За моите шарени кои ја сменија бојата

23.01.2018 13:25
За моите шарени кои ја сменија бојата

 

Моето мислење за дискусијата меѓу Здравко и Павле во емисијата 24 Тренд анализа – Дали политиката повторно ги вмеша прстите во судството

 

Прво, факт е дека во моментот на власт во Македонија е крупниот капитал. Тој може да се нарекува СДСМ, или да членува во СДСМ, или да поддржува идеи на социјал-демократијата, меѓутоа е крупен капитал.

Второ, факт е дека поставувањето на Анѓушев за вицепремиер за економски прашања е спротивно на принципите на ИЛО (Меѓународната организација на трудот) според кои се водат трипартидни разговори: држава-работодавачи-работници (што во случајов е нарушено заради тоа што државата и работодавачите стануваат една страна наспроти работниците).

Факт е дека мерките кои до сега се спроведени немаат значајно влијание врз подобрувањето на животот на поголем број граѓани, воспоставување на правото како заштитник на обичниот граѓанин и структурирање на државата во машинерија која бара прагматични начини за да му го направи поудобен животот на обичниот граѓанин. Под обичен граѓанин не ги подразбирам високите функционери во власта, членовите на платени одбори и комисии, претставниците на крупниот капитал, градоначалниците и/или блиските на власта кои влечат бенефиции и привилегии од самото тоа што се блиски до власта.

Факт е дека Шарената револуција и илјадниците граѓани кои со години демонстрираа против режимот на Груевски, а не СДСМ, го срушија овој режим. Кога си извојувал победа очекуваш и работите за кои си се борел да бидат ставени на ниво на приоритети од страна на оние кои си ги довел на власт. Не нивни приоритети, не нивни замисли за тоа што е приоритет, туку она заради што и биле доведени на власт.

Во досегашната работа на Собранието не ги видовме претставниците на Шарената револуција.

Зошто го велам ова:

Прво, не видовме во ниту еден момент отворено (на говорница) да искажат спротивно мислење од она на СДСМ, да бараат нешто специфично и да застапуваат ставови кои не се дел од партискиот став. Не зад кулисите, не во преговорите зад затворени врати, туку пред камерите и пред граѓаните.

Второ, не видовме да стават на дневен ред иницијатива, закон, промена која е само нивна, потекнува од нив и не е дел од програмата на СДСМ.

Трето, не видовме да воспостават посебни канали на комуникација, начини на среќавање, прибирање мислења од оние со кои до вчера се влечеа по улиците. Не видовме тие да станат лоби група преку која шарените ќе може да делуваат. Напротив, одеднаш станаа горливи бранители на секоја одлука на владејачката партија и напатени души кои треба нешто многу да ги жалиме.

Четврто, не видовме во ниту еден момент отворено да нападнат некоја од политиките, мерките, одлуките, именувањата на владејачката партија. Да ги кажат принципите. Па ако треба да кажат јасно и гласно дека гласаат спротивно на своите принципи во име на ова, ова и ова.

И Павле, да, ти како претставник на шарената револуција мораше да станеш и да кажеш јасно и гласно: Мислам дека треба да запрат процесите кои се водат против сите припадници на шарената револуција и да престане политичкиот прогон. Тоа не е мешање во судството, туку поддршка на реформата во правосудниот систем. Јас, дете, доаѓав од село пред полициска станица за да барам твое ослободување. Е тоа е мешање во правосудниот систем.

И Павле, многу е лошо бизнисмен да ја води економијата, исто како што е лошо полицаец да биде министер за внатрешни или војник да биде министер за одбрана. Заради едностраноста на гледањето, заради конфликтот на интереси и заради нерамноправноста на сите други во процесите на договарање.

И не е точно, драги мој, дека акцизите ги погодуваат повеќе богатите отколку сиромашните. Подигањето на цената на горивата за некој кој троши 300 литри месечно е минорна неудобност, а за оној кој троши четири литри месечно е егзистенцијално прашање.

И не, во нашиот правен систем не е забранета аналогијата. Впрочем, воедначувањето на правото и барањето за слични дела да се изрекуваат слични пресуди е токму тоа.

И да, во политиката се преговара, ама преговорите значат видливи отстапки на двете страни. А јас, ете, тоа не го гледам.

И да, Македонија е капиталистичка држава, меѓутоа, тоа не е експлицитно кажано во Уставот на државата. Во членот 1 од Уставот Македонија се дефинира како: „…суверена, самостојна, демократска и социјална држава“.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото