Трагајќи по утопијата – помеѓу експериментот и заедницата

08.06.2018 03:23
Трагајќи по утопијата – помеѓу експериментот и заедницата

Со распадливоста на секоја извесност, со ослабнувањето на нејзините темели и со бришењето на нејзиниот хоризонт, стана можно – па дури и неопходно и ургентно – повторно да се преиспита она што се сметаше за „суштински политично“.
Жан - Лук Нанси и Филип Лаку - Лабарт (Jean-Luc Nancy/Phillipe Lacue-Labarth, Retriting the political)

Ова е време на радикална конфузија помеѓу вековно востановените леви и десни идеологии, кои сега се ситуираат во политиките пропустливо, парадоксално, како лице и опачина, како друго од истото. Време кога слободата, идентитетите, солидарноста, еднаквоста дискурзивно оперираат низ сите демократски устави и праламенти, а кога, едновремено, се подигаат сѐ поголеми класни, културни, етно-национални ѕидови. Време во кое се навестува крајот на утопијата, а со тоа и крајот на политичкото и на политиката. Логорот е вонредна состојба во која континуирано живееме и во која ги ставаме на искушение сите парадигми на модерната демократија.

Ние стоиме насред експеримент. Сега не ни преостанува ништо друго туку да се запрашаме дали во овој свет кој се лизга кон својата пропаст, кој се урива без тоа да го забележи, постои јадро на луѓе кое ќе овозможи критичко редефинирање на „догмите“ во кои веќе не веруваме. Живееме во доба кога културата и политиката се конституираат низ исклучување (кое е едновремено и вклучување).

Политиката, како што забележува Пол Рикер (Paul Ricouer) постои само во „великите мигови“, во „кризите“, во „пресвртниците“, на раскрсниците на историјата. Но, она што е клучно кога разговараме за заедниците, за она што нѐ прави политички битија, кога ги мислиме заедничките добра (commons), е прашањето на политичкото, не на политиката. А тоа прашање е, всушност, прашање за тоа како да се биде заедно, оттаде класните конфликти, отаде етно-националните логори, оттаде идентитетските пранги кои втолпуваат и заробуваат.

Во социо-културните контексти, налик на македонскиот, кои го живеат парадоксот на својата геостратешка позиционираност во рамки на Европскиот континент, но кои не ѝ припаѓаат на економско-безбедносната и фискална формација наречена Европска унија, честа тема е токму автономијата не на политиката, туку на политичкото. Копнеејќи по автономија на политичкото, во општествата кои се наоѓаат во оваа конфузна исцрпувачка и бескрајна транзиција, всушност ние копнееме по политичкото сфатено како право на слободно општество, кое се состои од различности, но во кое може да се ужива мигот на заедништвото. Заедничкото во оваа перспектива сакаме да го читаме како критички простор во кој мутираат и се реорганизираат секојдневните индивидуални и колективни искуства и претстави на современоста.

Во ова време, на овие простори, граѓанинот е протерaн од заедницата. Во ова време-простор на граѓанинот му е одземено правото органски да биде политичко суштество и да учествува во градењето на политикитe, иако во сите политички говори се укажува на спротивното. Граѓаните се само бројки, кои немаат право на одлучување. Под привидот на демократија се одвиваат ретроградните процеси на автократија и партократија. Затоа се бориме портив илузијата на политичкото. Ние не сме само декор, туку креатори на содржини, на сништа без кои општеството и политичкото не можат да постојат и да имаат значења. Наша задача е да ги прескокнуваме оградите и да ги испресекуваме полињата на општеството. Мораме како Марко Поло, во невидливите градови на Калвино, да исцртуваме поинакви топоними, кои ќе градат поинакви светови.

Нашиот јазик, сега и овде, е јазик на занеменост, на зазор, на исплашеност. Јазик кој не прави исчекори, кој е стуткан, згрчен. Ние сме заробени во јазикот на стравот и тесноградоста, јазик кој не ги познава „политиките на пријателството“, туку политиките на кадифената, перманентна војна и вонредна состојба. Таквиот јазик не може да „произведе“ слободна мисла, слободни слики – тој произведува јами полни со живата кал на безумните политики во кои ние се препелкаме. Тоа е јазик кој го одредува нашето постоење само и само наспрема „непријателот“, а не наспрема органската, мислечка и критичка заедница.

Сега, кога сме веќе умртвени, тешко дека некој ќе може да ја изрече Хамлетовата реченица, која е крајниот опозит на идејата за отвореност на заедниците, на културата: „Затворете ме во ореова корупка, и јас пак ќе бидам крал на бескрајот“. Никој не го сака ваквиот бескрајот, бидејќи тој вознемирува и го буди чувството за лична одговорност. Во нашиве полуартикулирани политички системи, теророт на псевдо-демократското ве лоботомизира, ве зомбифицира, ве инструментализира.

Затоа ги испишуваме нашите приказни по рабовите на историјата. Не го сакаме животот онаков каков што ни го нудат - однапред создаден. Сакаме ние да го создаваме. Да патуваме по рабовите на нашите сништа. Ние го тетовираме општеството и тоа нас. Тоа е взаемен уметнички чин. Бидејќи политичката имагинација е уметничка креација. Сакаме да менуваме, да откриваме нови текстови, надоврзувајќи се на минатите искуства и на визијата за идните акции.

Граѓанинот е активен патувач. Затоа треба да имаме на ум дека кога возот ќе тргне, можно е дека ќе поведе само неколкумина патници - само оние коишто не го пропуштиле моментот. Исто така, можно е дека повеќето од нив повеќе сакале да задоцнат бидејќи станицата им се чинела поудобна, поугодна и поблиска од патувањето. Потребна ни е грижа и артикулација на нашите мислечки процеси низ капиларноста на критички согледаното општество. Не ни е потребно зомбифицирано преживување. Сакаме да учествувавме со нашата граѓанска, политичка имагинација. Бидејќи тоа е своевидна уметничка креација.

Она што нѐ снајде е естетика на исчезнување. Но, сепак... Ќе се вратиме.

 Слика: www.koma.mk

Извор: „Дебата за Европа“, воведен текст за тридневниот настан во организација на Германската академија за јазик и литература, Фондацијата „С. Фишер“ и Фондацијата за култура „Алијанс“, во партнерство со Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи уметнички практики, со поддршка на Традуки. Настанот се одржува од 7 до 9 јуни, 2018. во Скопје.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото