Министерот за култура Роберт Алаѓозовски ќе го отвори ЛГБТ+ викендот на гордоста во Скопје

22.06.2017 09:22
Отворање на изложбата EXPEAUSITION на Касилс

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ЛГБТИ Центарот за поддршка и ЛГБТ Јунајтед Тетово, имаат чест да ве поканат на отворањето на изложбата EXPEAUSITION (ИСКОЖБА) на Касилс, уметник кој според Хафингтон Пост е „еден од десетте трансродови уметници што влијаат на промената на пејзажот во современата уметност“.

Изложбата ќе биде отворена во Националната галерија на Р.М. – Мала Станица, на 22.06, четврток, во 20:30 часот. Изложбата, а со тоа и Викендот на гордоста 2017, ќе ја отвори Министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Овој чин претставува историски чекор, бидејќи вакво нешто прв пат се случува во Македонија – министер за култура да отвори културно-уметничка манифестација, која во преден план ја има квир културата и прашањата за родот и сексуалноста – посочува Славчо Димитров, еден од организаторите.

Со оваа изложба истовремено се отвора и петтиот по ред Викенд на гордоста Скопје. Целта на серијата настани во рамките на Викендот на гордоста е да креираат простор за ненормативни форми на социјални светови, односно релации, идентитетски позиции, и телесни стилови, кои во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, изродени, ненормални, неуспешни, патолошки, чудни итн. Носечка идеја зад годинешниот Викенд на гордоста се ТРАНС-ФОРМАЦИИТЕ. Со оваа носечка идеја организаторите сакаат да ги отворат прашањата за различните општествени и културни норми со кои се врамува човековата телесност, особено преку оските на родот и на сексуалноста, како и да ги претстават и да експериментираат со можностите за отпор и лизгање од нормативните решетки, токму преку самата телесност.

Касилс е меѓународно признат уметник познат по ригорозниот ангажман со телото како форма на социјална скулптура. Прикажувајќи серија тела трансформирани со посредство на строг режим на физички тренинг, уметничките дела на Касилс нудат споделени искуства за промислување на историите на насилството, застапувањето, борбата и опстанокот. Касилс ја поставува неодложноста, итноста и минливоста на перформансот изведен во живо, наспроти дела смислени за пред камера, со цел да се предизвика „документарниот фактор на вистината“ на сликите. Спротивставувајќи им се на родовите бинарности, Касилс не ја изведува трансродовоста како премин од еден во друг пол, туку како непрекинат процес на постанување, еден вид форма на отелотворување, која функционира во просторот на неодреденоста, згрченоста и непостојаноста. Црпи од концептуализмот, феминизмот, боди-артот, машката геј-естетика, при што создава серија моќни, вежбани тела за различни перформативни цели. Со посредство на потта, крвта и мускулите, Касилс конструира визуелна критика околу идеологиите и историите.