Конкурс за учество на изложба на НУБ „Св. Климент Охридски“

15.10.2017 17:06
Конкурс за учество на изложба на НУБ „Св. Климент Охридски“

Во чест на патрониот празник, Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, распиша отворен конкурс за учество на изложбата на тема: „Св. Климент низ современата уметничка призма“.

Во отворениот повик на Библиотеката, за целите на изложбата се вели:
„Сведоци сме дека низ историјата, наместо репродукција на стварноста, уметноста постојано ги поместува границите на конвенционалната перцепција. Полето на уметноста е местото каде што на најнеочекувани начини се вкрстуваат минатото, сегашноста и иднината. Преку разни уметнички форми, надоврзувајќи се, надградувајќи ги или спротивставувајќи се на традициите и делата на претходниците, уметниците одново ги претставуваат, ги толкуваат, ги оживуваат историските ликови доближувајќи ги до луѓето денес.

Секоја нова генерација носи со себе одредени вредности и идеали, но уметниците се тие коишто, на специфичен начин, можат да го прикажат минатото во сложениот современ контекст, каде што во постојан судир се конзервативните тенденции и прогресивните движења.
Библиотеката, со овој конкурс, има цел да ја преиспита виталноста на наследството на својот патрон“.

На конкурсот се поканети да учествуваат уметници што ќе приложат уметнички дела инспирирани од св. Климент. Покрај традиционалните техники, графички или дигитален отпечаток, цртеж и скулптура, авторите ќе можат да приложат и уметнички инсталации и просторни интервенции, како и графички манипулации со слика и текст, кирилична типографија, дела кои во својот концепт ја вклучуваат книгата како централен или доминантен елемент.

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје особено ги повикува и ги поттикнува младите уметници да земат учество на отворениот конкурс и со современите визуелни дела да ја збогатат перцепцијата на наследството на нашиот патрон и да го прошират полето на интерпретација.


Предвидено е да се доделат три награди:
- Првата ќе биде откупна, во висина од 15.000 денари (нето);
- Втора награда 10.000 денари (нето);
- Третонаградениот автор ќе добие избор книги;
- Другите учесници на конкурсот ќе добијат едногодишна членарина за користење на нашите услуги.
Во согласност со авторите, дигитални принтови од одредени селектирани дела, трајно ќе ги красат просториите на Библиотеката и ќе ја надополнат и освежат Збирката за ликовна уметност.

За наградите и за конечната селекција на делата вклучени во изложбата ќе одлучува комисија составена од пет члена, три надворешни и два од институцијата:
1. Владимир Јанчевски, историчар на уметноста – куратор на изложбата;
2. Д-р Сафет Ахмети, историчар на уметноста;
3. Ѓорѓе Јовановиќ, ликовен уметник;
4. Искра Димитрова, НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје;
5. Марко Цуцуловски, НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Комисијата го задржува правото својата одлука да ја донесе, како врз основа на квалитетот, така и врз основа на приложениот концепт и техничката изводливост на делата.

Конкурсот е отворен до 5.11.2017 г.
Селектираните учесници ќе бидат информирани до 12.11.2017 г.
Отворањето на изложбата е на 7 декември 2017 г.

За повеќе информации, заинтересираните може да се обрат на izlozba.biblioteka@gmail.com или на тел. броеви: 075 462462 и 070 531610.
Пријавата треба да содржи: пополнет формулар за пријава и опис на проектот и скица, доколку се работи за инсталација.

 

 

ОкоБоли главаВицФото