Промоција на романот „Се гледаме наскоро. Е.“ од Драгана Евтимова и Владимир Лукаш

13.06.2017 09:08
Промоција на романот „Се гледаме наскоро. Е.“ од Драгана Евтимова и Владимир Лукаш

На 14 јуни (среда) во Ла Кања (Стара скопска чаршија) со почеток во 20:59 часот ќе се одржи промоција на епистоларниот роман „Се гледаме наскоро. Е.“ на Драгана Евтимова и Владимир Лукаш. Книгата ја објави издавачката куќа Антолог, а претходно, ракописот се најде во најтесниот избор за наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис за 2016 година.

Книгата ќе ја промовираат Светлана Камџијаш и Александар Прокопиев.

 

* * *

 

Драгана Евтимова и Владимир Лукаш преку нивните писмописци и раскажувачки гласови – Еписторија и Еписторие, соодветно успеваат во епистоларниот роман, освен реалистичната постапка и секојдневието, да вметнат и нота на надрализам, микрораскази од руски тип налик на оние на Хармс, извадоци од весници и списанија, книжевни критики, па сè до делови кои личат како репортажи од National Geographic. Сето ова придонесува овој роман да се чита и како дневник и како размена на електронска пошта и како лексикон на значења и долги прошетки по сферите на реалното, надреалното, магичниот реализам, чудесното и фантастичното. Роман, кој се испишува од психолошките игри и симулации на живот на Еписторие и Еписторија, двата влога на еден ист совршен јин-јанг карактер.

Но, не секогаш нивните дискурси се поклопуваат. Има моменти каде што Еписторија е поконзистентна во своите нарации, а Еписторие е пократок и полапидарен. Еписторија сè уште се држи на планетата Земја од аспект на нејзините стории и разгледби, додека пак Еписторие кокетира со фантастиката и гротеската. Еписторија на моменти има директно извадоци од статути, правилници, списанија, статистики и така натаму, а Еписторие ги црпи значењата од своите соништа.

А во вториот дел „штафетата“ на фантастиката и гротеската се предава на Еписторија. Сега Еписторија ја прегрнува фантастиката, гротеската и магичниот реализам, а Еписторие започнува патување во една рамка и своите приказни ги држи зауздани во една главна приказна, а тоа е неговото патување низ Русија со воз. Еписторие повторно е инфициран од руската поетика, но сега наместо Хармс, како „ментор“ се појавува Ерофеев. Во овој дел приказните на Еписторие се поконзистентни, а Еписторија е таа што се движи „збркано“ низ приказните. Најфреквентната постапка што ја употребува е колажот и краткиот спој. Движејќи се по линијата на фикцијата и фактографијата, рецептот на Еписторија е сериозно навлегување во еден постмодерноистички свет, каде што „everything goes“ не е банално искористено како изговор и извинување, туку напротив: во обидот да ја пренесе приказната по шините на фантастиката, таа го носи и баластот на секојдневната политика, економија, екологија и парапсихологија. Испробан рецепт со оригинално и внимателно дозирани состојки.

(Душко Крстевски)