Скорешен сон

07.11.2018 10:33
Скорешен сон

Со татко ми се возев со трамвај низ Берлин. Велеградското опкружување беше претставено со многубројни рампи, рамномерно подигнати, офарбани во две бои, на краевите заоблени. Инаку, речиси секаде беше пусто, ама метежот од рампите беше голем. Дојдовме пред некоја капија, слеговме без да сетиме, зачекоривме низ капијата. Зад капијата се креваше многу стрмен ѕид, по него татко ми се изјази речиси како да танцува, нозете просто му летаа, толку му беше лесно. Сигурно имаше и извесна безобѕирност што воопшто не ми помагаше, зашто јас се јазев со најголем напор, на сите четири, често промашувајќи, како ѕидот под мене да стана пострмен. Притоа, мачно беше и што беше прекриен со човечки измет, така што ми остануваше залепен пред сѐ по градите. Го гледав со сведнато лице и поминував со раката преку него. Кога конечно бев горе, во истиот миг татко ми, кој веќе излегуваше од внатрешноста на некое здание, полета кон мене, ме прегрна, почна да ме бакнува и да ме прилепува до себе. Беше облечен во, од моето сеќавање мене добро познатиот старомоден, краток реденгот, однатре поставен како некоја софа. „Тој доктор Фон Лајден! Па тој е исклучителен човек“, извикуваше без престан. Воопшто, меѓутоа, не го посети како лекар, туку само како човек достоен за запознавање. Се потплашував дека ќе мора да влезам кај него, ама татко ми не го бараше тоа од мене. Лево зад себе, во собата што беше буквално оградена само со стаклени ѕидови, видов човек што седи со грб свртен кон мене. Се покажа дека тој човек е секретар на професорот, дека татко ми всушност зборуваше само со него, а не со професорот лично, ама дека некако, преку секретарот, живо ги запозна доблестите на професорот, па во секој поглед имаше право да суди за професорот, баш како лично да разговарал со него.

(6 мај 1912)

Извор: Снови, Службени гласник, Београд, 2012
Слика: Victor Bregeda

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото