1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Одиме кон „Стара Железничка,” јас и мојата седумнаесетгодишна ќерка. Сакам да ѝ го покажам Музејот на град Скопје. Родена е и порасната во Америка. Доаѓа тука секое лето, но секогаш имам потреба да ја потсетувам.
Ѝ кажувам по кој знае кој пат зошто таа зграда останала онаква каква што е, и додавам дека годинава се бележат 55 години од катастрофалниот земјотрес во којшто некои од нејзините предци за малку ќе ги изгубеле своите животи.
А таа во истиот момент, без ни малку двоумење, ми одвраќа: “Мамо, па во овој град сè личи како вчера да имало земјотрес.”
Се обидувам да се насмевнам, иако повеќе сакам да ја прекорам за ироничноста – и да почнам, како и секогаш, да ја убедувам дека “убавото” во овој град е многу поголемо од “грдото,” дека сè е конечно прашање на перспектива. Но овојпат некако ми недостига сила да ги повторувам тие безброј пати кажани зборови, знам дека веќе не ми верува. Пораснала.
Па како ќе ми верува кога ме гледа што фотографирам на ваквите прошетки: дадаистичките колажи од полуискинати постери налепени еден врз друг и свиткани под сопствената тежина, гротескната графика од политички пароли и контра-пароли врз речиси секоја фасада, скршените стакла на прозорци од дуќани што постојано се издаваат или продаваат, импозантните полуизградени згради со мистериозни сопственици, нечистите пелени и кеси со остатоци од лепак во градските паркови...
Почнувам да се прашувам зошто воопшто ги фотографирам овие нешта – и тоа при секоја посета. И така, наместо да ја прекорам за „Американскиот комплекс на супериорност” што ме боцна во досетката на мојата ќерка, почнувам се прекорувам себеси. Зошто ме привлекуваат најгрдите аспекти на мојот град?
Не сум лицемерна (си се тешам): едноставно го фотографирам она што не можам да го видам во ниту една друга урбана средина. А годинава минав низ многу такви средини, Кејп Таун, Истанбул, Љубљана, Загреб, повеќе градови на бившото „наше” море, Фиренца, Краков, Венеција... така се погоди, година полна со патувања и илјадници фотографски забелешки.
Противречностите во урбаното ги бележам насекаде, но никаде на овие патувања, па дури и во земјата на радикални противречности во која што живеам, Америка, не ме допираат до овој степен. Скопје, и по триесет години во Вашингтон, е моето “дома”, затоа ми се највидливи и најзбунувачки.
Пример 1: Надгробен споменик на сопружници, Римски период, Скупи?, 2-3 век од новата ера?
Една од бројните надгробни плочи и саркофази кои и по толку години коментари околу несоодветното чување остануваат под отворено небо, неоградени и незаштитени, пред Музејот на Град Скопје. Ги фотографирам, како лани, ги фаќам деталите што говорат за нивното тивко, постојано уништување од издувните гасови на возилата што пролетуваат низ булеварот во непосредна близина, а низ мислите ми летаат секакви можни сценарија: вандализам, кражба, автомобил што некоја ноќ ќе излета од тој булевар и ќе ги доуништи, и така до недоглед.
Влегувам во музејот и го прашувам чуварот дали некаде има табла или барем лист хартија со објаснувања за „експонатите” во дворот. „Водичот не е тука денес,” ми одговара, „да беше може ќе ви кажеше, но јас не знам.” Му се заблагодарувам и се враќам да ги видам уште еднаш. На брзина правам уште неколку слики. До година сигурно нема да бидат во истата состојба.
Пример 2: Томе Серафимовски, споменик “Скопје 63,” поставен 2003 во чест на 40 години од земјотресот, дислоциран “преку ноќ” од неговото место од паркот до Музејот на град Скопје и хотел “Бристол” во 2013 – 50 години по истиот тој земјотрес, за да се направи место за градбите од “Скопје 2014”.1
Се приближувам кон неговата нова локација, покрај објектите на Македонската опера и балет, и се обидувам да ги потиснам своите предрасуди околу целата идеја за монументи, посебно по сите ужаси со тајните нарачки, естетски и технички промашувања, и енормни суми на „испрани пари” во манијакалниот „препород” на Скопје од последнава деценија.
