„Зевзекманија“ во „хумористичен“ скеч се исмева со транс лицето кое неодамна го промени полот

13.06.2017 10:32
„Зевзекманија“ во „хумористичен“ скеч се исмева со транс лицето кое неодамна го промени полот

Телевизиската емисија „Зевзекманија“ на Канал 5 го допре дното со скечот каде се исмева транссексуалното лице кое неодамна направи операција за промена на полот од маж во жена, односно прилагодување на надворешниот (физички) изглед со родовиот идентитет, првата ваква хируршка интервенција во историјата на Македонија, која се изведе во болницата „Аџибадем Систина“.

Видеото, кое можете да го погледнете во прилог, е дегутантно ругање и банализирање на трансродноста, сведувајќи ја само на полови органи.

Во неколку наврати во видеото се користат погрешни заменки, ословувајќи ја пациентката во машки род, и правејќи го тоа дури и тенденциозно.

„Уште како детенце кога бев, се чувствував како жена, и секогаш, да ви кажам искрено, пимпекот ми беше како некој вишок, и никогаш кога одев на плажа со моите родители, не си го тегнев курето“, одговара фиктивната пациентка на прашањето од фиктивниот новинар, кога за прв пат се почувствувала како жена заробена во машко тело. Потоа, репортерот се обидува да ја исполитизира темата, прашувајќи на која политичка партија ѝ припаѓа пациентката, односно дали ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ останале без јајца и „кој остана со пимпекот во рака“. При крајот на скечот постои флагрантно исмевање на пациентката, со штипкање по образот и задникот, како и невкусно додворување и дофрлање, што само по себе претставува деградирачки третман кон сите жени.

Ова „дефинитивно е исмејување на транс лицата“, вели Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. „Ако тргнеме од тоа дека 'скечов' најверојатно ќе им биде смешен на трансфоби, хомофоби и шовинисти, можам да оценам дека истиот има елементи на говор на омраза. Хуморот и сатирата вообичаено се исклучуваат од регулација и кај нив се дозволува политичка некоректност, не би рекла дека скечов спаѓа во категорија хумор иако можеби тоа била идејата на авторите. Исто така, Советот на Европа расистичките шеги ги смета за ширење на негативни стереотипи на дискриминаторска основа. Но, во Македонија е тешко да добиеш заштита и во сериозни случаи на говор на омраза бидејќи немаме тело кое би ги санкционирало медиумите во случаи на говор на омраза, Комисијата за заштита од дискриминација судејќи според досегашните одговори на претставки, не го препознава говорот на омраза и не презема ефикасни мерки“, додава Дрндаревска и во тој контекст посочува дека, „на пример, за хомофобичниот говор на омраза на Миленко Неделковски имаме и препораки за кривично гонење од страна на ЕКРИ, а веќе повеќе од 2 години ОЈО не презема мерки за спроведување на соодветна истрага“.

„Апелираме до новата влада да преземе конкретни мерки за заштита и соодветно санкционирање на говорот на омраза согласно препораките на Советот на Европа“, вели Дрндаревска. „Поконкретно, сметам дека треба повторно да се овозможи АААВМУ да ги санкционира медиумите кои се користат со говорот на омразата“, заклучува таа во изјава за Queer.mk.

Извор: www.queer.mk