Годишнина од Охридскиот рамковен договор: причините за една војна

14.08.2017 06:20
Годишнина од Охридскиот рамковен договор: причините за една војна

„Сè уште не знаеме што ни се случи во 2001“, е рефрен кој, во Македонија, со неподнослива леснотија го повторуваат политичари и интелектуалци, од кои, сепак, се очекува да знаат. Во меѓувреме, навистина не знаејќи што ни се случи во 2001, една сосема нова генерација ученици и студенти, со чувство на загубено достоинство, протестираат по улиците на македонските градови. Тоа чувство нема да исчезне додека тие не ја осознаат вистината. Оваа анализа е уште еден мој обид во таа насока.

Политичката литература која последнава деценија го истражува искуството на дваесет и двете држави кои настанаа со распаѓањето на Советскиот Сојуз, Југославија и Чехословачка, доаѓа до корисни генерални сознанија. Една од нив е дека изборот на несоодветна стратегија на градење на држава и градење на нација во услови на демократија, може да го постави целото општество на погрешен колосек.

Хуан Линц и Алфред Степан, долгогодишни истражувачи на демократијата во светот, прават една корисна шема за односите меѓу државата, нацијата (или нациите) и демократијата. Изборот на стратегија за градење држава и градење нација во услови на демократија, заклучуваат тие, зависи од конкретната ситуација во која што се наоѓа државата. Ситуацијата, пак, зависи од присуството на други нации на државната територија, покрај титуларната нација.

Така, ситуација прва: ако не постои друга нација, лесно се консолидира демократска нација-држава, со мнозински систем на одлучување. Ситуација втора: кога на територијата на државата, покрај титуларната има и друга нација, демократската нација-држава е можна ако другата нација не е национално разбудена. Ситуација трета: кога другата нација е национално разбудена, тоа произведува конфликт, правејќи ја демократијата тешка, иако не и неостварлива. Демократска консолидација е можна само ако внимателно се осмисли политичкиот систем, а државата се движи кон мултинационална држава. Ситуација четврта: кога покрај титуларната нација постои нација која е милитантна, тоа генерира толку многу конфликт или репресија што ја прави демократската консолидација крајно неизвесна. Имено, ваквата држава ќе биде изложена на силни притисоци за територијално раздвојување особено ако е можна територијална демаркација помеѓу етничките групи. Во такви услови можно е раздвојување и воспоставување демократски систем во двете држави. Доколку не постои територијална основа за етничкото раздвојување, мирниот „развод“ е невозможен, а продолжената милитантност не дозволува консолидација на демократијата.

Ситуацијата на која најмногу личи Македонија во 1991 е Ситуација три. А, сепак, Уставот од 1991 година ја избра Ситуација еден, поставувајќи ја Македонија на погрешен пат на демократска транзиција. Можеме да најдеме бројни оправдувања зошто се определивме токму за мнозинскиот систем на граѓанска демократија: од стравот за сопствениот опстанок, па до подивеаните национализми кои ја раскинуваа југословенската федерација долж етничките линии. Но, избирајќи ја погрешната стратегија, не само што не ја унапредивме демократијата во Македонија, туку, десет години подоцна, завршиме едно скалило подолу на споменатата листа на ситуации – со милитантна албанска нација, со воен конфликт и барања за цепење на државата долж етничи линии. Имено, во 1991 се определивме за стратегија која е карактеристична за држава во која покрај титуларната, не постои друга нација. Согласно ваквата логика - самите си го изгласавме Уставот. Така, нашите политички водачи ја испратија пораката дека Македонија е на етничките Македонци зашто секоја држава треба да тежнее да стане нација-држава, а секоја нација треба да стане држава. Тоа некогаш и можело да се прогласи, и, како во Франција во деветнаесеттиот век, да се реализира во практиката. Имено, Француската држава, водена од јакобинската идеја за „нација една и неделива“, преку координирана политика во образованието, јавните служби и војската, систематски го потисна и го елиминира мултилингвизмот и мултикултурализмот во земјата. Денес, на почетокот на дваесет и првиот век во Европа, таквата политика е однапред осудена на неуспех.

