Ерван Фуере го чита Џојс на македонски

07.02.2019 14:26
Ерван Фуере го чита Џојс на македонски

Без да бидам свесна колку е посветен на еколошките теми, но имајќи предвид дека доаѓа од Конемара (еден ветровит, див предел во Ирска, област која се простира покрај атлантскиот брег во грофовијата Голвеј), на амбасадорот г-дин Ерван Фуере, поранешен шеф на Делегацијата на ЕУ во РМ и Специјален претставник на ЕУ, на 10 мај 2018 г. по повод Bloomsday (16 јуни) му испратив писмо со молба да ги прочита на македонски и да ги сними следниве исечоци од епизодата 12 „Киклопи“ од романот „Улис“:

Вино, крзно, мермер од Конемара, сребро од Типерери.
Спасете ги дрвјата на Ирска! Прекрасните височини на Ери, О.

***
Во прекрасниот Инишфојл се простира земја, земјата на светителот Микан. Таму се издига една стражарска кула што секој оддалеку може да ја види. Таму почиваат силните, спијат како што спиеле додека биле живи, војувачи и принцови надалеку познати. Вистина тоа е прекрасна земја со жуборливи потоци и реки богати со риба.

***

Убави девици седат во близина на самите корења од убавите дрвја, пеат најубави песни.

***
А јунаците доаѓаат оддалеку да ги запросат, од Еблана до Сливмарги, ненадминливи принцови од непокорливата Манстер и од праведната Конахт, и од грациозната сјајна Ленстер и од Кроахеновата земја, и од славниот Армаг и од благородната област Бојл, принцови, кралски синови.

Амбасадорот беше љубезен и веднаш прифати да го стори тоа. Од видео записот се забележува дека тој се наоѓа во својата семејна куќа во Конемара и стои пред врамена слика на која се прикажува скулптура на големиот ирски писател. Оваа скулптура е поставена до Џојсовото вечно почивалиште во Цирих (Флутерн), каде што по сериозна компликација на чир на желудник, ненадејно починал на 13 јануари 1941 година – дваесет дена пред својот педесет и деветти роденден.

Во одблесокот од стаклото на врамената фотографија од Џојс провејуваат белите диви коси на снимателката на ова читање – одразот на Олвен Фуере (Olwen Fouéré), сестрата на амбасадорот. Олвен е меѓународно позната актерка од прочуениот театар „Аби“ во Даблин. Нејзината адаптацијата и изведба на гласот на реката Лифи (или „Живот“) од Џојсовиот роман „Финегановото бдеење“ – она негово познато „riverrun“ – во Даблин, Париз, Лион и Голвеј во 2011 година ѝ донесе две престижни награди.

(Романот „Улис“ од Џејмс Џојс беше објавен на македонски во 2013 година [2017. второ издание] од издавачката куќа Полица).