Принцезата Покахонтас

03.05.2018 17:40
Принцезата Покахонтас

 

Пренесуваме расказ од необичната книга „Имагинарни животи“, составена од дваесет и две замислени биографии на вистински и измислени личности од историјата. Некои се славни жители на светот, а други се маргиналци или сосема измислени, чиј статус е нејасен, токму соодветен за впишување имагинарни слики.
Писателот на оваа книга, Марсел Швоб (1867-1905), денес се смета за значаен иноватор во книжевноста, а неговото име стои заедно со имињата на Маларме, Мирабо, Жид, Ренар, Жари... Бил доктор по класична филологија и ориентални јазици. Неговото дело ја прикажува грчкоримската култура и најскандалозните личности од тоа време. Во текстовите често е заинтересиран за мрачните, садистички и ужаснувачки аспекти на човечкото постоење.

Покахонтас била ќерка на кралот Паухатан, кој владеел седнат на престол што наликувал на кревет, покриен со одежда сошиена од кожа на ракун, чиишто опашки виселе. Била одгледана во куќа обложена со рогозина, меѓу свештеници и жени чиишто глави и рамења биле обоени дречливо црвено, кои ја забавувале со бакарни тропалки и ѕвончиња од змии. Намонтак, еден верен слуга, бдеел над принцезата и раководел со нејзините игри. Понекогаш ја водел во шумата блиску до големата река Рапаханок, и триесет голи девици танцувале за да ја разонодуваат. Биле обоени со различни бои и опашани со зелени лисја, на главата носеле рогови од јарец, на опашката кожа од видра, и мавтајќи со боздогани, скокале околу огнот што потпукнувал. Штом завршел танцот, ја расфрлале жарта и, на светлината на дрвата што догорувале, ја испраќале принцезата.

Во 1607 година земјата на Покахонтас била вознемирена од Европјаните. Искубани благородници, неранимајковци и трагачи по злато се истовариле на брегот на реката Потомак и таму подигнале дрвени куќички. На куќичките им го дале името Џејмстаун, а својата колонија ја нарекле Вирџинија. Во тоа време Вирџинија била само едно мало бедно утврдување подигнато во заливот на Чесапик, среде поседот на големиот крал Паухатан. Колонистите го избрале Џон Смит за претседател, кој некогаш во потрага по авантура стигнал дури до Турција. Скитале по карпите и живееле од школки од морето и од она малку пченица што можеле да ја добијат од размената со домородците.

Најпрвин биле примени со голема церемонија. Свештеникот на дивјаците дошол пред нив да свири на флејта од трска. Имал круна од црвено еленско крзно завиткано како ружа околу собраната коса. Неговото тело било обоено темноцрвено, а лицето сино; имал кожа поросена со светки од чисто сребро. Така, со смирено лице и седнат на рогозина, пушел луле тутун.

Потоа други се ределе во редови од по четворица, обоени црно, црвено, бело, а други до половина, пеејќи и танцувајќи пред својот идол Оки, направен од змиска кожа исполнета со мов и украсена со бакарни синџири.

Но, неколку дена потоа, капетанот Смит, кој ја истражувал реката со едно кану, наеднаш бил опколен и врзан. Со ужасни викотници го одвеле до една долга куќа каде бил чуван од четириесет дивјаци. Свештениците, намачкани црвено околу очите и црно во лицата, прекриени со дебели бели линии, двапати го заобиколиле огнот од чуваната куќа, посипувајќи брашно и зрна жито. Веднаш потоа Џон Смит бил одведен во кралската колиба. Паухатан бил облечен во својата крзнена одежда, а тие околу него ги имале украсено косите со птичји пердуви. Една жена му донела вода на капетанот, за да си ги измие рацете, а друга му ги избришала со китка пердуви. Во меѓувреме двајца црвени џинови поставиле два рамни камена пред нозете на Паухатан. Кралот дигнал рака, а тоа значело дека Џон Смит ќе го легнат на овие камења и дека ќе му ја смачкаат главата со боздоган.

