Расказ за еден расказ

26.03.2018 20:18
Расказ за еден расказ

 Во еден обичен град, живееше еден обичен човек, со обично секојдневие, и по малку необични мисли. Мислите му се раѓаа обично, спонтано, но беа прилично интересни. Ништо конкретно сега не ми текнува, да споделам во врска со некои негови мисли, но токму неговите мисли го прават интересен и него и расказот. Всушност, непостоењето, односно бегањето на тие мисли. Ајде ќе ти поедноставам. Човеков сакаше да биде писател. Не дека навистина сакаше, туку онака, мислеше дека би можел да биде добар писател. Си дозволуваше одвреме-навреме да му залутаат мислите и да почне да си реди стихови, рими, зборови, реченици кои го пратат текот на мислата, и мислеше дека треба да ги запише веднаш кога ќе има прилика. Како за беља, вакви мисли секогаш му надоаѓаа кога (мислеше дека) немаше можност да ги запише. Па си велеше дека ќе ги запомни и запише веднаш кога ќе има прилика. Секако, додека да дојдеше таа прилика, тие волшебно испаруваа и се бришеа од сеќавањето. На пример, пред да си заспие, честопати секакви идеи знаеа да му долетаат во умот. Брилијантни. Уникатни. Незамисливи. Толку извонредни, што си велеше дека нема шанси да не ги запомни и запише кога ќе се разбуди наредното утро. Секако, во тие мигови беше премногу поспан за да стане и да ги запише, иако креативните бранови во умот не му дозволуваа веднаш да заспие, туку неуморно го превртуваа, па лулаа, се до нивното тивко повлекување. Нормално, секое наредно утро ги забораваше и се чудеше и кудеше како дозволил сонот да му ги украде. Некогаш идеите знаеа да му дојдат на сон. Дури и тогаш си велеше дека кога ќе стане ќе ги запише. Завидуваше на посветеноста на писателите, на нивната способност да одвојат време за носочување на мислите на едно нешто и развивање на идеите на хартија, т.е. на компјутер. Размислуваше и за писателите од минатото и завидуваше на фактот што имале доволно време и сосредоточеност за да ги напишат своите дела. Завидуваше на преданоста на Колриџ што успеал, колку-толку, да ја запише Кублај Кан кога се освестил од зашеметеноста на опиумот. Него никогаш не му успеваше тоа. Него, како опиум да му ги зашеметуваше мислите, растопувајќи ги во збутани ќошиња во умот. Како цело време да бленуваше, свесно обидувајќи се да биде потполно присутен во моментот и да одговара на сите дразби, надворешни и внатрешни. Кога тоа му стануваше неподносливо, едноставно се вкочануваше и мислите ко јато птици се разлетуваа и одлетува во неповрат. Едно време навистина се потруди да ги запише за подоцна да ги разработи во некоја песна или расказ. Но се чинеше како некоја клетва да го имаше фатено, па секогаш кога ќе запишеше некоја идеја на ливче или во телефон, ливчето магично го снемуваше, паѓаше од џебот, завршуваше во машина за перење, или во којзнае која тетратка или тефтер, телефонот се исклучуваше поради празна батерија или некој ќе му заѕвонеше баш кога ќе требаше да запише белешка, и потоа идеите ги снемуваше. Еден ден, додека одеше на едно место, му се роди една чудесна идеја за расказ и си рече дека веднаш ќе ја запише и покрај тоа што беше сигурен дека никогаш нема да ја заборави. Сепак, си рече дека овој пат веднаш ќе ја запише. Иако беше во движење и се брзаше, го извади телефонот и започна да си го снима гласот бидејќи тоа му се чинеше полесен начин на зачувување на науменото. Арно ама, бидејќи сите мисли му беа насочени на идејата за расказот, заборави дека се наоѓа на сред улица токму во моментот кога еден распеан, неспретен камионџија ненамерно го удри толку силно, што овој летна на патот ко птичка. Поминаа неколку години и уште е со амнезија. На звучната снимка се слуша само „Ова е расказ за еден расказ...биииип...туп.“ Расказот остана нераскажан, затрупан со другите неискажани мисли, заробени во еден заборавен ум.


***

Марија Ангеловска е млада писателка дипломирана на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има учествувано на конкурсот за кратки раскази во рамките на минатогодишниот фестивал „Друга приказна“ на Темплум, на кој освои деветто место.

ОкоБоли главаВицФото