Како што вртам околу ранетата бронзена жена, симбол на разрушениот град, да ја сликам од повеќе агли, за малку цапнувам во куп сув измет. Човечки, како што ми потврдува и хартиената маса залепена врз него. Некој немал каде да „појде по надвор.” Решил да се олесни зад споменикот на жртвите на земјотресот. За среќа, му се нашло „влажно марамче.” Вечерта дома читам за некаква ретроспектива на Серафимовски што била одржана во Белград во април годинава.2
Пример 3: Еден од безбројните “коњаници” што се појавија во градов последниве години, Пере Тошев, пред Националната Универзитетска Библиотека Св. Климент Охридски. Поставен на 3 февруари 2015, наводна донација на „Друштво за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.”3
Жешко попладне, на улица ни жива душа. Слушам гласови, некаква кавга на скалите на библиотеката, меѓу група Роми. Во сето тоа надвикување, едно детенце спие спокојно во тревата, во непосредна близина на споменикот. На неколку метри од него, постар изнемоштен човек, веројатно род на детето или на некој од закараните, ме гледа со недоверба додека сликам. Се плаши, како повеќето уличари во градов, дека сум од некоја социјална служба.
Под коњаникот, детска количка и куп отпад. Се приближувам да го прочитам текстот на плакетата:
„Тивок и меланхоличен човек, богат со морално богатство и полн со редок и скапоцен шарм. Овој голем херој покажа како Македонецот – востаник треба да умре за слободата на својата татковина.”
Се прекорувам што сум заборавила се што и малку сум чула или знаела за Тошев. Подоцна ќе прочитам, но во тој момент стојам збунето – и од споменикот, и од сè околу него.4
“Не го сликајте ѓубрето госпоѓо,” довикува стариот од тревата. “Споменикот го сликам, не ѓубрето,” лажам невешто. “Немојте, ќе си имаме проблеми”, додава, “ќе го тргнеме вечер. Не го оставаме вака.”
„Не го оставаме вака,” си повторувам. Не е до тебе, човеку... никој од нас не смее да го остави Скопје вака.
Сакам да ја промовирам Македонија и нејзиното културно наследство и се обидувам тоа да го правам, и преку разговори сиве овие години во Америка, кога објаснувам „што” е „Македонија”, и преку предавања.
Како историчар на уметност, со години сум ангажирана како предавач на едукативни патувања низ Европа организирани од музејската институција во Вашингтон, Смитсонијан. Често пати, кога на гостите им кажувам од каде сум, ме прашуваат кога ќе организираме едно патување и во Македонија – да ја запознаат поблиску културата на земјата за која што толку често говорам.
Во екот на „преродбата”, 2008, држев предавања на таа тема во Дилон-Рипли центарот во Смитсонијан, во Вашингтон, на кое што ми се појавија претставници на бројни грчки дијаспорски организации од Америка. Некои имаа дојдено и со комбиња од Итака, Њујорк, за да ми „постават прашања.”
Не заработив поени од ниедна страна. Управата од Смитсонијан доби барања да го откаже предавањето уште при првата објава, но по куса консултација, ми изразија доверба дека ќе зборувам онака како што најдобро знам.5 Испратија одговор да објаснат зошто е организирано тоа предавање, и кој ќе го држи.6 Писмо од грчки организации беше пратено и до бројни државни функционери на САД. Меѓу нив беа и тогашните сенатори Барак Обама и Џо Бајден.7 По интернетов се уште наоѓам референци за мене како „Фајромка што презентира дезинформации во таква престижна институција во Вашингтон.” Рака на срце, ни македонската страна не беше кој знае колку задоволна – не добив ни едно „благодарам” од тогашниот Амбасадор на Република Македонија во Вашингтон.
Сепак продолжувам, колку можам. Есенва повторно ќе држам предавање околу македонското културно наследство во Вашингтон. Во една прилика имав такво предавање и во една од институциите при Европската Комисија во Брисел. Патем, на тоа предавање ме поканија две грчки државјанки вработени во таа институција, но тоа е тема за друга белешка.
За жал, во овој момент не можам ни да помислам да организирам некакво едукативно патување во Македонија, а уште помалку во „градот на солидарноста” Скопје. Сè додека сите не решиме “да не го оставаме вака” и не почнеме сериозно да го отпретуваме од пепелта во која што сме го затрупале сиве овие години, нашиот град-Феникс нема да полета.
Фотографиите се на авторката
1 https://a1on.mk/archives/144109
3 http://prizma.mk/stan-audi-a4-od-vlasta-za-zdruzhenieto-shto-donira-spomenitsi/
4 https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9F%D0%B5%D1%80%D0%B5_%D0%A2%D0%BE%D1%88%D0%B5%D0%B2
5 http://ahiworld.serverbox.net/pdfs/4-11-08_LetterFromSmithsonian.pdf
6 http://modern-macedonian-history.blogspot.com/2008/06/fyrom-academicians-continuously-avoid.html