Покахонтас тогаш имала само дванаесет години и срамежливо ја протнала главата меѓу нашараните советници. Воскликнала, се втурнала кон капетанот и ја потпрела главата на неговиот образ. Џон Смит имал дваесет и девет години. Носел големи прави мустаќи, лепезеста брада и имал орловски нос. Му рекле дека името на девојчето на кралот што му го спасило животот е Покахонтас. Но, тоа не било нејзиното вистинско име. Кралот Паухатан склучил мир со Џон Смит и го пуштил на слобода.

Една година подоцна, капетанот Смит кампувал со својата чета во шумата покрај реката. Ноќта била темна; продорниот дожд бил посилен од секоја друга бучава. Одеднаш, Покахонтас го допрела рамото на капетанот. Таа сосем сама минала низ застрашувачките темнини на шумата. Му шепнала дека нејзиниот татко сакал да ги нападне Англичаните и да ги убие додека вечерале. Го преколнувала да избега, ако сакал да остане жив. Капетанот Смит ѝ понудил стаклени тракатанци и врвки; но таа плачела и одговарала дека не се осмелува. Избегала, сама, во шумата.

Следната година капетанот Смит паднал во немилост кај колонистите, па во 1609 година го качиле на брод за Англија. Таму пишувал книги за Вирџинија, во коишто ја објаснувал положбата на колониите и ги раскажувал своите авантури. Кон 1612 година, некојси капетан Аргал, отиден да тргува со Потомаците (така се нарекувал народот на кралот Паухатан), ја грабнал одненадеж принцезата и ја затворил како заложник на еден брод. Кралот, нејзиниот татко, се разгневил, но не му ја вратиле назад. Така таа венеела во затвор сѐ до денот кога еден добар благородник, Џон Ролф, не се вљубил во неа и не ја зел за жена. Се венчале во април 1613 година. Се вели дека Покахонтас му ја признала својата љубов на еден од своите браќа кој дошол да ја посети. Пристигнала во Англија во јуни 1616 година, каде што меѓу личностите од високото општество постоело големо љубопитство да ја посетуваат. Добрата кралица Ана нежно ја примила и нарачала да наслика¬ат нејзин портрет.

Капетанот Џон Смит, кој тукушто требало да замине за Вирџинија, дошол да ѝ се поклони пред да се качи на бродот. Ја немал видено од 1608 година. Сега таа имала дваесет и две години. Штом влегол, таа ја свртела главата и си го скрила лицето, не одговарајќи им ни на својот маж, ни на пријателите и така останала сама два или три часа. Потоа побарала да го викнат капетанот. Тогаш го кренала погледот и му рекла:

– Му ветивте на Паухатан дека она што ќе биде ваше ќе биде и негово, и тој ви го вети истото; како странец во неговата земја му се обраќавте со татко; како странец во вашата земја, и јас ќе ве ословувам исто така.
Капетанот Смит се оправдувал со етикецијата, бидејќи таа била кралска ќерка. Таа му одговорила:
– Не ви беше страв да дојдете во земјата на мојот татко и го исплашивте него и сите луѓе – освен мене; да не се плашите што овде ќе ве викам мој татко? Ќе ви велам мој татко, а вие ќе ме викате дете мое и така засекогаш ќе бидеме од иста татковина... Таму ми рекоа дека сте умреле...

Со тивок глас му се доверила на Џон Смит дека нејзиното име било Матоака. Индијанците, од страв дека ќе ѝ фрлат магии, на странците им го кажале лажното име Покахонтас.

Џон Смит заминал за Вирџинија и веќе никогаш не ја видел Матоака. Се разболела во Грејвсенд, на почетокот од следната година, пребледела и умрела. Имала само дваесет и три години. Нејзиниот портрет бил опкружен со следниот натпис: Матоака alias Rebecca filia potentissimi principis Powhatani imperatoris Virginiae1. Клетата Матоака имала висока шапка од филц, со два бисерни венца; голема јака со крута тантела и држела ладало од пердуви. Имала ослабнато лице, долги јаболчници и големи благи очи.

1Лат.: Матоака, алиас Ребека, ќерка на најмоќниот поглавар на Паухатан и владетел на Вирџинија.

Превод: Јана Андреевска
Слики: George Barbier
Извор: Марсел Швоб, Имагинарни животи; Темплум, 2018.

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото