Сега кажувам #3

17.01.2018 11:16
Сега кажувам #3

Беше 25 јуни 2004. Петок. Патував со меѓународна автобуска линија од Скопје до Загреб, па оттаму требаше да фатам нов автобус за Франција. Бев студентка и летото требаше да го поминам во Монтпелје на усовршување на францускиот јазик. Автобусот пристигна во Загреб во 7 часот наутро, а автобусот за Франција поаѓаше дури во 22:00. Во моментов сфаќам дека мојава приказна не ја собира во стотина зборови, а и не сакам да ја стуткам, сакам да се ослободам од неа, и затоа ќе ја напишам, колкава и да излезе.

Мојот план беше да го оставам претешкиот, огромен куфер во кој собира цело детуле во оставата на автобуската и да прошетам. Имав и една познаничка, на која ѝ најавив дека ќе бидам на еден ден доколку е слободна да се видиме. Но, за несреќа, 25 јуни да ти било државен празник и неработен ден, плус петок - поврзан викенд, оставата на автобуската не работи, девојката не одговара на мојата смс порака, другите патници од автобусот си заминуваат, јас останувам сама. Облачно е, се спрема да врне. Кафулето на автобуската работи, па седнувам да смислам како ќе го терам денот до поѓањето за Франција. По кратко време, на масата до мене седнуваат двајцата шофери од автобусот Скопје-Загреб и една девојка која ја препознав дека исто така беше патничка во скопскиот автобус.

Набрзо ми се обрати едниот шофер. Средовечен маж, крупен, со мустаќи, ми довикна: „Девојче, ти со нас дојде, нели? Не седи сама, дојди, ајде седи“. Им се придружив, им раскажав како стојат работите, а шоферот љубезно се понуди да го вратам куферот во автобусот. Тие имале пауза, па заминувале за Германија во 21:00. „Прошетај, па кај 20:00 ќе се најдеме овде да ти го дадеме. Запиши го мојот број и пушти порака кога ќе бидеш овде“. Среќа, си реков. Во меѓувреме, на девојката ѝ дојде тетката и си замина. Јас останав сама со двајцата мажи. Средовечниот маж ме праша што студирам, па ми раскажа за неговиот син кој исто бил студент и многу учел. Ми рече дека имале стан во кој преноќувале, одма спроти автобускта, ќе оделе да јадат и да одморат, ако сум сакала да сум дошла. Се заблагодарив и реков дека ќе прошетам и ќе чекам да ми пише другарката. Станав и си заминав.

Прошетката низ Загреб ја проследи силен дожд. Врнеше како да е крај на светот. Бев сосема мокра, а немав куфер. Околу 17:00 му пишав на шоферот дека сум на улицата спроти автобуската кај зградите и го замолив да дојде да одиме по куферот. Добив смс да се качам во зграда број 43 на 3 кат стан број 12, на која одговорив: „Ве молам симнете се вие“. Одговор немаше. Чекав речиси 30 минути.

Требаше да не се качам, но за жал се качив. Заѕвонив и ми отвори: „Ооо имаме влажна студентка на гости“ – рече. „Влези. Сакаш фен?“. Земав фен и отидов во тоалет. Се исушив и излегов. Во дневната тој јадеше а колегата му дремеше на каучот. „Повели, да не сакаш да јадеш?“ Во живото не сум била поуплашена. Седнав на фотелјта и едвај реков не, фала. „Види каква студентка имаме, а ти дремеш“ – му рече на колегата. „Ве молам, непријатно ми е. Да си го земам куферот и да си одам“. „Ќе почекаш малку, да дојадам и ќе одиме. Ако ти е ладно, можам јас да те стоплам“. Човекот кој зборуваше пред неколку часа за својата ќерка во основно и синот студент, се претвори во чудо. Јас се тресев. „Ти студи? Да те стоплам?“ – повтори. Јас ќе се расплачев да можев. Се плашев и да плачам, и да зборувам и да молчам. Колегата му дофрли од троседот: „Ајде доста, гледаш дека ѝ е незгодно на студентката“. „Ти многу срамежлива студентка испадна“- ми рече мене средовечниот „Ајде, ајде, ве знам јас студентки. Шетате по светот. Со кои пари во денешно време? Знам ја шо правите. Да не сум ти стар?“. Кога се присетувам, пред очи ми доаѓа свиња со мустаќи како крши леб и брца во паштета, јаде и зборува гадости со полна уста. „Ајде, одиме, станувај. Ништо од оваа работа не бидува. Седиш како Мона Лиза“. Ќутев, ќутеше и тој.

Излеговме од зградата, ја преминавме улицата, дојдовме на паркингот кајшто беше автобусот. Го отвори, па ја дигна врата на багажникот. Сакав да се наведнам да го повлечам куферот. Ми се доближи. Му го почувствував здивот и врвот од мустакот до образот. Ми кажа тивко, блиску до увото: „Значи нема да платиш за услугава? Може и натура.“ Ја пружи раката да ме допре по ногата, но му заѕвоне телефонот. Брцна в џеб и го извади. Старите Нокии, рингтон „Dance with the devil“, на екранот пикселна слика со ѓавол како има секс со девојка. Го грабнав куферот и тргнав колку што можев побрзо, без збор. Довикна пред да одговори на повикот: „Што се уплаши па ти? Чичо не зема на сила. Брее, да не се знаело за шала“.

За жал, #Сегакажувам за ова. Сексуално вознемирувавање има насекаде околу нас, а позицијата на надмоќ која ги окуражува да го прават тоа, не секогаш е поврзана со некој посебен општествен статус.

Слики: GRACE HEEJUNG KIM

Слични содржини

Активизам / Став
Активизам / Став
Активизам / Став
Општество / Активизам / Став
Активизам / Став
Општество / Активизам / Фотографија / Став

ОкоБоли главаВицФото