Најден е шлемот на Александар Македонски!

10.07.2017 16:04
Најден е шлемот на Александар Македонски!

Еден кус и подбивен бугарски виц се расеа деновиве по македонските социјални мрежи, како глуварче носено од моќни кибернетски ветришта. Го пренесувам глуварчето како што слетало: „Македонски археолози откриха шлема Александар Македонски. Радостни, те копаха ошче 4 часа и намериха и мотоциклета му!“. Хахаха, прекрасен епиграмски виц, што убиствено прецизно ја слика македонската идентитетска мизерија во која не втурна вмровската малоумна александризација. И повеќе од виц: се работи за вистинска дијагноза, украсена со феноменален хумористичен пресврт на крајот. Секоја чест, браќа. Навистина, има ли појасна визуелизација на безнадежната глупост на нашето децениско седржавно инсистирање на наследството на постхумните остатоци на Алехандро – како крунски доказ за нашите родбински наследни права – од наоѓањето на оригиналната сообраќајна опрема и дури личното мотоцикле на големиот антички воин? Но, вицовите со етнонационални јунаци секогаш носат сериозни пораки за некои општествени состојби, менталитети и – како во нашиов случај – јасни податоци за најстарата натпреварувачка игра помеѓу народите: психосоцијалното подредување според чувствата на супериорност и инфериорност. Од вицов за мотоциклето на Алехандро, весело одзрачува супериорноста на бугарските автори на кибер глуварчето, една топла човечка надмоќ – небаре сожалување - што со векови на Балканот се одгледува кон заштитените селски будалетинки.

А, паметам време – откога прогледав, па до пред некоја деценија – кога ги гледавме сите наши (југословенски!) комшии со чувство на некаква вродена, небаре кралска супериорност. Оние од социјалистичкиот лагер ги гледавме од високо, со благородничка емпатија, зашто ги сметавме заробени во сталинскиот кафез што ние одлучно го отфрливме. А, оние од западна Европа ги гледавме гордо и супериорно, зашто бевме победници над фашизмот од кој сите тие подлегнаа. По истокот парадиравме како поп звезди, и со денес потполно нестварна леснотија ги „поднесувавме“ нивните завидливи погледи и додворувања . Додека по западот чекоревме цврсто и одлучно, како ние, тогашните младинци - зелен јужнословенски бостан – лично да сме ги ослободиле од окупација. Знам, звучи како забегано старечко бладање, но имам куп јасни сеќавања како шетам по европските метрополи со чекор на ослободител, а крпените фармерки-ѕвонарки ги пафтам како украсни сари од улански коњанички чизми. Дома, пак, немаше ден во кој ќе испуштевме прилика да не си раскажеме по некој омаловажувачки виц за комшиите, на пример: „Му се јавува по телефон Брежњев на бугарскиот лидер Тодор Живков и му се обраќа – Ало, товариш..., а Живков уплашено го прекинува – Товарим, другар Брежњев, товарим...“ Кога задоволно ќе се оклештевме на сто пати чуениот виц – што сеедно ни ја милуваше суетата , ќе прејдевме на другите комшии: „Зошто албанските подморници одат цело време горе и долу?“ – и тука нараторот со рака прави стрмна синусоида, а сите во глас одговараме: „За морнарите да земат воздух!“ И уште илјада вакви, инфантилни, елементарни и евтини подбивања, што ги сметавме за природен поредок на нештата, за космички закон во кој е засекогаш уредено дека ние сме горе, а другиве доле.

И сета таа наша детска, вулгарна и со ништо заслужена супериорност, ја шетавме по светот единствено зашто го правевме она што и сите деца: се идентификувавме со нашите татковци – победници во светската антифашистичка војна. Се сметавме за природни господари на светот, зашто се идентификувавме со она што и бевме: млада и модерна самосоздадена нација што ја оствари сопствената национална и културна еманципација во огнот на најголемата од сите војни, под знамето на најдоблесната од сите идеологии, а сето тоа под водство на најголемата глобална легенда на отпорот против фашизмот – маршалот Тито и неговите партизани. Прашањето за националниот идентитет – особено меѓу нас младинците – воопшто не постоеше: сите знаевме што сме и кои сме – и бевме горди на тоа! Конечно, за првите половина и кусур век од постоењето на македонската држава, нација и култура, нашиот идентитет го градеа – и изградија! – нашите најталентирани и најголеми луѓе: поети, писатели и уметници, научници и инженери, и други сериозни Македонци од сите струки. И, наеднаш – или, можеби, не така нагло - сето тоа го испуштивме во канализација, кротко и апатично, во деценија на национален себезаборав и индиферентност!

Дозволивме – во „достоинствена“ конформистичка тишина - нашиот победнички и модернистички идентитет да ни го украде најдолниот талог на нацијата – фашистичката вмровска фаланга, губитниците во народно-ослободителната војна и соработници на бугарската фашистичка влада, за првин да го избрише сето создадено, да го претвори во ништо, а потем да го замени со понижувачка, лажна и перверзна гротеска. Во оваа културно-историска трагедија, многу, многу поглупа и поапсурдна идентитетска трагедија од онаа Едиповата, славната револуционерна социјалистичка епопеја во која ја создадовме македонската држава и култура станува маргинална епизода, а централна фигура на новиот перверзен идентитет стануваат Алехандро Магно и вмровските фашисти како наследници на неговата полубожествена крв.
За лажните идентитети Жид напишал дека „е подобро да се биде омразен за она што си, отколку да бидеш сакан поради она што не си“, но ние отидовме многу подолу: ги отфрливме почитта и љубовта што ги уживавме поради она што бевме, во замена за сожалување и подбив поради она што не сме. Поради шлемот на Александар Трети Македонски и неговото мотоцикле марка ВМРО. Има ли подолна позиција во меѓународната игра на социјално подредување?

Така што, мораме да сфатиме, почитувани читатели, дека додека на главниот плоштад на престолнината дречи и ечи апсолутно најглупавиот и најштетниот државно-споменичен артефакт во македонската историја – споменикот на Алехандро Магно, Македонците нема да излезат од вмровската политичка јама. Ако не разбереме дека исфрлањето на спомениците на Алехандро и неговото семејство од јавниот простор е поважно и од украдените милијарди, и од сторените криминали и дури од економската депресија во која се давиме, сè што ќе направиме ќе биде само турирање в место на „Алехандра мотоциклето“ во дното на јамата и фрлање кал од задното тркало врз „шлема“ што гордо ќе го носиме. Тоа е тоа: симболите се постварни од реалноста, а симболите на злото се посмртоносни и од смртта!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат