Поддршка од институциите за ревитализација на Офицерскиот дом во Битола

04.09.2017 03:14
Офицерски дом

Прашањето за ревитализација на Офицерскиот дом во Битола е повторно отворено, со целосна поддршка од институциите


Јавната дискусија „Каков Офицерски дом ни треба?“, која се одржа вчера напладне пред Офицерскиот дом во Битола како централен настан на 12-то издание на фестивалот за современи уметности АКТО, ги обедини битолчани во барањето што поскоро да се реши статусот на ова културно наследство, кое со години наназад е оставено да се руинира под забот на времето. Битолчани беа едногласни дека е потребно да се врати некогашниот сјај на Офицерскиот дом, но најпрво потребно е тој простор да се заштити од понатамошно оштетување и да добие соодветен статус на културно наследство.

На дебатата присуствуваше и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој вети дека Министерството ќе застане зад постапките потребни овој објект повторно да се врати во функција на културата на градот. Според него, тоа треба да се одвива во духот на децентрализацијата, со цел битолчани да ја имаат целата слобода и надлежност за управување со просторот.

-Најпрво ќе ги оставиме институциите и експертите да одлучат кое ниво на заштита е потребно за Офицерскиот дом и тие ќе го имаат главниот збор. Бидејќи се залагаме за децентрализација, сметам дека Битола треба да ја задржи надлежноста за Офицерскиот дом, со цел битолчани да не бидат во хиерархиски инфериорна позиција. Потребно е да се изврши и понатамошна фискална децентрализација, со цел овие објекти да можат во конинуитет да ја извршуваат својата функција. Верувам дека во синергија со локалните власти ќе успееме најпрво да го заштитиме овој објект, а потоа и да се најде и соодветен модел на фунцкионирање за него - рече Алаѓозовски, обраќајќи се кон присутните на настанот.

В.д. директорот на НУ Завод и Музеј Битола, Александар Литовски, пак, истакна дека неговата институција има капацитет и стручност да го обнови објектот и покрај тоа што Офицерскиот дом е доведен во тешка состојба која го комплицира конзервирањето и заштитата.

На дебатата меѓу другите беа поканети и активисти од Битола и Скопје, парламентарци од повеќе политички партии и членови на комисијата за култура, членови на советот за култура на општина Битола од повеќе политички партии, експерти за културно наследство и, се разбира, граѓани на Битола заинтересирани за ова прашање. Расправата беше конципирана во три кругови. Најпрво учесниците елаборираа во делот на значењето на Офицерскиот дом како културно наследство и реперкусиите од (не)користењето на објектот во изминатите години, а понудија и неколку одели за негово користење во иднина. Во вториот круг збор зедоа претставниците од државните институции и експертите за културно наследство, а понатаму дебатата се разви со сите присутни граѓани на Битола.

Одисеј Јовановски, архитект од Битола и претставник од работната група за Офицерски дом во рамки на проектот „Културни простори за активни граѓани“, најпрво ги изложи карактеристиките на Офицерскиот дом кои го прават исклучително вреден и архитектонски значаен објект. Тој исто така ја потенцираше потребата објектот да се заштити, а потоа да се реставрира и да му се најде намена - сето тоа ставено во соодветна законска рамка.

Кристина Бицева, советник при Управата за заштита на културно наследство, детално го елаборираше историјатот на Офицерскиот дом преку законодавна призма и неговиот премин во рацете на повеќе сопственици, кои за жал не сториле ништо во прилог на негова обнова. Таа исто така го посочи и проблемот со заштита на придружните објекти од околината на Офицерскиот дом, кои ја заокружуваат целината на просторот, како подофицерскиот дом, фонтаната зад домот и споменикот на Стив Наумов.

Билјана Тануровска - Ќулавковски, извршна директорка на Локомотива-Скопје, менаџерка во културата и кураторка, изложи неколку можни хибридни модели на управување со Офицерскиот дом во иднина.

-Ние во моментов имаме еден централистички пристап на управување со јавните добра, како што впрочем стои и во Законот за култура. Потребна ни е свест дека јавното добро им припаѓа на граѓаните и тие треба директно да учествуваат не само во анализата, туку и во процесот на имплементација на идеите - вели Тануровска.

Таа исто така изложи неколку начини на хибридно и партиципативно управување со просторот, а како потенцијално добро решение за конкретниот случај го посочи моделот на делегирана одговорност, според кој Офицерскиот дом би бил даден на користење на општината, а понатаму по пат на конкурс да се додели на некоја
граѓанска организација или асоцијација која што ќе раководи со просторот.

Како последна говорничка во првиот круг на агората беше Наташа Бодорожиќ од Загреб, кураторка и менаџер на проектот на иницијативата „Мотел Трогир“.

-Погрешно е да се гледа на односот помеѓу државните институции и граѓанскиот сектор како исклучиво антагонистички и сопернички. Мора да се развива партнерски однос, со цел да се дојде до позитивни промени, кои тргнуваат „од долу кон горе“ - вели Бодорожиќ.

