(делбата е како обратно броење...)

04.01.2018 22:46

делбата е како обратно броење
пред да се демонтира бомбата
кога облогот е веќе загубен
и сè останува само како евтина игра на говор и инерција

– релативизмот како несамодоверба на стручниот субјект –

за да го сакаш Балканот треба да си малку релативист, ми вели
а пред сè треба да го комбинираш поимањето на сериозното документирање
со сигурен интерпретативен метод.

Идентитетот отсекогаш бил најголема напаст. Или си во центарот
на светот или не си никаде.
Ние со тоа се занимаваме. Отвораме фабрики за идентитет.
Мултинационалки што произведуваат идентитет на подвижна лента.
Го зголемуваме производството со секој нов век.

со релативизмот е како тогаш кога сакаш да го оставиш пушењето
и првите денови ти се помрачува умот. сè поприма мирис на тутун.
сè што е околу тебе те тероризира. и знаеш дека не е добро, ама почнуваш
одново. сакаш да веруваш во нешто здраво, а само уште болеста те прави здрав.

да го сакаш Балканот е зависност. Значи дека имаш проблеми
со самопочитта, ми вели

во тоа е сржта на постмодернизмот
во тоа е релативизмот во чиста состојба
кога сè е мултиперспективно / сè убива

Превод: Лидија Димковска

Мируна Влада е родена во 1986 г. во Букурешт под името Мируна Тронкота. Псевдонимот Мируна Влада го избрала на едвај шеснасет години. Досега објавила три стихозбирки. Збирката посветена на Босна и Херцеговина во 2014 г. во Романија е избрана за најдобра стихозбирка на годината: Bosnia, partaj.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото