Жива вода

08.11.2017 03:20
Жива вода

ВРАЌАЊЕ

Се слеваат патиштата
Откорнати треви
На твојот разум

Се скаменуваат реките
Сребрени жезла
На твојата плот

Крилја стамени
Во виорот на некој задушен лет
Скочанети бодликави
Мрежи
Околу твоето срце

Употребени времиња
Минати
Непостоечки во ниту една граматика
Глаголи на твоето движение
Незнајно за ниту еден закон на физиката.

Се рушат прозорците
Лажни остатоци
Од нечиј дом
Распавтани, паѓаат
Во тебе
Понори
Конопи
Јазли
Вглобени
Мерки на твојата лага
Непозната за ниту една љубов.

Столчен
Кршен
Снемоштен
Пелтечиш
Во растојанието од тебе до себеси самиот

- А знаеш нема љубов без слобода, нема ни правда, ни вистина -

Дете в песок
Сакаш да бидеш
Пак ко некогаш
Во твојот роден крај
Се смееш безгрижно
А ме газиш под твојот
Неправеден вресок.

МАГЛА

Сал еден здив
Сум
И мирис густ во ноздриве
Набиен свенат лист чист
Предмет од твоето детство
Скршен
Наземи
Лежам
Дур лазат по мене
Тмурни симфонии
Ломни зборови
Кобни дела
Течни грчеви
Коските ми ги отежнуваат
Просторот ми го обременуваат
Времињата кое живот се
А живот газат
Никнат по мене
Густи шуми дабови и костени диви
Златни заби ми се зариваат в месо
Под кожа густи масла ми течат
Блик од еликсир
Жива вода
И леплив лосос на нивниот симс
Печени плодови и трули круши
На нивните ведри утра далечни
А јас немо ги гледам
Нивните лажни ткаенини
Послани и столчени вистини
Угодени и прилагодени за ведар живот
Немо пиштам
Дур го гледам нивниот потоп
Неизмерно среќна в мојот прогон
Останувам
Сал лист осамен на гранка
Далечна за сите вас
Недостижна
Од вас се враќам
Здив густ сум
И чекорам над магла.

Хајделберг 21.11.2015

ТЕ СОКРИВ

Те сокрив така ослабен и сам
И ги собирав твоите латици
Една по една
Замка во која паѓам
Зандана во која се губам
И од нив течам
Да те имам
Ил да те немам
Исто е
И ова кружење кобно коски што ми дрма
И ова тело твое мој дом што е
Се лизга по мене
Ако не си во мене
Ти нема да си.

НЕШТАТА ШТО НЕ ТИ ГИ КАЖАВ

Би сакала да знам
Каде ги спојуваш мугрите
Остри ко кислород
Благи ко жито
Каде ги слеваш буквите
Јазиците нејасни во пилотски кабини
И зошто никогаш не дојде таков
А те чекав
И се прашував кој си
Втоната во тишината на зората
Во горичината на утринското кафе
Црно наспроти белилото на кревкиот снег
Пред уште едно заминување
Додека ти уште течеше
И ме влечеш
Во некои туѓи несоодветни сводови
И сонцето помодруваше
И модрилото светеше
И така и јас замолчав
Горешта од светлината во тебе
Додека завиваа твоите студови синила.

ДИВО СЕМЕ

Се леат годините
Видокругот се полни пурпурен
Жив оган во грло

Црно злато лиеме
Пламени голтаме
За да преживееме

В час еден
Непробојно време
Согоруваме

За стрелба спремни
Непокорни слуги
Оставаме лушпи

Извиени ко змија
Вклештени еден во друг
Нокти и карлици

Згрчени ко фетус
За да не се изгубиме
Во полето плодно

СОКРОВИШНИЦА

дај ми ја тишината на твојот чекор
тој белутрак во твојата уста
дај ми го во мракот да ме води
мене скитник по твојот јазик
здивот талкач ми е задишан
мевлем твојата плот
откорнат од нашите ребра
скорнат мир и далга
зовриен нашиот пол
гради расчеречени
ламји пламени јазици
шишиња кршат
отаде граници премостени
ѕвездите блескави ни пркосат
посветли од нас
помудри од нас
чиниш течеме еден во друг
а всушност времето застанало.

 

Извор: Жива вода, Макавеј, Скопје, 2017.
Слики: Федерико Инфанте

Наташа Сарџоска (1979), македонска поетеса, писателка, преведувачка, истражувачка и толкувачка (италијански, француски, англиски, португалски, каталонски и шпански јазик). Родена е во Скопје, а до сега ги објавила поетските книги „Сината соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“ и „Жива вода“. Нејзината поезија е препеана на италијански, турски, хрватски, шпански, англиски и српски јазик. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје на катедрата за романски јазици – италијански јазик и книжевност со француски јазик и компаративна книжевност. Магистрирала на Новиот Универзитет во Лисабон, на Универзитетот во Перпињан и Бергамо, а докторирала антропологија на Карлс Еберхард во Тубинген, Германија и на Универзитетот во Бергамо, Италија, со студиски престој на Сорбона во Париз, Франција.

ОкоБоли главаВицФото