Во вториот круг на дебатата, пратениците Ирена Стефоска, Ивана Туфекџиќ и Павле Богоевски од Скопје, кои исто така присуствуваа на дискусијата, ја дадоа својата поддршка кон иницијативата Офицерскиот дом да се ревитализира, со ветување дека ќе застанат зад сите потребни законски измени во тој дел. Стефоска истакна дека можеме да размислуваме за Офицерскиот дом дури и како регонален културен центар, со оглед на географската положба на Битола. Туфекџиќ ги охрабри граѓаните да не престануваат гласно да говорат за проблемот, а Павле Богоевски му се обрати директно на Министерот за култура, поттикнувајќи го да направи сѐ што е во негова моќ за да се реши пробемот и да се формира посебна комисија во склоп на министерството ако тоа е потребно.

Донка Барџиева Трајковска, универзитетска професорка и претседателка на Центарот за зашита на културното наследство вели дека во Македонија овие проблеми воопшто не се третирани на системско ниво.
-Ние воопшто немаме систем. Доколку имавме, Офицерскиот дом сега ќе имаше своја намена. Надлежните институции треба итно да го заштитат како културно наследство - вели Барџиева Трајковска.

Пратеникот од Битола, Васко Ковачевски, пак, истакна дека Офицерскиот дом е икона на Битола, културно наследство на Македонија и не смее да биде монета за поткусурување.

-Штетата е сторена, но може да се поправи, како пратеник ќе направам сѐ што можам за Офицерскиот дом повторно да се врати во функција, бидејќи сите кои добиле раководни позиции сносат одговорност - вели Ковачевски.

Граѓаните на Битола кои во голем број присуствуваа на дебатата и пројавија огромен интерес за темата, понудија своја визија за Офицерскиот дом, базирана врз нивните лични сеќавања на домот од неговите подобри денови кога бил културен центар на градот. Нивните забелешки претежно се однесуваа кон итната потреба местото да се затвори и да се назначат чувари кои ќе го штитат домот од понатамошно оштетување, додека не се најде соодветно решение за него.

Старите битолчани кои се сеќаваат на домот од неговите златни времиња, како и музичарите, велат дека таму постојат концертни сали со одлична акустика кои се на врвно ниво на целиот Балкан и капацитет доволен за битолската публика, па тие простории треба повторно да се наменат токму за концертни настапи на камерни состави или хорови.

-Вториот кат од Офицерскиот дом треба да биде концертен простор. Таму може слободно да гостуваат музичари од светски ранг, а и да се одржува фестивалот „Интерфест“ - вели Маријан Ивановски, виолинист од Битола.

Битолчанката Софија Бејковска, пак, смета дека низ целиот процес на ревитализација потребно е да има транспарентност и наместо делегирана одговорност на неколку невладини организации, како што предложија говорниците, Офицерскиот дом најдиректно да им се остави на граѓаните на Битола.

Анастасија Трајковска, архитектка од Битола, ја процени сумата потребна за ревитализација на офицерскиот дом на 900.000 евра, а Благојче Котевски кој во изминатите години беше член на општинскиот совет на Битола, вели дека со секој нов буџет барал да се издвојат средства за реновирање на офицерскиот дом, но мнозинството редовно гласало против.

Благој Шаклевски, член на мнозинството во советот на општина Битола, истакна дека проблемот не треба непотребно да се политизира, бидејќи политиката неретко е инструмент на прикриените бизнис интереси во случајов. Тој исто така ги обвини пратениците дека со последниот ребаланс на буџетот, се скратиле средствата кои биле предвидени за реновирање на Офцерскиот дом. На овој исказ следеше лавина од жестоки реакции, пред сѐ од граѓаните, кои прашуваа што се чекало цели десет години за да се отпочне со реновирање на домот, а министерот Роберт Алаѓозовски пак реплицираше дека ова тврдење не е точно.


Модератори на расправата беа Дона Костуранова, извршен директор на Младински образовен форум (МОФ) и Милан Живковиќ, експерт за работнички права, директор на канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт во Македонија. Оваа расправа е дел од проектот „Културни простори за активни граѓани“ која дејствува во насока на развој на платформа за соработка и ко-управување со јавни простори, преку партиципативни процеси и соработка на граѓанскиот сектор, конституентите и локалната власт. Акцијата содржи развој на механизми за вклучување и (ко)управување, како и поддршка и развој на релевантни социо-политички содржини од полето на културата. Исто така, таа овозможува услови за продукција и видливост на нови современи културни содржини од актери од граѓанскиот сектор, кои одговорно се бават со релевантни социо-културни и политички прашања. Овој проект е финансиран од програмата Цивика мобилитас, а партнери се Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста од Скопје и Здружение за култура и уметност Факултет за работи што не се учат, Битола а соработници се Друштвото за театарски и едукативни дејности Театар на навигаторот Цветко, Скопје, Здружение на текстилни, кожарски и чевларски работници Гласен текстилец Штип и Здружение за активизам, теорија и уметност Плоштад Слобода, Скопје.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото