Гињолот е жив: Французите и натаму ги сакаат марионетите

06.02.2020 12:50
Гињол е жив: Французите и натаму ги сакаат марионетите

Децата брзаат преку променадата обрабена со дрвореди и покрај светкавите фонтани, држејќи ги за рака своите татковци и мајки, кон куклениот театар во Луксембуршката градина, популарниот парк во центарот на Париз.

Четириесетина мали посетители, на возраст од две до осум години, се искачија во блескаво осветлената сала со црни ѕидови и седишта од црвена кожа, наспроти кои се наоѓа минијатурна сцена. Франсис Клод Десартис (73), сопственик на театарот, се појави мавтајќи со ѕвоното од месинг за да го означи почетокот на претставата.

„Тишина!“, подвикна едно четиригодишно девојче, ставајќи го прстот на устата. „Доаѓа Гињолот!“

Десартес наеднаш исчезна зад сцената, извлече дрвена кукла долга 90 сантименти, со високо подигнати веѓи, образи румени како вишни и кафеав капут префрлен на раката. Публиката веднаш го препозна Гињол, зборлестиот и импулсивен лик.

Гињолот ги победува злосторниците – денес тоа е еден француски готвач и – секогаш е на страната на угнетените.

Пред Монмартр и Ајфеловата кула насликана зад него, Гињолот им дели правда на другите дрвени марионети додека децата навиваат.

„Децата се апсолутно восхитени“, вели Патрис Сам (54) која ги донела своите внуци во Куклениот театар Луксембург, еден од најстарите во Париз. „Ова не можете да го добиете на паметните телефони“, вели таа.

Уметноста на француските куклени театри и денес ги окупира срцата во оваа земја на начин на кој смартфоните, видео игрите и најновата технологија, тоа не можат да го направат.

Во Франција работат околу 600 куклени трупи, најмногу токму во театарската форма позната како „châtelets“, или мали замоци, лоцирани во парковите околу Париз.

Повеќето од нив, како „Le Gignol de Paris“, основан во 1982 година, ги водат потомците на кукларите кои ја пренесувале својата професија од генерација на генерација.

Десартис е еден од нив. Тој е втора генерација куклари, а работата почнал да ја учи од својот татко кога имал само шест години.

„Марионетите“ се суштински дел од нашата култура. Ја ангажираат публиката која се поврзува со нивните приказни“, вели тој по претставата и ги движи рацете за да ја подобри циркулацијата; три часа ги држеше куклите кои се тешки по три килограми. „Ова е заедничко искуство.“

Културата на кукларството во Франција е комплексна. Од Пепелашка до карикатурите на работничката класа каков што е Гнафрон, сиромашен чевлар, куклите во костими кои се управуваат со раце, конци или стапови, ја возбудуваат публиката од различна возраст. Марионетите пејат познати песни, им се спротиставуваат на авторитетите и се конфронтираат со животните драми во изведбите кои се одраз на националната свест. Марионетите се значаен дел и од авангардата, го менуваат обликот, големината и материјалите од од кои се направени. Коцката шеќер поставена на маса може да се смета за марионета ако некој ѝ даде глас.

Во ателјето на Десартис, во близина на Луксембуршката градина, се наоѓаат 2500 фигури на Гињол, од оџачар до пудлица, кои тој ги правел со децении. Исто така Десартис ја изработува сценографијата, ги снима гласовите и ги аранжира специјалните ефекти на повеќе од 80 проектори.

Инспирација на Десартис му бил неговиот татко кој го изградил првиот куклен театар во Париз, во 1933 година. Во тоа време Луксембуршката градина ја посетувале три пати повеќе луѓе отколку денес.

„Речиси немало автомобили и луѓето не оделе на одмори и летувања, цел Париз доаѓал овде и за секоја куклена претстава имало многу публика“, раскажува Десартис.

Денес децата се анимираат и со други работи, додава тој. „Но кога ќе дојдат во мојот театар имаат непосредна интеракција со Гињолите и забораваат на сè друго.“ Тогаш ја пружи раката кон едно парче стуткана кафеава ткаенина со дрвена топка на врвот и одеднаш се исправа Гињол што мавта со рацете.

„Луѓето разбираат колку уметност има во ова, да се направи куклата да оживее. Магијата е во зглобовите“, вели Десартис.

Марионетите почнале да се појавуваат во 17-от век, кога ликовите биле наменети за возрасни. Најпопуларен бил Гињол кој настанал во 1808 година. Тој бил особено популарен меѓу припадниците на работничката класа. Се бунтувал против сиромаштијата и неправдата, ги исмевал авторитетите и ги тепал куклите што ги малтетирале сиромашните. Денес, Гињол е поумерена верзија на себе си.

„Сега темата е тензијата помеѓу доброто и злото, но и тоа дека правдата го наградува доброто“, објаснува Десартис.

Тој заминува зад сцената да се подготви за следната претстава. Додека новите деца не ги заземат своите места, од звучникот се слуша баладата за стариот куклар. „Топло му е и рацете го болат, но тој ги засмејува децата. О колку е прекрасно, пријатели мои, засекогаш да се биде дете!“, кажува песната.

Извор: The New York Times

 

 

ОкоБоли главаВицФото