Границите и луѓето

07.02.2018 04:04
Границите и луѓето

Поголем дел од сегашните граници на Република Македонија се воспоставени со меѓународни договори по Првата и Втората балканска Војна (Букурешкиот договор од 1913), по Првата светска бојна (Нејскиот договор од 1919), па отстапувањето на Св. Наум во 1925 од страна на Албанија, и се потврдени по Втората светска бојна (со Парискиот мировен договор).

Во Втората светска бојна, во 1941, се поставени нови граници од страна на фашистичките сојузници Германија-Бугарија-Италија, ама по војната има враќање на старите граници на овој дел од Југославија (во рамките на која е формирана федерална држава со имиња „Демократска Федерална Македонија“, „Народна Република Македонија“, и Социјалистичка Република Македонија“).

Границата помеѓу Југославија и Грција не е доведена под прашање ниту со Грчката граѓанска војна, иако тогаш е многу порозна и има чести инциденти. По распадот на Југославија и СССР немаше предоговарање на Парискиот мировен договор, но во овој дел беше извршено разграничување меѓу новата и независна Република Македонија и тогашната СРЈ и помеѓу Македонија и Косово (2009).

Не треба човек да е многу упатен во историјата за да сфати дека пред оформувањето на нашите граници се воделе жестоки војни, во кои учествувале бројни армии, каде што гинеле илјадници луѓе. Во Првата балканска војна на страната на „Балканската лига“ има над 100 илјади загинати или ранети воници. Во Втората балканска војна Бугарија има околу 66 илјади загинати или ранети, а Србија има околу 50 илјади загинати или ранети војници. Во Првата светска војна, во една единствена битка (за Кајмакчалан) има загинато околу 10 илјади војници! Проценките се дека во Првата светска војна на „Македонскиот фронт“ има околу 37 илјади жртви на бугарска страна и околу 40 илјади жртви на српска страна.

И во Втората светска војна има огромни жртви, со цел да се сменат границите, ама истите се потврдени какви што биле пред 1941 година! Втората светска војна покажа дека границите на овие простори не се менуваат така лесно дури ни по жестоки војни (пример за тоа е БиХ), а единствен исклучок од тоа е независноста на Косово (која уследи по уште една жестока војна, со бомбардирање на Југославија од страна на НАТО).

Кога ќе се земат предвид погорните трагични собитија, станува појасно колку се иреално-политички и бесмислени прашањата „Зошто македонските војници тргнале на Срем, наместо на Солун?“, или „Зошто Тито ја затворил границата со Грција откако Сталин донел резолуција на ИБ?“

Треба да престанеме да се занимаваме со нереални и бесмислени прашања и да се посветиме на градење на иднина за луѓето кои што живеат во границите на Република Македонија.

Ако нема изгледи за градење на безбедна, прав(ед)на и антикоруптивна држава, со економски можности за сите, на Република Македонија ѝ се заканува изумирање однатре и претворање на државата во економско-политичка депонија.
Границите на Република Македонија најдобро се бранат ако ги решиме проблемите со соседите и ако биде запрен економскиот бран на преминување на границите од страна на нашите граѓани во други држави (во потрага по поголема безбедност, повеќе правда, и поизгледни економски можности).

Извор: Фејсбук профилот на авторот