Приказна за сто и педесет денари

15.09.2017 02:18
Приказна за сто и педесет денари

Секој писател си има свој пазар од каде ги купува, позајмува или продава своите приказни. Јас моите најчесто ги купувам во такси. Возењето е како некоја раскажувачка сесија за време на која јас сум слушателот, а таксистот - раскажувачот. Тој почнува почнува да ја продава својата приказна во моментот кога го вклучува таксиметарот и секој негов збор мислиш денар чини. На крајот од возењето тој ми наплаќа, а јас му ги давам парите и излегувам со расказот што сум го испазарила.

Така и денеска се упатив кон единственото такси кое беше паркирано во близина.

‘Слободно ли е?’ – прашувам, а возачот кој стоеше до колата чии сите пет врати беа отворени ми вели ‘Зарем не гледаш дека тебе те чекав? За тебе ја проветрував колата’ и ми се смее.

Малку збунета влегувам внатре и со возачот веднаш се препознаваме. Тој си спомнува дека јас сум таа која претходниот ден ја возеше до Музејот на современа уметност, до каде постојано ме прашуваше и се прашуваше што ја прави современата уметност современа.

‘А сега’ ме погледнува - ‘до каде одиме?’
‘До библиотеката Браќа Миладиновци’ - одговарам.
‘Ах ти и тие твои чудни места на кои стално те водам’ – ми вели, иако само вторпат се возам со него.
‘Знаеш, сега, бидејќи веќе се познаваме и сме блиски, сакам да ти кажам дека сум бил во Русија.’

Молчам и пробувам да го сфатам што ми зборува.

‘И да не те лажат! Сите што биле таму се сплеткале со некоја Русинка.’
‘Не дека јас сега се фалам, туку додека бев таму една ме прашуваше колку книги сум прочитал во животот и јас ѝ реков – четири. Таа тогаш извика и зачудено ме праша зошто, а јас и објаснив дека ние Македонците немаме време да читаме оти многу работиме.’

Овде тој престанува да зборува, а јас му се насмевнувам и си ги пребројувам парите. Застануваме точно спроти трговскиот центар Буњаковец и таксистот ми наплаќа сто и педесет денари. Му се заблагодарувам, излегувам и си се прашувам ‘Колку ли луѓе се способни по само едно видување со Другиот да му кажат дека му се блиски и дека се познаваат?’

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Луција Стјуарт

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото