Дупка во „Македонија“, и обратно

07.06.2017 02:15
Дупка во „Македонија“, и обратно

На прагот на шампионската ера во Македонија, при поставувањето на бината за масовниот свечен дочек на европските прваци, златните ракометари на „Вардар“, во центарот на Скопје во лежечката фонтана на плоштадот „Македонија“ пропадна камион. Вадењето на комуналното возило од дупката беше проследено со задоволство од страна на малубројните присутни кои (од страна) со внимание ја следеа спасувачката мисија. Во извештаите од овој мини-спектакл беше наведено дека наскоро треба да се дознае колкава штета беше направена при оваа неочекувана увертира во големата прослава на историскиот настан.

Веројатно не треба ни да се повторува дека вистинската штета, која ќе остане непроценета, не е направена со пропаѓањето на камионот, туку со градењето на фонтаната. Преку неа од градскиот буџет беа испумпани околу 2,5 милиони евра, а од неа прсна помалку вода, отколку од босилекот на попот при нејзиното пуштање во (зло)употреба. Дупката што ја направи камионот е неспоредлива со кратерот од околу 600 милиони евра (и тие штети допрва ќе се утврдуваат) во државниот буџет, што го отвори премиерот Никола Груевски, припомогнат од градскиот татко Коце Трајановски. За да го реализира својот приватен, налудничав, криминален проект „Скопје 2014“ со кој отвори една огромна антицивилизациска дупка без дно, невиден кичерај во кој, заедно со плоштадот, пропадна Македонија. Од овој нов бунар (стариот го исплукаа) без капка вкус и чувство за култура и историја, земјата не ќе може да се извлече со децении.

Дупката што ја остави камионот на „Македонија“ набрзо ја покри народот. Дали ќе биде така и со онаа што и ја направи Пастирот на Македонија, ќе видиме наскоро.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото