Сега кажувам #12

09.02.2018 15:38
lСега кажувам #12

Дарија Андовска

#СегаКажувам дека на 21 година бев жртва на date rape. Се вика Дејан и е од Велес. Толку знам.

Edit: Го видов од далеку во некој супермаркет години отпосле, неконтролирано почнав да плачам и да ми се тресе цело тело. Го побарав првото место да се сокријам. Оти срамота (плачењето и телото во грч - тоа ми бил срамот).


Симона Спировска

Имав околу 10 години. Возев ролери во парк. Бев со братучетка ми, која е речиси три години постара од мене. Паркот беше празен. Одеднаш се појави еден дечко на точак. Крупен, со капче... Делуваше фино. Возеше паралелно со нас. Почна да нè распрашува, каде живееме, кои ни се родителите...

Ние две одговаравме на неговите прашања сè додека не забележавме дека за време на ,,разговорот” тој мастурбира.

Не постоеше начин да му избегаме. Се правевме дека не сме забележале. Престанавме да одговараме на неговите прашања...

Нè спаси случајната средба со еден повозрасен пар.

Не кажавме ништо. Некако имавме премолчен договор дека не треба да се дознае. Да кажевме, траумата немаше да исчезне, но можеби ќе заштитевме други деца. Дури ни ние две не сме разговарале за ова.

#сегакажувам #tanitregoj, за никој друг да не молчи.

Тина Мицковска

Пред неколку години кога сè ни беше забавно и бевме адолесценти, отидовме кај еден „исцелител“ , чисто да чуеме што ќе ни „предвиди“. Башка работев како новинар и обожавав да пишувам истражувачки стории на оваа тема. Ни на крај памет не ми беше што човекот е во состојба да направи. Седнав на столче и психопатот (инаку стар околу 65-69 години, Добре од Брвеница) како од пушка почна:

-Девојче, тебе дух демон те силува секоја ноќ, не те остава да спиеш.

Секако дека прво што ми дојде беше да се прснам од смеа, но неговиот понатамошен муабет ме згрози.

-Мора да го избркаме демонот, иначе ќе те силува секоја ноќ до крајот на животот. Чарето е да доаѓаш ти тука кај мене на терапија две недели и ќе го избркаме.

-Каква терапија?

-Па, секс... Искусен човек сум јас, ќе го избркам демонот.

За да го запрам одвратниот муабет и да му се заканам, му кажав дека дечкото ме чека пред врата, а тој мртов ладен одговори: -Па, без него ќе доаѓаш на терапија, не мора да знае.

Истрчав како мува без глава од таму, шокирана и згрозена, не можев да изреагирам во моментот, но секако случајот за неколку дена го пријавив, а беше и актуелен по весници и портали.

#СегаКажувам повторно, зашто штом овој човек имал храброст така да зборува, сигурно постоеле помалку уки жени кои за жал можеби успеал да ги искористи.


Драгица Здравеска

Ми се јавува рецепционерката да ми каже дека пристигнал гостинот од странство и дека ме побарал мене за да му помогнам да најде локален ресторан во близина. Во ресторанот нарачува локално вино и прво зборува за бројните обуки и тренинзи кои ги одржува со покана на еминентни институции. Ме фаќа за рака преку масата и ме прашува дали уживам на овие обуки и колку сум имала интимни моменти на истите. Вели дека треба да ја напуштам конфорт зоната и да споделиме искуства во неговата луксузна соба во хотелот. Му велам дека би сакала секој да си оди сам во сопствената соба. Вели дека не очекувал да бидам толку затуцана оти така не изгледам. Велам дека ќе реагирам за неговата постапка, на што се смее гласно и вели дека е тој важна личност без која не се може, а јас сум никој, така да се знае на кого ќе му се верува. Си заминува, а јас пукнувам од мака што облеков хеланки. Сета среќа што носев пари да ја платам вечерата и виното.

Ивана Јордановска

Во тоа време само што почнував да работам на голем проект со пратеници од цел регион. Јас, изгорена да се докажам.

Одиме на настан во блиското соседство и прво на агендата, вечера. На маса со дваесетина луѓе, имаше уште една жена само, на другиот крај. Спроти мене, пратеници (мажи). Повеќето од нив комотно можеа да ми бидат татковци, а богами некои беа поблиску до дедовци.

Прво седнување, еден од нив ме прашува дали сум од Македонија. Му одговарам дека сум и типов почнува да ми раскажува. За неговите лета во Охрид како млад човек. Но, приказната многу скоро се менува и типов всушност раскажува за Македонката со која се забавувал, што правеле, кај правеле, што ѝ правел, кај ѝ правел, за на крај да заклучи како сексуално експлицитни, исполнителни и неверојатни сме (ние) Македонките.

Додека се ѕвери во мене со подотворена, искривена уста од смеење, на раб е да му потечат лиги, додека ги забавува другарчињата му. Пратеници. Со кои јас треба да работам. Да изградат мислење за мене и евентуално да ме почитуваат.

Во еден момент стана муабет за Твитер и ме праша кој ми е профилот. Му го дадов. Не оти бев наивна дека го интересираат моите досетки, туку како што Tanja Milevska го срочи, "да не испаднам пичка" (или досадна, фригидна, напорна, you name it). Цела вечер ми пишуваше за бројот од собата, а кога му шмугнав од ресторанот за да не се враќаме случајно заедно, стана уште понапорен. Верувам дека оние кои почуствувале на своја кожа слични епизоди ќе ме сфатат зошто спиев со заклучена врата и куфер потпрен на истата врата.

Следниот ден на вечерата намерно задоцнив. Дојдов за десертот. Штом ме виде, пак нешто ми префрли, очевидно разочаран што "ништо не направил". Сепак, таа вечера многу полесно ја поминав оти многу кратко траеше.

Утредента, шефот ми забележа дека не било во ред што толку многу сум доцнела на вечерата. Климнав и се извинив, реков дека нема да се повтори.

Румена Бужаровска

Оваа случка не е за сексуално малтретирање или напад, но дава јасна слика за нашето труло општество. #СегаКажувам дека во 2010 година, откако баба ми Вера Бужаровска правеше промоција на своја книга во женскиот затвор во Скопје, на која присуствував, тогашниот директор на затворот (не знам како се вика), нè викна на кафе во својата канцеларија. Откако кажа дека во затворот има повеќе Албанци од Македонци, што укажувало на тоа дека Албанците биле криминогени, откако се изназборе за тоа и како хомосексуалците биле нездрави, го прашав колку мажи во машкиот затвор лежат за силување. Неговиот одговор беше дека во денешно време, кога жените сами давале, веќе немало потреба да ги силуваш.

Слики: Joyce Ho

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Квир / Живот
Општество / Активизам / Живот / Филм
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Општество / Живот
Општество / Активизам
Општество / Активизам

ОкоБоли главаВицФото