Гладни студенти, народни кујни – тоа е новото лице на кризата

05.06.2021 11:50
Гладни студенти, народни кујни – тоа е новото лице на кризата

Амандин Шеро излегува од својот студентски стан во предградието на Париз и брза да го фати возот со кој за еден час ќе стигне во градот. Стомакот ѝ кркори од глад, додека оди кон студентската банка на храна во близината на Бастилја, каде го завзема местото во редицата со уште околу 500 млади луѓе, кои чекаат за оброк

Амандин Шеро (19) останала без пари пред десетина месеци кога заради пандемијата ги изгубила двете работи што ги работела за да се издржува – чување деца и келнерка во ресторан. До пред некој месец можела да си дозволи само еден оброк дневно и вели дека во тоа време изгубила десет килограми.

„Немав пари за храна“, вели таа. Нејзиниот татко ѝ помага да ја плати школарината и киријата, но и тој останал без работа. „Застрашувачки е“, вели таа додека стои во редицата со студентите кои чекаат храна. „И сè се случува толку брзо“, додава таа.

Додека пандемијата е веќе на половина на својата втора година, хуманитарните организации во Европа предупредуваат на алармантноста на ситуацијата со младите луѓе кои остануваат без храна поради затворањето на кампусите, работните места и и отпуштањата на членовите на нивните семејства. Сè поголем е бројот на оние кои се соочени со глад со што дополнително се продлабочува нееднаквоста за најранливата популација.

Потпирањето на помош во храна расте ширум Европа, додека во светот уште милиони луѓе не успеваат да ги исполнат основните потреби. Глобалната економија се бори за опстанок, а гладта е на врвот. Обединетите нации предупредија дека актутна глад би можела двојно да се зголеми во државите во развој и да опфати дури 265 милиони луѓе.

Сега во Франција, половина од младите имаат ограничен пристап кон храна. Речиси четвртина од нив рутински прескокнува најммалку еден оброк дневно, според податоците на тинк-тенк организацијата „Cercle des Économistes“.

Претседателот Емануел Макрон го призна постоењето на кризата откако студенти од цела Франција излегоа да демонстрираат; во оваа земја, високото образование се смета за право и државата е таа што покрива поголем дел од трошоците. Тој најави пакет помош што вклучува оброци во универзитетските кафетерии за цена од едно евро, психолошка поддршка за студентите и финансиска помош за оние кои се соочуваат со „траен и значителен пад на приходот во семејството“.

„Ковидот создаде тешка и длабока општествена криза која рапидно ги турна луѓето во големи проблеми. А студентите станаа новото лице на оваа неизвесност“, истакнува Жилиен Мемон, претседател на француската народна кујна „Linkee“.

Организациите за помош кои главно ги хранеа бегалците, бездомниците и луѓето под прагот на сиромаштија, сега се реорганизирани за да одговорат на потребите на младите луѓе во криза. Во една од најголемите банки за храна во Франција, „Restors du Coeur“, која има 1.900 пунктови, бројот на луѓе на возраст под 25 години кои чекаат во редиците е зголемен за речиси 40 отсто.

Повеќе од осум милиони луѓе во Франција, минатата година, макар еднаш ги посетиле народните кујни. Во 2019 година таа бројка изнесувала 5,5 милиони луѓе. Според податоците на Европската федерација на банките за храна, потребата за овој вид помош во Европа пораснала за 30 отсто.

Сепак, иако владата субвенционира оброци во кампусот, таа не обезбедува други средства. Бидејќи цената на храната е сè повеќе недостижна за многу студенти, администрациите на универзитетите се свртија кон хуманитарни организации.

Пандемијата ги збриша работните места во рестораните, туризмот и другите тешко погодени сектори кои претходно беа лесно достапни за младите. Според Националната опсерваторија за студентски живот, две третини од нив останаа без работа.

„Многу луѓе никогаш порано не ни виделе како изгледа народна кујна, сега одат таму за малку супа и едвај врзуваат крај со крај“, вели Мемон. За да го ублажи чувството на стигма, „Linkee“ се обидува да создаде весела атмосфера на своите пунктови со помош на волонтери и студентски бендови.

Намалениот приход на семејството предизвикува домино ефект. Во Франција, каде просечната плата што работникот ја носи дома е 1.750 евра месечно, владата троши стотици милијарди евра во обид да спречи масовни отпуштања од работа.

Во градот Рен, оброците од едно евро се толку популарни што се чека во редица повеќе од еден час. Сепак, некои брзаат на онлајн часовите и не можат да чекаат толку долго за оброк. Други пак живеат премногу далеку. „Многу луѓе едноставно не јадат“, вели Ален Гијом, еден од претседателите на студентското здружение на Универзитетот во Рен.

Банката за храна во која оди Амандин Шеро, се вика „Co’p1 / Solidarités Étudiantes“, се наоѓа покрај Бастилја и беше отворена во октомври, минатата година, кога шестмина студенти од Сорбона решија да им помогнат на своите гладни колеги.

Со помош на кабинетот на градоначалникот на Париз и Црвениот крст тие обезбедија донации од супермаркети и производители како што е „Данон“. Сега 250 студенти доброволци организираат пакети со тестенини, житарици, багети, млеко, зеленчук и средства за хигиена, кои собираат повеќе од илјада студенти неделно, иако вистинската побарувачка е пет пати поголема, вели Улис Гутман-Фор, студент на право и основач на групата. „Студентите си резервираат место во редицата онлајн. „Отпрвин беа потребни три дена за да се пополнат масите, сега се букираат во рок од три часа“, вели тој.

Народните кујни како оваа што ги водат студентите волонтери за другите студенти станаа светла точка, исто како и за оние илјадници кои во тишина се борат со психолошките последици од животот во пандемија.

Томас Нав (23), студент по филозофија и носител на стипендија на Универзитетот во Нантер, раскажува дека се чувствувал напуштен и изолиран додека со месеци ја следел онлајн наставата од неговата мала соба. Кога ги изгубил сите хонорарни работи, тој започнал да ги посетува банките за храна кои дистрибуираат оброци во кампусот двапати неделно. Таму, тој нашол не само храна што очајнички му била потребна, туку и начин да избега од осаменоста и да се справи со сè посилниот стрес. Неговите родители се болни и едвај врзуваат крај со крај. Попладне, Нав седнува на масата во својата студентска соба за да ја изеде порцијата кари што ја добил во пакетот со храна. „Одењето во народната кујна е единствениот начин да се прехранам. Но кога ќе се сретнам со другите студенти кои се во истта ситуација, сфаќам дека сите зедно сме во ова страдање“, вели тој.
Томас Нав

Извор: The New York Times

 

 

ОкоБоли главаВицФото