Скици за Ристо Поповски

25.07.2018 00:39
Скици за Ристо Поповски

Средина е на 80-тите години на минатиот век. Јас сум млад новинар во културната рубрика на „Нова Македонија“. На телефон ми се јавува Ристо Поповски од ТАНЈУГ.

- Беше на тој настан?
- Бев.
- Ние не стасавме да го покриеме. Прати ми трета копија.
- Кој е хонорарот? – се заебавам јас.
- Дупло виски – се заебава Ристо.
- За тој хонорар ќе ти пратам и четврта копија.

Некое време подоцна. Можеби година-две. Некој од оние комунистички конгреси. Седиме околу една маса во конгресното бифе во Домот на АРМ (тогаш на ЈНА), овдешни, но и новинари од другите југословенски републики и ги бистриме вечните новинарско-општествени теми. Во еден момент некој ме прашува дали се согласувам со Ристо.

- Како можам да се согласам со некој што не си го држи зборот – одговарам јас, веројатно негде заскитан со мислите и со идеја дека Ристо заборавил и дека ефектно ќе поентирам.

Ристо на тоа веднаш го вика келнерот.

- Шише „Балантајн“ за господинот.
- Еј, Ристо, се заебавам.
- Јас не се заебавам, ветување е ветување.
- И не беше шише, туку дупло виски.
- Ова сметај го за затезна камата – вели Ристо.
- Ако е затезна тогаш е малку.
- Келнер, дај две шишиња „Балантајн“ – продолжува Ристо.

Ги испивме шишињата. Се разбира, не само јас и Ристо, туку сите колеги што се затекнаа во прес-центарот и имаа волја да пијат. Кога еден од колегите се заблагодари за честењето, Ристо му вели:

- Заблагодари му се на Ѕвездан. Тој ве чести.

Многу, многу години подоцна. Избори 2011. Во еден од последните печатени броеви на „Глобус“ му правам интервју на Ристо за актуелниот момент во македонското новинарство. „Макфакс“ е веќе продаден на „Сеавус“. Јас го ставам насловот на интервјуто и отприлика гласеше „Ќе си го вратам ‘Макфакс’ назад“.

Поминаа месеци. Се случија изборите. Мартин Нешковски беше убиен. Љубе Бошковски беше во затвор. „Глобус“ престана да излегува, кога стасува тужба за клевета од „Сеавус“. Ме тужат мене и Ристо. Бараат по 30.000 евра од човек за нанесена штета на угледот на компанијата. Најблаго речено бев фрапиран. Не толку што ме тужат мене како автор на интервјуто, туку дека го тужат Ристо Поповски. Па во неговиот ни приватен ни професионален вокабулар не постојат зборови што на било кој начин можат да се подведат под навреда или клевета. Просто е наезамисливо да пронајдете во неговото однесување или во неговите текстови било што што барем малку се приближува до навреда.

Поминаа години. Се менуваа законите. Клеветата од кривична стана граѓанска одговорност, а процесот се влечеше по судовите. Неколку дена откога Груевски доби судска одлука дека Заев треба да му плати 50.000 евра за клевета, истата судијка донесе ослободителна пресуда за мене и за Ристо. Дури ни во тоа време кога казни за клевета се нижеа за сè и сешто, судот не успеа да го казни Ристо, а и мене покрај него. Некои од таканаречените критички медиуми оваа вест ја пренесоа како вистинска сензација.

Пред неколку дена, два-три најмногу, во Радожда кај една заедничка пријателка се распрашувам за здравјето на Ристо.

- Добар е сега – ми вели.

Си давам за задача да му се јавам и ако има можност да се видиме. Ноќеска се вратив одд Радожда. Сабајлево ме пресретна веста за неговата смрт.

Збогум, господине Поповски. Ќе пиеме ние некаде виски, кај да е.

 

ОкоБоли главаВицФото