1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Се зборува дека деновиве се интензивирала градбата на споменикот „Мајка Тереза“, кој за разлика од претходните два на само околу стотина метри одалеченост (едниот пред „Домот Мајка Тереза, другиот под арката од „домот“) овој пат ќе има и фонтана, а велат ќе бил со висина од 16 метри. За пропагандистички потреби во штабот на „Дие Партај“ извадија нов израз во употреба кој го повторуваат како папагали и тоа не само во провладините медиуми, туку и во проопозициските — „скулптурална композиција“.
Некако убаво им звучи, примамливо им е, свежо, а и посодржајно ќе ги замени бројните патриотски коњи за да може дополнително да се потроши уште некое милионче повеќе (во евра, секако, не во денари).
Според она што досега е познато во јавноста и според сликата на макетата од споменикот објавена на порталот „Либертас“, за оние кои се разбираат барем малку од уметност очигледно е дека овој споменик ќе стане врв на кичерајот.
Официјалните лица не ни го откриваат целосниот изглед на лудилово. Според тендерската документација споменикот ќе имал „две независни композиции“, или поточно „две површини за градење: портал украсен со богата релјефна пластика во бел мермер на која се поставени бронзени скулптури и неколку скулптурални композиции од бел мермер позиционирани на карпест дел обложен со травертин збогатен со водни слапови, кои даваат ефект на водопади“. Вауууу...! Леле...! Објектот ќе имал фонтана, тераса, неколку скулптури кои ќе ја претставуваат Мајка Тереза (значи ќе имаме уште неколку Мајки Терези, не една), ангели, часни сестри, венци, пехари, таравертин кој ќе глуми карпа, мермер, бронза, боени делови, болно дете со родители, „милосрдна“ сестра со инвалид, милосрдна сестра со инвалид што седи, милосрдна сестра со болен што лежи, милосрдна сестра со болен што седи на карпа (и веројатно ужива во фонтаната)...
И тоа не е сè! Како на ТВ-шоп — „скулптуралнава“ декомпозиција ќе имала и „ангел со крилја висок 3 метри, четири ангели што седат со висина од 3 метри, уште четири помали ангели со висина од 2 метри, непознат број декоративни скулптури, еден декоративен пехар и уште неколку столбови за кои не дознав дали ќе се декоративни... Цената на чинење, ситница — само 5,5 милиони евра, но сметајте дека тоа е само појдовна сума. Набргу ќе следуваат анекси кои ќе ја доградат висината на цената.
Автори на декомпониранава „скулптурална композиција“ ќе биле братучетката на Гвујо-наш-голем-маж и најплатениот вајар во светот - Валентина Стевановска (а кој друг ако не таа) и Кирил Мукаетов од кавадаречкото семејство кое си го присвои „Алкалоид“.
Не ми е познато дали „скулптуралнава“ декомпозиција од два дела, со травертин што ќе личи на карпа и со мермер и со бронза што ќе личат на споменици ќе има и некоја милосрдна сестра со болен што стои, или уште некој болен со патерици и уште некој седнат во инвалидска количка со мотор, но евидентно е дека спомеников ќе биде круна на новокомпонираниот турбо-фолклорен проект кој Скопје и неговото централно подрачје го претвори во најголемиот селски панаѓур на светот.
Новокомпонираниве декомпонирачки композитори на „скулптуралнава“ декомпозиција заборавиле да стават уште некое кандилце со неколку свеќички, два-три попа (католички, по дифолт), неколку монаси со качулки (да им прават друштво на сестрите, онака од милосрдие), 5-6 места за табли со „мудростите“ на Мајка Тереза, како оние исполепени на сите новобарокни згради во центарот, едно ѓаволче кое се бори со ангелчиња, дел од Пеколот, парче од Рајот, ѕвонци и прапорци… Ги заборавиле и Рудолф Црвеното Носе со дружината од ирваси како влечат кочија во која седи Дедо Мраз. Заборавиле скулптура на Дева Марија во пештерата како се пораѓа со Исус, една со Дева Марија надвор од пештерата, дванаесетте апостоли, неколку јагниња, два милиона овчички, огнот од пештерата, дел од голготата, тамарините, сцена од распетието, од помазанието, од воскресението, сцена со оној Горнион и со овој Долниов, а секако во целата гунгула најмногу недостасуваат Мики, Пајо, Бајо, Гајо, Рајо и Влајо, Снежана со џуџињата, Шиљо и сакатиот Даба…
Слабо им е нешто спомеников! Ништо од него штом нема некоја грандиозна „скулптурална композиција“ со библиска Македонија во средината, која ќе биде претставена со Библија во раката како центар на Светот околу кој сè се врти и сè се менува!
Во меѓувреме, погледнете го филмот за Пеколниот Ангел!
Извор: ajvandoktor.blogspot.mk