Премолчената историја на спортските сликички

16.06.2018 00:14
Премолчената историја на спортските сликички

По повод Светското фудбалско првенство во Бразил 2014 година, италијанската компанија Панини продаде повеќе од милијарда самолепливи сликички од играчи, од кои 150 милиони во Франција каде оствари профит од 75 милиони евра. Нешто слично би требало да се случи и оваа година кога се одржува Европското првенство. Во меѓувреме Панини се досети на нешто ново: во 2 720 основни училишта во Франција дистрибуираше 200 000 албуми, заедно со постери за училишните мензи на кои има таблица со распоред на натпревари. „Во овој несигурен свет нашите сликички влеваат доверба“, нè уверува претседателот на француската подружница на Панини, Ален Герини.

Приказната за овој бренд почнува уште во 1961 година, но таа е дел од една подолга, речиси непозната историја: ваквиот вид албуми биле застрашувачко средство за пропаганда на нацистичкиот режим. Спортистите милијардери чии портрети во дресови ги гледаме денес исто така пренесуваат една идеологија, а нивните постојани „афери“, од невидената корупција во Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) до неодамнешните скандали во кои учествуваа играчите како Карим Бензема или Серж Орие, ни овозможуваат да насетиме некои од нејзините рамки: култот на парите и триумфот на неморалноста.

Првите албуми се појавуваат на почетокот од седумдесеттите години од 19 век, кога директорот на стоковната куќа Au bon marché во Париз одлучува да обезбеди лојалност на своите купувачи со подарување сликички. Liebig-Fleischextrakt, германска компанија специјализирана за продажба на коцки за супа, го презема концептот и го дистрибуира во неколку од своите филијали. Следната значајна иновација се појавува 1920 година, кога сликичките почнуваат да се ставаат во кутија од цигари, со што нивната дистрибуција значително се зголемува. Малку подоцна во Германија, од првите месеци на Третиот Рајх, овие албуми ќе станат средство со чија помош, во време кога телевизијата сè уште не постои, „големината“ на националсоцијализмот ќе допира до масите. Албумот „Германија се буди“ се дистрибуирал во 1933 година во повеќе од половина милион примероци, а сликичките се пакувале во кутии од цигари кои се произведувале во Алтон-Баренфелд покрај Хамбург.

Судејќи според овие албуми, масите кои го поддржувале Фирерот требало да ги обединат со поворките војници или организациите на младите (како Хитлерјугенд или неговиот жесток еквивалент Bund Deutscher Mädel), потоа конгресите на Националсоцијалистичката германска работничка партија (НСДАП) одржани во Нирнберг и спортските настани организирани во чест на партијата. Двата албуми биле посветени на Олимписките игри во 1936 година.: еден за зимските игри во Гармиш-Партенкирхен, кои траеле од 6 до 16 февруари, а вториот за летните игри во Берлин, од 1 до 16 август. Овие Олимписки игри сè уште пречесто се ставаат во загради, како една незгода во инаку убавата историја на олимпизмот. Ако се потрудиме да ги прочитаме првите повици за бојкот, документирани во подготовките за Олимписките игри (кои првобитно требало да се одржат во Германија 1916 година), ќе ни биде јасно дека олимпиското движење, како што го замислил баронот Пјер де Кубертин, во себе имало потенцијал да биде прилагодено на потребите на режимот на Хитлер. Имено, игрите на Хитлер, со поддршка од Меѓународниот олимписки одбор (МОО) искористиле готова идеологија во корист на расистичката, антисемитска и фашистичка политика.

Приказната за Џеси Овенс, црниот атлетичар кој на игрите во 1936 година освои четири златни медали, е добро позната но сликичката што му е посветена во тогашните албуми не е најпознатата фотографија на овој спринтер. Вака е претставен на пописот освојувачи на медали од САД: „Овој црнец беше најпопуларниот човек од атлетската недела. Неговите резултати ги овозможи способноста за мускулна контракција кои најверојатно не ги поседува ниеден друг човек. Тркачкиот чекор на најдобрите светски спринтери делува речиси бавно кога ќе се спореди со удирањето на нозете на Овенс. Неговиот скок во далечина беше можен благодарение на застрашувачката брзина“. Краток опис на еден „црнец“: нечовечен, животно, со речиси чудовишни перформанси. На една друга фотографија, првата на која го гледаме како победник едвај е препознатлив по преминувањето на целта пред својот сонародник Ралф Меткалф, кој стигна за десетинка секунда после него.

Џеси Овенс

Воено-патриотскиот култ

Спротивно на тоа, сликичката посветена на дисциплината фрлање диск ја слави силата на спортистите во служба на нацизмот. Текстот со неа опишува како фрлачот на диск Ервин Бласк, за време на своето второ фрлање почувствувал „налет на последна сила“ во моментот кога Фирерот влегол во својата ложа, што му донело водство по квалификациите. На сликичката можеме да го видиме и неговиот сонародник Карл Хајн кој го срушил олимпискиот рекорд со 56,49 метри додека Бласк морал да се задоволи со сребрен медал. Изведбата на Хајн буквално е исечена од кадарот. Авторите на албумот одлучиле дискот да го исфрлат од сликата и да го опишат неговиот подвиг во текстот. Телото на атлетичарот изгледа како да е во бестежинска состојба. Во средиштето на сликата лесно можеме да ја видиме свастиката и кралскиот орел на неговиот дрес. Не само што Меѓународниот олимписки одбор, инаку многу ажурен во спроведувањето на своите правила, можел да се измами по прашањето на толеранцијата на еврејските спортисти во германските репрезентации, туку за време на игрите ги толерирал и нацистичките обележја на дресовите на спортистите.

Карл Хајн и Ервин Бласк

Неколку страници понатаму се слави фудбалот. Тоа е олимписки спорт кој, според текстот од воведот „обезбедува економски успех на Олимпијадата“. На една од сликичките ја гледаме италијанската репрезентација во финалето против Австрија на 15 август 1936 година во кое победија Италијанците. На фотографијата забележуваме еден вид несклад. Погледите се насочени на различни страни, а играчите практикуваат различен вид поздрав. Треба да се појасни дека, од Олимписките игри во Антверпен во 1920 година, се практикувал олимпискиот поздрав со наведнување и испружување на десната рака настрана. Лесно било да се замени со нацистичкиот поздрав, кој е преземен од истите антички извори. За време на свеченоста на отворањето пет држави биле на парадата изведувајќи „олимписки поздрав“: Германија, секако, потоа Австрија, Италија, Бугарија и Франција.

На сликичките од овој албум, кои се добивале во кутии за цигари, имало фотографии од различни автори. Меѓу наведените извори се наоѓа и „Presse Illustrationen Hoffmann, Berlin“. Хајнрих Хофман (1885 – 1957) бил приватен фотограф на Адолф Хитлер. Тука е споменат како еден од фотографите, а подоцна ќе стане единствениот фотограф на многу албуми, како оној што го слави „ослободувањето“ на Австрија.

Тој албум е насловен „Како е ослободена источната покраина“ („Wie die Ostmark ihre Befreiung erlebte“, при што нацистичкиот назив за Австрија е „Остмарк“). Белешката од 1 февруари 1940 година ги уверува читателите: „Според НСДАП, нема ништо спорно во објавувањето на ова издание. Изворите ќе бидат наведени во националсоцијалистичката библиографија“. И тогаш свастиките се појавуваат низ целиот албум. На сликичката за еден гимнастичарски натпревар, организиран во Вроцлав 1938 година, повеќе од илјада гимнастичари уредно се наредени во колона пред Фирерот. Прикажани се три симетрично поставени редови, како магнетско поле центрирано околу Хитлер, кого го гледаме одзади. Тоа е воениот аспект на масовниот спорт кој овде сликовито е истакнат во корист на нацистичката идеологија. Следбениците се редат до недоглед, баш како војници на бескрајно моќна војска.

И денес е пристуна презастапеноста на изразите кои се заеднички за војската и натпреварувачкиот спорт. Воениот говор во голем дел преовладува во спортовите како фудбалот, во кој постојат напаѓачи и одбранбени играчи, како и способноста за контранапад, а се креваат знамиња со звуците на националните химни. Во последните неколку години некои почнаа внимателно да ги гледаат устите на играчите за да проверат дали се добри патриоти и дали пејат сесрдно, во случајот на Франција, дали добро ја пејат „Марсељезата“.

Албумот со сликички на Панини за Европското фудбалско првенство 2016 деновиве предизвикува полемики. Во него доминираат пораки според кои настанот поттикнува пријателство меѓу народите (како она за Олимписките игри во Бразил, кое ќе се одржи во август). Додека насловот на една од страниците на албумот од 1936 година алудирал на „Фестивал на народниот спорт“, албумот на Панини од 2010 година акцентот го става на „Фер плејот“. Албумот посветен на Светското првенство во фудбал 1978 година претстави шест стадиони, секако, без да нагласи дека пред првенството двата стадиони во Буено Аирес на Хорхе Рафаел Видела и на неговата хунта им служеа како места за мачење и продолжија да се користат за таа цел после натпреварувањето.

Во сите овие албуми, од 1936 година, преку 1978, 2010 па до 2016., присутни се непроменливи елементи: тоа се мажи со одлучен поглед, често со високо подигната брада, додека фотографиите се направени на биста, култот за силното тело. Принципот останал непроменет: единствениот албум се дистрибуира во целиот свет, а глобализацијата придонесе и за превод на сите јазици. Се слават силата и вештината на мажите (жените се потполно изоставени), што резултира со „култ на личноста“: сликичките на Кристијано Роналдо од репрезентацијата на Португалија, Пол Погба (Франција) или Златан Ибрахимовиќ (Шведска) се многу барани.

Во албумот од 2016 година се слави и триумфот на капитализмот. Иако е дистрибуиран во 120 земји, присутна е униформизација на англискиот јазик: во дванаесет наврати се појавува двојна страна која прикажува екипа од 11 играчи кои играат квалификации насловена „UEFA Euro 2016TM Qualifying Campaign Starting XI“. За првпат се воведени и сликички од официјалниот спонзор (станува збор за безалкохолен газиран пијалок) кои можат да се најдат на 140 милиони шишиња на пазарот. При размената на сликичките која во училиштата стана есенцијален елемент на социјализација, една сликичка од спонзорот вреди десет сликички од играчи, иако некои играчи-ѕвезди вредат повеќе. Така еден 10 годишник го учи принципот на понуда и побарувачка зашто никогаш не е прерано за лекција по логика на пазарот.

*Жером Сегал е професор на Универзитетот Париз-IV, истражувач на Институтот за општествена историја Лудвиг Болцман и автор е на делото Le Zéro et le Un, Syllepse, Pariz, 2011. Текстот е објавен во печатеното издание на Le Monde Diplomatique, во јуни 2016 година.

Извор: http://lemondediplomatique.hr

ОкоБоли главаВицФото