Скопјe и Центарот за современи уметности – Скопје.

ОкоБоли главаВицФото