Фенер #5, Меѓународен фестивал за театар за деца

10.10.2018 12:06
Фенер #5, Меѓународен фестивал за театар за деца

Петтото издание на Меѓународниот фестивал за театар за деца „Фенер“ во продукција на „Буден театар“ ќе се одржи од 12 до 14 октомври во Драмскиот театар во Скопје под мотото „Тука растат“.

Годинава на „Фенер“ гостуваат четири претстави од четири европски земји. Фестивалот ќе го отвори словачкиот театар „Одиво“ со АЕРО, претстава-лабораторија за летање. Од Чешка доаѓа Петар Никл со својот кинетички перформанс „Бубачкување“, приказна за бубачките што кога слушаат музика, умеат да цртаат, а Петар е нивниот диригент. Куклениот театар од Бјалисток, Полска, ќе ја изведе претставата „Ленка“, а Фестивалот ќе го затвори израелската уметница Мајан Јунман, која раскажува приказни со хартија во својата „Хартиена приказна“.

Сите претстави на „Фенер“ се без зборови.

Покрај претставите, на Фестивалот гостува изложбата „Дрвото што недостасува“ на белградските „Коко Даш“, посветена на исечените дрвја во Скопје, а за неделата (14 октомври) е предвидена и „Дестинација-креација“, креативна работилница за деца на Матка.