Борбата на Јаков со ангелот или Идејата за „Ти“

05.11.2018 02:03
Борбата на Јаков со ангелот или Идејата за „Ти“

I
Она што е потаму од мене
иако е поблиску до мене
се вика „ти“.

Ете, се разбудив, спротиставувајќи се.
Се спротиставуваше „ти“ во мене,
се спротиставуваше, ти капаку,
ти рако,
ти ного, се спротиставуваше
и иако лежев, трчав
околу своето име.

На своето име само не му велам „ти“;
впрочем, мојата душа самата
е „ти“,
ти душо.

II
„Се смееше.“
Јас порекнав и реков:
„Не се смеев“. Оти се плашев.
А тој рече: „Не, не, се смееше“.

Навистина моето име се фрли врз него
потпирајќи се како на стап врз моето тело,
против „ти“,
телото на сите имиња,
против „ти“,
таткото на сите броеви.

А тој,
кога зазоруваше
веќе не мислеше на мене.
Ме заборави.

III
„Промени го името“, ми рече,
а јас му одговорив: „Јас сум моето име“.

„Промени го името“, ми рече,
а јас му одговорив:
„Ти би сакал да бидам друг,
ти би сакал веќе да ме нема,
ти би сакал да умрам,
веќе да ме нема.
Како да го променам името?“

IV
Тој рече:
„Се роди на моето колено.
Те знам од раѓање.
Не се плашиш од смртта
сети се каков си бил
пред раѓањето.
Таков ќе бидеш и после смртта.
Промени го името.“

V
„Плачеше.“ Јас порекнав и реков:
„Не плачев“. Само ми беше страв.
А тој рече: „Не, не, плачеше“
и веќе не мислеше на мене.
Ме заборави.

VI
Јас сум само своето име.
Останатото е „ти“, му реков.

Не ме слушна,
мислеше на нешто друго.

Зошто тогаш рече:
„Се бореше со самата реч,
ја победи!“

Дали она беше самата реч?

Името да биде самата реч?
...Тој е само „ти“,
ти и ти и ти и ти,
ти кој го опкружуваш моето име.

Превод: П. В.

Слика: Eugène Delacroix, Јаков се бори со ангелот, 1861.

Никита Станеску (Nichita Stănescu, 1933 - 1983) е великан на романската и европската литература. Во богатото поетско творештво во повеќе од две децении објавува околу 30 книги поезија. Неговите дела се преведени на многу странски јазици. Добитник е и на струшкиот Златен венец во 1982 година.

Оригиналната песна