Зa здробената душа и машките солзи

17.11.2017 14:00
Зa здробената душа и машките солзи

„Никој не може да влезе во ‘Шутка’ и да излезе непроменет... Затворот е како еднонасочен ескалатор кон дното“, ќе напише Кежаровски, ТАМУ, зад решетки. И во право е. Оној Кежо кого јас го познавав, во изминатите речиси четири децении, и овој денешниов, за жал, не се истиот човек. Лузните се предлабоки.

Томислав Кежаровски (1965), од 1999 година работи како новинар, во „Утрински весник“,„Вечер“, „Бизнис“, во ТВ „Скај нет“, во „Нова Македонија“... Основач и главен и одговорен уредник на крим-ревијата „Сведок“ и на неделникот „Репортер 92“. Во 2013, по спектакуларно апсење и трагикомично судење, осуден е на 4,5 години затвор за објавен текст, во кој наводно открил идентитет на заштитен сведок. Речиси две години поминува зад решетки во „Шутка“ и дома во куќен притвор. Штрајкува и со глад. Апсењето, судењето, притворот и пресудата предизвикуваат жестоки реакции во еснафот, во невладиниот сектор, во слободномислечката јавност. Под притисок на домашната и меѓународната јавност, му ја намалуваат казната... Излегува на слобода. Од август 2017 година е во Германија како стипендист на Хамбуршката Фондација за политички прогонувани лица. И, тоа е тоа...

Биографија во десет реда. Некаде, помеѓу тие редови, се траумите и хоророт што го преживеа. Тие лузни, тој, Марина и Стефанија, ќе си ги носат целиот живот. За нив ги напиша илјадниците редови белешки од затворот и сеќавања за тоа што му се случувало, и само мал дел од нив, се распослани на 300 страници од оваа книга.

...

Кежо не сакаше да стане најпопуларниот новинар во и од Македонија, во светски рамки. Сакаше да си ја работи својата работа како и во претходните 14 години, но не му дозволија... Во книгава, Кежо не бара сочувство, не бара да го жалат, не бара никој да ги бие неговите битки... Бара разбирање и шанса да живее како „нормалниот свет“, дури се плаши да не ги посрамотил колегите и медиумот во кој работел и им порачува на новинарите дека „стравот од црни денови ни тропа на врата и ќе тропа сè додека нашата храброст не ја отвори“.

Во книгата тој искрено зборува за сè што успеа да преживее. За машките солзи. Најтешки. Кежо не глуми херој од холивудските затворски филмови. Не ни може... Тој е новинар, сопруг, татко, брат, колега, комшија, пријател... Обичен смртник кого врвулицата настани го меле... Добродушен човек, кој тивко, за да не ги разбуди цимерите кои ‘рчат во малата ќелија, плаче... Од немоќ. И пишува за да не споулави од мака од нанесената неправда... Во стотиците ноќни белешки, од кои е исплетена оваа книга, тој не се жали на судбината. Ги преиспитува, своите постапки и грешки, ги преживува маките на сопругата и малолетната ќерка, без него, дури и во банални случаи кога грми, оти двете се плашат од молњи и громови...

Таков како што го дал Господ, Кежо не сонува за одмазда, и пишува: „Ќе ми треба доволно милост да им простам за гревовите. Ќе ми треба дури и доволно срам за да се срамам за нивното безобразие и сила да издржам до нивното заминување... Ама, имам сè во себе. И мир и милост и сила“.

Сепак, не треба да не се заборави дека го судеа и осудија за објавен текст, а обвинителката и двајцата судии го немаа ни весникот во кој наводно било сторено „делото“, туку само копија што успеала да ја обезбеди истрагата сосе обвинителката! И дека учтиво, судиите во судница го замолија тој, како обвинет, ако сака и ако го чува дома примерокот на одамна згаснатиот весник, да им го даде „на заем“. За да видат зошто го судат?! Иако, и тие, а и сите во судницата знаеја дека пресудата е одамна донесена.

...

Книгата на Кежо не е роман, не е ни дневник, ни класична затворска проза, ни фикција..., туку е своевиден книжевен „пачворк“ од сеќавања за неправдата, навредите и обидите да се понижи и срчоса највредното што луѓето како Кежо го поседуваат – честа. Книгата се сите оние сеќавања од десетиците сочувани белешки од пробдеаните ноќи, запишани и на кутии од цигари, на парчиња картон, на салветки, на тоалетна хартија, на опаковки, со единствена желба да се сочува разумот и да се обели образот..., сеќавања на скришум водените телефонски разговори со сопругата, на грижливо криените мобилни телефони во ќелијата, цитати од полициско-судски документи, и едно прошверцувано писмо од ќерката кое му „ја дроби душата на парчиња“...

...

Кога железните решетки треснаа зад грбот на Кежо, дел од новинарите реагираа како во црнохуморната приказна за сибирските гулази. На прашањето што е - среќа, логорашите одговориле дека тоа оној моментот кога на повик на стражарот, логорашот Иван Иванович, на -40 С, да излезе од бараката надвор на работа, ќе осознаат дека тие не се Иван Иванович и остануват да мрзнат под скинатото ќебе, ама внатре, во бараката... Нели, може и полошо, ќути, трај...

Друг дел од новинарите, за среќа, ревносно пишуваа за неговиот случај, кој колку можеше, поради окупираните медиуми, блиндирани за вистината. Новинарските организации и невладиниот сектор бараа и обезбедуваа поддршка од меѓународниот фактор, организираа протести пред судот и пред затворот… А главниот лик од нашите транспаренти и хорски извикувани пароли, стекнуваше нови пријателства зад решетки. Зашто, и во затворската популација, и меѓу невино или заслужено осудените, сепак, се цени исправениот рбет, и храбриот избор: да се биде човек, а не кодош и подопашник.

Но, со сета благодарност на германската фондација, останува горкиот вкус: нели, на визит картите на Кежо, наместо стипендијант на „Hamburger Stiftung für politisch Verfolgte“, сепак, подобро ќе звучеше, онака поедноставно, на кирилица, на македонски - новинар на некој македонски медиум. Било кој.

Затоа, во една колумна, во август, кога тој со автобус си замина за Германија, напишав: „’Сите сме Кежо!’. Не сме, не сме де, да не се лажеме!.., Ајде, да речеме и дека бевме сите Кежо... Сега, Кежо си е Кежо. Таму... Сам“.

Вашето присуство тука вечерва, оваа полна сала, сепак, ме демантира. Како и луѓето кои сè уште го запираат на улица, го прегрнуваат или сакаат само да се ракуваат со него, иако не го познаваат.

Останува надежта дека кога ова општество конечно ќе почне редовно да застанува зад сите Кежовци, постапките како неговата ќе станат урнек, модел за однесување пред насилството и безаконието. Можеби тогаш Македонија ќе се стори олрајт.

И секако, кога конечно, за вистинските криминалци, ќе се оствари слоганот од Шарената: „Че си лежите!“


Колумната е напишана според обраќањето на авторот, како промотор на промоцијата на книгата „Живот во кутија“ на новинарот Томислав Кежаровски, во Скопје на 16 ноември.