Во деценијата по прогласувањето на Уставот добивме потврда за уште една научна аксиома во политиката – дека, во услови на слобода, решавањето на правичен начин на релацијата „полис-демос“, или „држава-народ“, мора да му претходи на обликувањето на демократските институции. Зашто, демократска држава е можна само ако, како држава, има легитимитет во очите на сите нејзини составни делови. Во спротивно, нема демократска држава. Во случајот на Македонија, Уставот, за да биде прифатен, требаше да исполни една исклучително тешка задача – да конструира правичност на релација „држава – народи“! За тоа, пак, беше потребен договер меѓу „демосите“, кој не се постигна во 1991. Тој недостаток не можеше да биде надминат со „демократија“, зашто, како што предвидува уште еден научен авторитет Роберт Дал, „вредноста на демократскиот процес ја претпоставува правичноста на државата...бидејќи неа не може да ја направи правична демократскиот процес“. Ние Македонците знаевме што е правична држава за нас и концептот го преточивме во уставен текст, кој самите си го изгласавме. Накусо: национална држава на македонскиот народ и права на малцинствата. Но, маките на демократското живеење, маките на живот во слобода за сите, а не само за нас, се огледаат во неопходноста и другите да се прашаат. Тоа не го сторивме. А, кога доминација на Македонците во Парламентот, го блокира процесот на артикулација на интересите на Албанците во државната политика, ситуацијата се излеа на улиците. Уставниот систем, кој немаше заштитни механизми за малцинствата, за да може политиката да ги апсорбира нивните барања и да ги преведе во државна политика, се најде во улога на генератор на кризата. Во такви услови, национализмот а не демократијата, станаа „единствената игра во градот“, а гневот и заемната нетрпеливост растеше со секој изминат ден. Македонија зачекори на патот кој водеше до етнички конфликт. Се работеше само за време кога македонскиот национализам ќе биде предизвикан од албанскиот национализам во форма на конфронтација меѓу двете етнички заедници. Тоа ни се случи десет години по донесувањето на Уставот.

Во 2001, под меѓународен притисок и со помош на НАТО, се прекина вооружениот конфликт, а Македонија беше принудена да ја напушти политичката стратегија од 1991 година која што не го издржа тестот на времето. Охридскиот договор ја постави македонската демократија на друг колосек. Се најдовме во Ситуација три на Линц и на Степан која, да се потсетиме уште еднаш, гласи: Кога друга нација е разбудена таа произведува конфликти, правејќи ја демократијата тешка, иако не и неостварлива; демократска консолидација е можна само ако внимателно се осмисли политичкиот систем, а државата се движи кон мултиетничка држава. Во основата на новата стратегија е консензуалната демократија во форма на комбинација на политичкиот либерализам кој почива врз правата на индивидуата и колективните права на народите. Доколку бргу се изгради еден нов консензуален стил во македонската политика кој успешно ќе се носи со нужноста од деликатно етничко балансирање на сите нивоа на политичкото одлучување, Македонија би можела да тргне на патот на демократска консолидација. Во спротивно, а тоа го покажуваат искуствата на многу држави, сѐ погласни ќе бидат барањата за територијално раздвојување во форма на федерализација или цепење на земјата.

Проблемот во Македонија денес, е што нема политичко движење кое што безрезервно би ја отфрлило старата и би се идентификувало со новата демократска стратегија. Тоа е логично. Десетте години доминација на на национализмот ја прави стратегијата непопуларна кај македонскиот народ, а нема политичар на светот кој сака да биде непопуларен. Згора на ова, наметната однадвор, новата демократска стратегија не е резултат на нашата свест. Така, се добива впечаток дека дури и оние македонски политичари кои го поддржуваат Охридскиот договор, на него не гледаат како на нова страница на демократската историја на државата, туку како на изнудена статистичка операција која што треба да се истурка до крај. Таквото поведение не може да биде без последици. Зашто, отсуството на визија кај политичарите и кај интелектуалците за една нова демократска Македонија, го отежнува процесот на транзиција, а демократската консолидација ја прави крајно неизвесна. Во меѓувреме, не знаејќи што ни се случи во 2001 година, младата генерација би можела да почне да работи против својата иднина.

(Прв пат објавено во 2004 година, во списанието New Balkan Politics)

Извор: Плусинфо

Скулптури на сликите: Laurent Craste