1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Минас Бакалчев
Постојат повеќе причини зошто треба да се заштити Скопје 2014.
Прво, не треба да паднеме во замката која нè втурнува во спиралата на континуирано себепоништување, да се занимаваме со едно исто, а најмалку да повикуваме на деструкција и да уживаме во неа. Спротивното, сигурно ќе има економски, но и социјални и психолошки последици врз граѓаните.
Второ, треба да го избегнеме методот со кој се користеше Скопје 2014, да поништува сè што е друго.
Трето, Скопје 2014 е уникатна појава и како таква треба да остане како еден слој од биографијата на градот, во која градот ќе биде сфатен како плуралистички мозаик на можните градови во градот.
Четврто, Скопје 2014 треба да стане продуктивна основа за реконтекстуализација на градот, поттик како за критика така и за развој и за можна креативна ретроактивна логика на градот.
Затоа сите фасади, сите згради, сите мостови, сите канделабри, сите скулптури, сите балустради, сите палми, треба да се видат и на друг начин, да станат повод за креативно преобмислување на градот. Некогаш не е потребен радикален зафат, но потребно е на нов начин да се видат постојните нешта. Треба на нов начин да го видиме Скопје 2014, не како политички памфлет, не како тоталитарен детерминизам во просторот, туку како изграден факт кој можностите на употреба ги добива од оние кои го употребуваат, благородноста од оној кој е во него.
Амнестија на изградената реалност
Затоа, треба да се послужиме со методите на: одложена пресуда (Suspension of judgment): „Пресудите ве прават да се чувствувате многу тешко. Попрво би го одложил моментот на пресуда - прашањето на моралноста - сè до последниот момент, или би ги одложил во потполност.“ (Koolhaas, 1995, p 826)); или со перформативен контекстуализам: „Никогаш не руши, никогаш не преместувај, не заменувај, секогаш додавај, трансформирај и реупотребувај“ (Druot, F., Lacaton, A., Vassal, J.P., 2007, p 23); или со амнестија на изградената реалност (Amnesty for Constructed Reality) на Лаурид Ортнер (Laurids Ortner,1986): „ќе биде нужно да се прифати тоталитетот на оваа непријатна реалност и да се делува на идниот развој со една непристрасна состојба на умот“. Се разбира, сите овие пристапи се однесуват на различни контексти, на баналноста на современите градски пејзажи, на безличноста на масовниот модернизам... но во случајот на Скопје треба да стане една од тактиките на однесување со изградената реалност.
Скопје 2014 ни ја покажа реалноста, нашата вистинска можност и неможност во некои сложени, но и секојдневни работи, идејни, но и конкретни градежно-занаетски работи. Колку сме и колку не сме во можност да одговориме на архитектонските и градежните предизвици.. И секако, скоро ендемската состојба на неукост, невештост во совладување на градскиот партер. Колку поинтензивно дебатиравме за нијансите на стилската синтакса на фасадите, толку повеќе се распаѓаше новиот градски партер, колку повеќе учевме за историските периоди на архитектурата, толку повеќе одевме во кал и ѓубре, колку повеќе им се потсмевавме на чудните скулпторски решенија, толку позасилено „летните тераси“ на кафанџиите ни го заземаа јавниот простор. Професорот Живко Поповски во еден тмурен дождлив ден на колегите на седница на Архитектонскиот факултет им упати критика: во Скопје немаме тротоари. Многу години подоцна останува истата елементарна цивилизациска забелешка.
Билјана Јовановска
Објективно и добронамерно размислување. Вистинољубиво. Без претензии да се фалсификува современиот миг, каков-таков, кој уште утре ќе стане историја, непосреден општестве запис. Колку и да е грда сликата во огледалото, треба да ја погледнеме. Вистинољубив човек.
Донка Барџиева Трајковска
Навистина не разбирам за какво вистинољубие говорите. Вистинољубието по својата суштина е поврзано со чувство за праведност и добрина. Кога станува збор за зло, во случајов злото наречено Скопје 2014, најмалку што може да направи еден вистинољубив човек е да го осуди, а не да бара амнестија и да побара од злото да направи проект кој ќе биде предмет на проучување од друг проект! Тука не гледам никакво вистинољубие. Па не се само градбите и скулптурите, не се само сите канделабри и балустради ,,кои треба да се видат и на друг начин, да станат повод за креативно преобмислување на градот“, туку идеолошката, пропагандната и криминалната позадина на сето она што го создаде ова зло. Не можеме да ги заборавиме мотивот и лошите намери, осиромашените граѓани со чии пари е создадено ова зло. Барањето амнестија за Скопје 2014 е барање амнестија за самиот злосторник. Каде гледате вистинољубие овде? Од друга страна, како професор, Бакалчев би требало да знае дека кој било објект кој во себе не содржи ништо креативно не може да стане „повод за креативно преобмислување (на градот)“! А такви се градбите, скулптурите, балустрадите... Некреативни пропагандни билборди кои треба да ги оставиме и понатаму да зрачат пропаганда?! Каде е тука вистинољубието?
Кога станува збор за „сликата во огледалото“, таа е морална категорија и упатува на постоење на совест и не може да ни биде упатена нам, на граѓаните, туку на оној кој го направил злото и на сите други кои на каков било начин биле соучесници. Кај ни е направено зло, уништен ни е градот, потрошени се нашите пари со кои можеа да се направат многу добри дела (во етичка смисла на зборот), па уште треба нас да нè осудите секој ден да го гледаме тоа зло за никогаш да не го заборавиме? Каде е тука вистинољубието? Најголемиот број граѓани кои го осудуваат овој т.н. Проект со чиста совест се погледнуваат во огледало. Не знам како им е на оние другите! Сосема друга работа е што ќе се прави со градбите, скулптурите и балустрадите, кој сè ќе одговара за уништувањето на градот и бескрупулозното трошење на нашите пари. Но, едно знам. Градот ни припаѓа нам, на граѓаните и имаме право да си го побараме назад, таков каков што ни беше. А професорот може да си најде некој покреативен проект затоа што Скопје 2014 е само скапо платен, но евтин политички памфлет кој „можностите на употреба“ не може да ги добива од оние кои го употребуваат, ниту благородност „од оној кој е во него“! Тоа е целосно противречно и неспроведливо!
Целиот текст на Бакалчев е достапен на овој линк.
Слики: Александар Ковачевски