Промоција на стрип едицијата ЛИФТ во Штип

15.05.2018 22:33
Промоција на стрип едицијата ЛИФТ во Штип


Минатата година издавачката куќа „Темплум“ започна нова графичка едиција под името Лифт. Едицијата ја продолжува и осовременува традицијата на стрип списанието Лифт кое излегуваше од 1995 до 2001 година. Во неа е планирано да се објавуваат воглавно цртани романи, но и други графички книги.

Во петок (18 мај, 2018 година) во 18 часот во Библиотеката „Гоце Делчев“ во Штип, ќе се случи промоција на пет изданија од оваа едиција кои што до сега се излезени од печат. За стрип едицијата Лифт ќе зборуваат Никола Гелевски и Владимир Јанчевски.

Во продолжение следи кратко поединечно претставување на изданијата од оваа графичка едиција:

 

Are you schizoid? [1]
Автор: Кирчо Арсовски

Со книгата на Кирчо Арсовски, Are you schizoid?, Темплум започнува нова графичка едиција под името Лифт. Во неа ќе се објавуваат главно цртани романи, но и други графички книги. Едицијата ја продолжува и осовременува традицијата на стрип списанието Лифт кое излегуваше од 1995 до 2001 година.

 

Сини пилули [2]
Автор: Фредерик Петерс

Делото на еден од најценетите млади европски уметници на стрипот е длабоко емотивна приказна наменета за сите нас коишто избравме да сакаме наспроти најтешките предизвици. Како најдобрите графички мемоари, Сините пилули застрашувачката тема ја обработуваат низ уметнички и хуманистички пристап, на свеж, искрен и суштински разбирлив начин. Оваа храбра љубовна приказна лишена од сентименталност е блиска до секој човек чијашто љубов се сретнала со големи искушенија – и победила.


Fun Home [3]
Автор: Алисон Бехдел

Графичкиов роман ги обработува темите на сексуалната ориентација, родовите улоги, самоубиството, емоционалната злоупотреба, дисфункционалниот семеен живот, како и улогата на книжевноста во разбирањето на себе и на своето семејство.
Книгава е ставена на неколку листи на најдобрите книги во 2000-ите години и е предмет на бројни академски текстови во областите Биографски, Културни, Родови студии; на универзитетите често се проучува како многу успешен модел за секвенцијалната или стрип уметност.


Животот е добар ако не се откажуваш [4]
Автор: Сет

Еден од најдобрите автобиографски стрипови на сите времиња!
It’s a Good Life, If You Don’t Weaken е еден од стоте најдобри стрипови во 20 век!
The Comics Journal


Графичката новела „Животот е добар ако не се откажуваш“ е за луѓе што сакаат книги, мистерии и истражувања; за луѓе што копаат по антикваријати и по улични тезги, барајќи го фрленото или изгубеното книжевно благо; за луѓе што се спремни со часови да чекаат во ред за да добијат цртеж од омилениот автор; за луѓе кои малкуте преостанати пријатели ги малтретираат со приказни за стари книги, заборавени автори и слики, цртежи и цртачи… Ако знаете да ги препознаете таквите опсесии – стрипов е дефинитивно за вас.

 

Госпоѓицата Недопирка (Девицата од борделот) [5]
Автор: Ибер & Кераскует

Париз во триесеттите години. Двете сестри, Агата и Бланш, го живеат животот со полни гради. Но, безгрижноста исчезнува преку ноќ со смртта на Агата. Очајна, Бланш мисли само на едно: навлегувајќи во најнеобичните места во градот, таа мора да го пронајде убиецот.

***

* Изданијата на Темплум од едицијата ЛИФТ ќе бидат достапни по саемски цени, а целиот пакет од сите пет книги ќе чини 2000 ден.

 

Слични содржини

Квир / Книжевност / Стрип
Стрип / Уметност
Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото