ВМРО-ДПМНЕ или пропаѓањето на злото!

29.05.2018 15:08
ВМРО-ДПМНЕ или пропаѓањето на злото!

 

Добро, и што да прави Македонија со надојдениот Вардар? Кој не тече. Туку оди. Скоцкан од некоја расходована веш машина што ја голтнал на патот кон никаде. Со балвани во главата и смрдеата на сите говна од вмровската долина на плиткиот ум!? Што ја разнесува од студио во студио, од прес на прес!? Со очила што ги собрал од некого што претходно го удавил во својата надојденост!? Оптегнат како пластика на добош. Виснат како негатив во фотокомора. Црн тој, сè црно наоколу. Да го ставиш на некој бронзен коњ никој нема да забележи дека не е споменик. А и на жив вмровец да го посадиш ќе делува како Никола Карев пред собранието: еднакво глупо и тупо!

Вардар можеби е надојден, но, партијата пресушува.

Од некогаш моќното течение на историјата се останати само неколку мали барички полни со полноглавци. Како оној Николовски. Или Милошоски и Ќорчев. Сè се развива, јас би рекол, според специјалната теорема на политичкиот кретенизам која вели дека количината на супстанцата што партијата ја истиснува од себе, е правопропорционална на надојденоста на Вардарот.

Опозиција како власт

Зошто надоаѓаат и се сушат, односно зошто се сушат надоаѓајќи, или можеби е поточно да се каже, надоаѓаат сушејќи се? Вмороните. Зашто стварноста е жива. А тие се мртви. Или изгледаат како мртовци. Нивната приказна успеа да ја деформира стварноста, но не ја уби. И еве ја, таа се враќа во својата одмаздничка мисија. Таа е фон на нивната смешност. Ги пушта како обвинувања да ги адресираат кон власта истите работи што ги правеа како власт. Во улога на опозиција да се проектираат како власт и да се напаѓаат, всушност, себеси, со тоа што на своето место, привремено, поради забава или историска и политичка динамика, пуштиле друг, да видат, демек, како им било на есдеес кога критикувале и есдеес да види како им било ним и тоа го пуштаат како наснимена содржина на своите чипови. Неконтактибилно. Како некакви телефонски секретарки. Независно од сè. Ако на снимката е ноќ, денот се третира како темница. Нестварно. Кога мажот би почнал дома да се однесува така, сопругата и децата веднаш би го пријавиле, прво в полиција, а потоа во болница, екипа од психијатрија би дошла и би го одвела човекот на долготрајно лекување со неизвесни исходи.

Судството било диригирано од извршната власт, имало непотизам и партизирана администрација, државата била заробена. Па, заробена е од последиците на твоето владеење, од инсталациите што си ги оставил да вршат вакви и онакви диверзии и субверзии, од што си ја опљачкал и девастирал по сите основи, а најмногу по основ на залуденоста и кретенизацијата на луѓето, врз основа на лудакот што си го оставил во претседателската фотелја и си го испрограмирал да врши по три пуча дневно. И врз основа на злосторничкиот лидер што ти го осудија завчера.

Но, лекарската комора молчи. Македонија мисли дека ќе се посрамоти пред себе и пред светот ако признае дека до вчера имаше лудаци во власта, односно луда власт која денеска е уште полуда затоа што се напаѓа себеси како власт, а е во опозиција. Кај што, исто така, не би смеела да биде, затоа што и таму, со тотално пореметена деловна способност, секој час врши неверојатни штети врз општото добро. Злото може да се третира политички само ако се сфати како зло или барем како злосторничка политика. Дека е ненормално. Не можете да појдете и да ја прашате ненормалноста што мисли за името. Што мисли за што било. Затоа што во тој случај ја доведувате во прашање и сопствената здравствена состојба.

Негација на стварноста

Опозициониот лидер има отворена и бесрамна тенденција да негира сè. Но, ако не го смени наративот, таа партија ќе дееволуира катастрофално. Ова е новата лажна свест, а не нов лидершип. Негирањето на реалноста носи нова фарса на лажна свест – коментираше Аделина Марку на мојот фејсбук профил по повод дебатата Заев-Мицковски. Се согласувам.

Клучна е негацијата на стварноста. Сеедно дали тоа негирање носи нова фарса на лажната свест или лажната свест води кон стварноста како фарса. Да, Аделина, тие ја негираат реалноста затоа што по долга историска хибернација се разбудија во најбогохулната контра на својата кауза: Во Република Македонија. И фатија не само да не ја признаваат како реалност, туку и да ја отстрануваат од реалноста, да ја враќаат територијата и луѓето во статусите за кои организацијата е формирана. Ослободувајќи ги од субјективитетот. Таа натперсонална синергија на митови, фолклори, интереси, страсти, закономерно делува деструктивно, кон нивелирање на просторот при што ритчето што се вика Република Македонија има да биде смачкано, со булдожерите на патетичната и стрвна македонштина, тоа делување не е или не мора да биде, индивидуално решение на кој било од ВМРО-ДПМНЕ, тоа е важно да се знае.

Еве уште еден цитат: Тврдев и сè уште тврдам дека за да бидеш ДПМНЕ-овец треба нешто сериозно да ти фали во главата. Ако таа вмровска матрица ти е блиска и ако сметаш дека е исправна, обавезно треба да се обратиш на психијатар и да побараш стручна помош. Бидејќи концептот наречен ВМРО-ДПМНЕ е во својата суштина длабоко деструктивен, самоубиствен, криминален, крвнички, одмазднички и манијакален. Нормален и разумен човек не може тоа да го поддржува, почитува и сака. ВМРО е чисто исконско зло, метастаза на општеството. Ова е Александар Левенски. Тоа е истата дијагноза што и јас ја повторувам. Никакви дебати. Само строга и посветена борба за искоренување на злото. Правна, политичка, медиумска, културна, меѓународна. Еве неколку приоритети: Беспардонен правен прогон на злосторниците врз основа на врвен професионален и законски третман. Рехабилитација на правниот систем.

Совладување и одлепување од идентитетската матрица преку симнување од дневен ред на темите какви што се името, статусот на црквата, употребата на јазиците. Забрзување на темпото на евроатлантските интеграции. Опипливи резултати во економската и социјална обнова, со видлив пораст на стандардот на луѓето. Културна и историска ревизија. Нова културна и медиумска политика.

Пресудата како сатисфакција

Главна работа во неделава што изминува, сепак беше решението за апсот за бившиот премиер. Луѓето ја доживеаја пресудата од две години затвор како сатисфакција за болките, штетите и неправдите што осудениот ѕвер им ги предизвикуваше повеќе од едно десетлетие. И на личен план и во однос на тоа што луѓето во оваа заедница го формираат и го разбираат како општо добро. Сатисфакција и за борбата против злото. Истовремено, сите чувствуваат дека се случи нешто многу важно и за личните и за заедничките перспективи. Пресудата е камен темелник на обновата на правниот систем во државата, односно на реконституцијата на Македонија. Се осмелувам да кажам: конститутивен акт! Граѓаните ги осеќаат тие димензии како чин на ослободувањето и новото втемелување. Така пишував на мојот фејсбук профил.

Би додал две или три работи: Пресудата против Груевски и Поповски е сатисфакција за политиката на Заев и ќе претставува основа за обнова на довербата во таа политика на принципиелноста, трпеливоста, добрата волја, законитоста, тоа е многу важно затоа што спуштајќи го нивото на конфликтноста води во реализација на правдата, а не во релативизација, како што мнозинството стравуваше, сите ќе лежат, а не никој нема да лежи, тоа е пораката, второ, развојот на настаните ќе ја подобри капацитираноста на власта да ги решава клучните прашања како што е името и, трето, поврзано со темата од почетокот на овој текст, ќе му помогне на вмро-дпмне како чисто зло, побргу и побезболно да пропадне или да заврши како некоја секта за која ќе организираме специјални ваучери за бесплатно да си одат дома.

Монтажи: Александар Дојранлиев
Извор: Слободен печат