Како ЕУ (ќе) ги балансира семејниот и професионалниот живот на мајките и татковците?

22.09.2018 00:43
Како ЕУ (ќе) ги балансира семејниот и професионалниот живот на мајките и татковците?

Соодветното регулирање и практикување на отсуството од работа поради бременост, раѓање и родителство е прашање на еднаквоста и недискриминацијата.

Отсуството од работа поради бременост, раѓање и родителство не е поврзано само и единствено со вработувањето, туку со едно пошироко разбирање на балансирањето меѓу приватниот и јавниот живот, кариерното напредување, образованието, присуството во јавноста, можноста за партиципација во процесите на одлучување и присуството на политичката сцена.

Оној кој користи отсуство заради нега на дете или на член на семејството, вообичаено жртвува дел од работните бенефиции, кариреното напредување, слободното време за активно учество во политичкиот и општествениот живот.

Според досегашните искуства, жената е таа која во најголем број од случаите користи ваков вид отсуство, што ја става во нерамноправна положба во однос на мажот, односно, во понеповолна ситуација во процесот на балансирање на приватниот и работниот живот.

Прв чекор во соодветното адресирање на проблемот на нееднаквоста на жената и мажот во балансирањето на работниот и приватниот живот е прецизното разграничување на различните видови отсуство во законската регулатива.

Мешањето на отсуството од работа поради бременост и раѓање со другите видови отсуства поврзани со родителството и грижата за децата и/или негата на други членови на семејството, придонесува за опстојување на традиционалните разбирања на улогата на жената и мажот во семејството, ги поддржува постоечките родовобазирани различни улоги на жената и мажот и ги дестимулира мажите да преземат дел од обврските поврзани со родителството и грижата за децата.

Отсуството од работа поради бременост и раѓање треба да биде јасно идентификувано како мајчинско отсуство, кое е биолошки детерминирано и во одреден период е во функција на здравјето на жената и на детето. Отсуството заради грижа на децата и/или нега на член на семејството не е поврзано со биолошките разлики меѓу жената и мажот и треба да биде предмет на рамноправна распределба и заедничка одговорност меѓу жената и мажот.

Ваквото разграничување не значи решавање на проблемот, туку прв чекор кон неговото соодветно лоцирање и можност за употреба на најсоодветните алатки за постигнување на еднаквоста. Имено, дури и со јасно разграничување на родителството од мајчинството во законските решенија, како резултат на предоминацијата на традиционалните вредности и социјално прифатливото родово дефинирање на улогите на жената и на мажот во семејството, жената е таа која најчесто ги презема на себе и родителските обврски и негата на членовите на семејството кога е тоа потребно.

Во анкетата направена во државите-членки на ЕУ, на прашањата поставени во врска со причините за ситуацијата во која жената е таа која почесто го користи целото редителско отсуство, на површина излегува токму проблемот на родовото, а не на половото разликување.

Перцепцијата на причините поради кои жената го презема целокупното родителско отсуство се многу различни меѓу жените и мажите. Посебно паѓа во очи разликата во однос на прашањето дали жената го презема целокупното родителско отсуство поради тоа што таткото не може или не сака да ја сподели обврската, односно, дали е тоа желба на мајката.

Со оглед на тоа дека родителското отсуство нема биолошка основа и е поврзано со грижата за детето која може да ја пружи кој било од родителите, регулирањето на овој вид отсуство треба да биде направено на начин кој ќе обезбеди еднаквост на жените и мажите во однос на задачите во семејството и работниот ангажман.

Во април 2017 година, Европската комисија усвои предлог за нова директива за балансот меѓу работата и приватниот живот за родителите и луѓето кои се грижат за некој член од семејството. Во образложението на предлогот, како цел на директивата е адресирање на недоволното присуство на жените на пазарот на трудот и поттикнување на подобро споделување на одговорностите поврзани со грижата за децата и останатите членови на семејството меѓу жената и мажот.

Предлагањето на оваа директива се базира на веќе идентификуваните причини за помало присуство на жената на пазарот на трудот:

Нееднаква распределба на одговорностите поврзани со грижата за децата и другите членови на семејството меѓу жената и мажот
Недостиг од услужни дејности и центри поврзани со грижата за децата и другите членови на семејството на кои им е потребна постојана грижа/нега
Финансиските импликации поврзани со отсуството од работа
Во иницирањето на промените, посебен акцент е ставен на два клучни елементи:

флексибилниот пристап кон алатките кои треба да го обезбедат ова (можност за користење на флексибилно работно време во однос на почетокот и завршувањето, скратено работно време, можности за промена во работа на одредено време и работа на неодредено работно време, спецификувани отсуства кои можат да се користат по потреба до 12-годишна возраст на детето, и сл.)
внесување на елементот на задолжителност (идентификување на задолжителен период на родителско отсуство за секој од родителите посебно кој нема да може да биде преземен од страна на другиот).
Главна цел на предложената директива е:

Зголемување на учеството на жените на пазарот на труд и намалување на разликите во примањата (посебно пензиите)

Да им се даде на вработените вистински избор кога ги балансираат одговорностите за грижа со професионалните обврски преку модернизирање на актуелните правни решенија и политичката рамка

Адресирање на недостатоците во згрижувачките институции
Основната идеја на менувањето на европската и соодветно на тоа и националната регулатива е потребата да се зацврстат постоечките права и да се воспостават нови права со што соодветно ќе се адресира проблемот. Основните елементи на промената се однесуваат на: татковското отсуство, поделбата на времето на родителско отсуство, посебно отсуство за грижа за детето или за друг член на семејството и флексибилни работни аранжмани.

Покрај постоењето на јасно утврдени (непреносливи) периоди на користење на родителското отсуство од страна на двата родители, во натамошната разработка на идејата можат да бидат внесени различни компоненти. На пример:

зголемување на татковското отсуство
заштита од отпуштање и понеповолен третман поради користење на родителско отсуство или отсуство за нега на дете и/или друг член на семејството
подобрување на квалитетот и на достапноста на услугите поврзани со грижа за децата и грижа за други категории лица
адресирање/минимизирање на економските неповолности за родителите кои користат родителско отсуство или отсуство за нега
флексибилна организациска структура на работното место
проширување на дејството на работното законодавство и надвор од стриктниот простор на отсуството заради бременост и раѓање

Глобалната цел на промените е да се обезбеди таков работен живот кој ќе биде пријателски за семејството, ќе овозможи фактичка еднаквост на жените и мажите, ќе се спротивстави на дискриминирачките практики кои ги влечат корените од родовата поделба на улогите во семејството и ќе ги минимизира негативните последици од половите/биолошките разлики поврзани со бременоста и раѓањето.

Извор: Еурека