Финска мода за 21. век

24.06.2017 11:40
Финска мода за 21. век

Финците, како и другите луѓе ширум светот, се загрижени за заштитата на животната средина. Голем број граѓани на Финска одвојуваат сè што може да се рециклира: картон, хратија, стакло, метал и пластика, а неколку фински компании пронаоѓаат нови начини за повторна употреба на употребениот текстил. Со рециклирањето, старите крпи стануваат нови влакна и материјали, а потоа и нови модерни парчиња облека. Модните дизајнери покажуваат голем интерес за преработка на текстилот што го поттикна креирањето на единствена дизајнерска облека и додатоци.


Платно со историја

Дизајнерката Сеија Лукала во 2003 година се разочарала од некои аспекти на модната индустрија, кадешто работела повеќе од 13 години. Гледала како постојано се зголемува количеството материјали што постојано се фрлале и колку се лоши условите на вработените во текстилните фабрики.

„Сеија одлучи да креира облека и модни додатоци од стара облека и материјали и го основаше „Globe Hope“, вели Миса Асикаинен, која во финската компанија е задолжена за интернационална продажба. „Таа сфати дека додека се трошат природните ресурси, сè поголема е брзината на животот и работата, па потрошувачката култура на модната индустрија станува сè подеструктивна“, додава таа.

Денес, „Globe Hope“ е светски позната компанија чиишто вредности се засноваат на екологијата, етиката и естетиката. Нејзините колекции настануваат со комбинација на користени материјали. Така повторно се добиваат чанти, шешири, накит, како и маици, џемпери, фустани, панталони, јакни, капути, мантили и други парчиња, за жени и и мажи. Кога џебот на износениот капут ќе се сошие на друг материјал може да стане дел од нова модерна чанта.

Креациите на „Globe Hope“ често ја задржуваат етикетата на оригиналниот бренд и изгледот на износената гардероба, со назнаки за времето и местата кадешто настанала. Така, на пример, во една колекција искористена е јакна од шведската војска со печат на производство од 1932 година.

Нова примена на текстилот

Финските дизајнери се дел од растечкиот тренд: да се носи гардероба од текстилен отпад стана прашање на престиж. Тоа се вклопува во општата загриженост за заштитата на животната средина. Покрај „Globe Hope“, и други брендови ширум Скандинавија, континтална Европа и пошироко, се занимаваат со еколошко производство на текстил и секој од нив има сопствен пристап кон принципот на одржливост.

„Muka Va“, компанија чиешто име звучи како финскиот збор што значи „пријатно“, произведува женска и детска облека направена исклучиво од природни материјали. Така ги исполнила условите за учество на „Ethical Fashion Show“ што се одржува во Берлин и е ориентирано кон одржливост и екологија. Уште еден фински бренд „Papu“ (името на фински јазик значи „грав“) произведува облека за бебиња направена од памук, според сертификатот на „Global Organic Textile Standard“ кој ги поставува условите и општествените критериуми за цел ланец на производители на текстил.

Финската компанија „Pure Waste“, пак, намерно се откажала од боите. Тие го сортираат текстилниот отпад според боја и квалитет за да произведат само бели, црни или сиви маици и тренерки за жени и мажи. Според нивните пресметки, „Pure Waste“ досега заштедил 200 милиони литри вода, бидејќи е потребно просечно околу 11.000 литри вода за да се произведе еден килограм памук.

Нов живот за старите материјали

Летото 2016 година, 12 тони половен текстил тргна од југозападниот фински град Турк кон Холандија. Испораката е дел од пилот проектот „Textile 2.0“ кој се состои од собирање стара облека и други текстилни производи. Сè се рециклира во Холандија и потоа се користи за индустриските потреби на Европската Унија, особено во автомобилската индустрија.

Уште една финска компанија „Dafecor“ користи текстилен отпад од продавниците за облека за да направи други производи, намалувајќи го оптоварувањето на животната средина.

„Ние го штедиме вишокот ткаенина кој инаку би отишол во депонија каде се гори отпадот. Со рециклажа од тоа правиме влакна и на производите им даваме нов живот“, вели директорот Ристо Саха.

„Dafecor“ произведува подлоги за паркет, мебел и специјални килими кои впиваат вода и други течности, масти и хемикалии, а се намененти за технички потреби.

„Екологијата не е цел сама за себе, таа е дел од пошироката општествена, економска и еколошка одржливост на Финска“, вели Саха.

Извор: XXZ

ОкоБоли главаВицФото