Текстот на Милана Вуковиќ Руњиќ ги понижува жените што преживеале сексуално насилство

11.11.2017 15:38
Текстот на Милана Вуковиќ Руњиќ ги понижува жените што преживеале сексуално насилство

Здружението B.a.B.e. – Биди активна. Биди еманципиран, поттикнато од коментарите на граѓанките и корисничките кои директно или индиректно се почувствувале повредени од искажаните ставови, реагираше на текстот под наслов „Пред 30 години ме нападна разјарен манијак, инаку продуцент. Беше грозно, но не знам што би ме натерало по толку години, да го вперам прстот кон него“, на авторката Милана Вуковиќ Руњиќ, објавен на 9 ноември 2017 година во електронското издание на „Јутарњи лист“.

B.a.B.e. (Б.а.Б.е.) наведуваат дека авторката во текстот прашува „зошто да се чека толку многу години и децении за да се пријави манијакот?... Зошто жртвата таа кобна вечер не ја поминува во цркавата Св. Патрик на Петта авенија, туку ужива во конзумирање разни супстанци кај докажано распојасана ѕвезда? На крајот, зошто партнерот на жртвата предлага да се премолчи ексцесот или жртвата тоа сама го одлучува?“

Во врска со тоа, пред сè истакнуваме дека ја поддржуваме слободата на изразување и јавната дебата и свесни сме дека во одредени ситуации може да има различни и спротивставени мислења, но од друга страна сметаме дека цитираниот текст на авторката Вуковиќ Руњиќ, може да биде понижувачки за жените што претрпеле сексуално насилство, истакнува Здружението „B.a.B.e“.

Имено, авторката, раководејќи се исклучиво од сопствените лични ставови и личниот човечки капацитет, за кои веруваме дека се исклучителни, наведува: „не знам што би ме натерало по сите тие години, да го вперам прстот кон него. Да сум сакала и да ми се чинело дека со тоа би истерала некаква правда, би го направила тоа многу порано“, при што, можеби и несвесно, преку сопствената перспектива го оценува постапувањето на жртвата на насилство, што сметаме дека е неприфатливо во општество во кое една од основните вредности што покрај останатите ги има прогласено е и рамноправноста на половите.

Кога жртвата ќе се огласи заради сторено насилство, е работа на личната сила на секој човек и на личен избор во кој сметаме дека немаме право да навлегуваме, зашто секоја личност е единствена. Со полемизирањето за внатрешните мотиви на жртвата, само затоа што не го пријавила насилството тогаш кога се случило, им испраќаме погрешна порака на жртвите и иако авторката не го поттикнува молкот, сметаме дека со изнесените мислења за тоа кога треба да се пријави насилството, таа праќа порака дека жртвите што со години молчеле, всушност се неверодостојни.

Сексуалното насилство претставува напад на телесниот и психолошкиот интегритет и автономијата на личноста. Тоа е особено психолошки разорно за жртвата и може да доведе до бројни тешки последици како што е долгогодишно чувство на срам, губење на самодовербата, депресија, анксиозност, посттрауматско стресно пореметување, суицидалност, социјална изолација итн. Сексуалното насилство е специфично во однос на останатите престапи и злосторства, заради тоа што жртвата често наидува на негативни реакции од околината, како што е обвинување за сексуалниот напад, недоверба кон исказите на жртвата и ускратување на социјална поддршка. Истражувањата покажуваат дека токму тие реакции имаат девастирачки ефект врз прилагодувањето и психолошката благосостојба на жртвата.

Во контекст на тоа, сметаме дека текстот на г-ѓа Вуковиќ Руњиќ е особено проблематичен затоа што поттикнува застарени и опасни ставови за жртвите на сексуално насилство и ја оправдува нивната ретрауматизација со несоодветни реакции на околината.

Во ситуација на сексуално насилство, жртвата од околината често добива порака дека со своето однесување придонела за тоа да биде нападната, дека „самата си го барала“ со тоа како била облечена, што конзумирала и со кого се нашла во друштво. Оваа реакција е резултат на различни фактори, како што се општествените митови за сексуалното насилство, традиционалните ставови за сексуалноста и родовите улоги, потребата на околината да ја задржи перцепцијата на „праведен свет“ (уверување дека можеме да се заштитиме од лошите работи ако следиме одредени правила, што нема потврда во стварноста) итн.

Обвинувањето на жртвата на сексуален напад ја стигматизира жртвата и ја продлабочува емоционалната траума од искуството на напад.

Врз жртвите се врши притисок да го заборават искуството, да го задржат за себе и да преземат одговорност што не треба да ја преземат. Не смееме да заборавиме дека одговорноста за сексуално насилство е исклучиво на сторителот! Ако личноста не дала согласност за сексуален контакт (или не била способна да даде согласност), тоа е сексуално насилство! Без оглед на контекстот во кој се случува (она што авторката го нарекува „забави на кои се шмрка и лока“ и Холивуд каде „граѓанскиот морал никогаш не функционирал“), сексуалното насилство е нешто што е универзално и што треба да го осудиме. Само затоа што личноста строго не ги следи правилата утврдени со „граѓанскиот морал“ (што и да значи тоа), во никој случај не заслужила да ѝ се одземе правото на одлучување за своето тело. Особено е проблематична изјавата на авторката: „Ако притоа имаш 14 години, тоа е причина повеќе да не одиш (на таква забава)“. Таа со ова имплицира дека дури и малолетна личност е одговорна за сексуалното насилство што го преживеала, иако законот и знаењето за детскиот развој јасно кажуваат дека таа личност во никој случај не е способна да се согласи на сексуален однос со возрасно лице.

Како заклучок, ги молиме оние (при што не мислиме само на авторката) што сметаат дека се компетентни да ги коментираат постапките и одлуките на жртвите на сексуално насилство, пред да ги изнесат своите судови, внимателно да размислат за потенцијалната штета што можат да ја нанесат на другите, порачуваат од здружението B.a.B.e.

Извор: vox feminae

ОкоБоли главаВицФото