Војна и мир во балканската дробина

29.08.2017 10:32
Војна и мир во балканската дробина

За само четиринаесетина дена, колку што бев во постојбината на митските кентаури, под илјадагодишните дабови од коишто во дамнина бил изделкан Јасоновиот Арго – лаѓата што ги носела Аргонаутите во нивната потрага по Златното Руно, за тие секавични две недели митска изолација, на балканот се случија и Војна и Мир. Слушнав, со блажено задоцнување, дека Македонија и Србија биле во војна, дека имало забивање бодежи в грб на национално ниво и дека во војната учествувале сите Македонци и Срби во вселената. Но, за среќа, пред воените разорувања да ја достигнат својата највисока магнитуда, пред експлозивноста на судирот да ја достигне критичната маса - чијашто гравитација неповратно ќе ја создадеше најголемата црна дупка во овој дел од универзумот (што ќе го всмукаше светот во својата астрофизичка ништотија); безмалку милиметар пред библискиот смак на светот, сепак победи разумот, и мирот – како по чудо – повторно завладеа со центарот на вселената, во нашата легендарна балканска дробина. Уште со бјаломорските кристали сол на кожата, втрчувам и го палам телевизорот да сознаам што всушност се случило, и гледам – Македонија и Србија се најдоа на светските вести – што е најлошата вест воопшто, но содржината на веста беше смирувачка. Велат, мирот и разумот завладеаја повторно во темното буре во кое некогаш се чувал барут, а денес шупликаво мириса на црвоточина, винска мувла и расипан расол; мирот бил постигнат со дијалог, што бил поздравен во целиот свет... а, можеби и пошироко.

Но, целава оваа непостоечка, но перверзно реална војна и мир, укажува на суштествената лажност на стварноста што ја создаваат политички управуваните медиуми. Таа лажна стварност што порано ја создаваа тоталитарните држави, денес – веќе триесеттина години, најмалку – ја создаваат современите демократии што не забележале дека тоа веќе не се. На таа нова тоталитаристичка стварност креирана од симбиозата на етно-национализмот и неолиберализмот укажуваше уште во деведесеттите германскиот филозоф Петер Слотердијк, кој медиумските катастрофични остварувања како што беа македонско-српската војна и мир, ги нарече со терминот „национал-журнализам“. Германскиот филозоф ги нарекува современите нации „колективи на заедничкото слушање“ (и гледање, би додал јас), па таквата нова и сеопфатна „информираност“ на луѓето тој ја изедначува со „заробеност“ што лесно се претвара во колективна заблуда, занес, гнев или која било психо-социјална состојба.

Виктор Иванчиќ ни раскажува дека во средината на деведесеттите Слотердијк одржал предавање под наслов „Јака причина да се биде заедно“, во кое ја дефинирал улогата на т.н. национал-журнализам како произведувач на „вообединувачки хистерии и интегрирачки паники“ чијашто основна цел е да ја одржува нацијата како „вибрирачко медиумско тело“. Медиумите, според него, се посветени нацијата како „информиран колектив“ со трајни тематски иритации да ја држат на купче, па така современите нации стануваат „општества на самовозбудувањето“ што своето постоење го одржуваат со медиумски индуцираниот стрес. Овој основен ниво на хистерија, паника, страв, па конечно и омраза и гнев, и е неопходен на современата медиумска нација за да се сочува од погубните прашања на разумот, а секогаш кога за оваа цел ќе занема домашни теми, во помош се повикува – односно се конструира, се измислува – секогаш постоечкиот „непријател од општа пракса“ - оној Другиот.

Оваа творба на српскиот „национал-журнализам“ ја доживеав како веќе видена, и тоа до повраќање повторно и повторно гледана на домашните национал-медиуми, цела деценија и кусур. Така што, братскиот српски народ својата иднина може да си ја види во нашето скорешно минато, а часовникот може да го подеси според датумите кога на лудаците од вмро им текна својот лажен и кичерски турбо-македонизам да го слават со поставувањето на огромни метални бандеришта на коишто го окачуваа националното знаме, со што – ги слушавме кретените како ни објаснуваат – го подигаа либидото на нацијата. Е, деновиве прочитав, со задоцнување – се разбира, како и српските браќа се бават со кревање гигантски знаменосни јарболи со истите национал-либидозни мотиви. За греота.

Затекнав, меѓутоа, во домашниот медиумски простор, една мека и недоволно тактична злорадост, што претпоставувам дека потекнува од сосем неоснованото чувство на супериорност – од очигледната заблуда дека ние сме го надминале нашиот „колапс на разумот“ од времето на владеењето на малоумниот вмровски тоталитаризам. Оваа сурова заблуда, за жал, е манифестација на истата состојба на духот на нашата „информирана нација“ што беше долгогодишен „пациент“ на вмровскиот национал-журнализам; тоа е истата стеснета свест што се правеше недоветна додека цела деценија глумеше „нормалност“ и го овозможи владеењето на една клептократска партиска држава. Преуранетата еуфорија од смената на власта не смее да нè залаже во согледувањето на нашата структурално уништена и кретенизирана реалност, зашто огромното тело на вмровскиот општествен и културен канцер уште се башкари распослано по целата територија на библиската земја. Премногу навикнати од децениското правење недоветни, како да забораваме дека департизацијата на институциите на државата практично не ни започнала, културната денацификација уште не ја ни согледуваме добро, а за деконтаминацијата на нашата ничкосана свест уште не сме нашле ниту идеолошки и интелектуални алатки. Додека непостоечката војна со Србија лесно ја добивме, допрва треба да го извојуваме нашиот домашен мир.

Слики: Александар Дојранлиев
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото