Циркуски феномени

11.11.2017 14:13
Циркуски феномени

Тајна желба

Длабоко во срцето на секое дете, на секоја мајка, на секој гледач, се гнезди тајната желба да види пад од трапез, да види како се кршат коски од подот, како се лее темна крв по песокот, онаа основна желба да види како лавовите се грабаат за растргнатото тело на скротувачот, желбата коњот да ја повлече амазонката со нога заглавена во узенгијата додека ритмично удира со главата од работ на пистата, е, за нив го отворивме овој циркус, најдобар, совршен, циркус каде попушта основата на човековата пирамида, фрлачот на ножеви ги забива своите сечила (по грешка, секогаш по грешка) во градите на партнерката, мечката го растргнува со својата канџа лицето на Циганот и затоа, затоа што најлошите стравови се исполнуваат, а се посакува само она што се нема, надежите на публиката се полагаат во добрите намери: згадени над ужасите и неуспесите, почнуваат да посакуваат трапезистот да ги испружи рацете навреме, скротувачот да успее да ги контролира лаовите, јавачката да успее да се извие на седлото и наместо со изобилство од смрт и ужас, скриената длабочина на нивното срце се исполнува со ужасна добрина, со желби за туѓата среќа, па така по нашата претстава си заминуваат среќни и задоволни од себе, горди на својата човечност, се чувствуваат подобро, како пристоен свет, како чувствителни луѓе полни со добри намери, великодушна публика на најдобриот од сите циркуси.

Циркуски Прометеј

Уметност или забава? Ако мршојадецот прекопува длабоко со клунот во џигерот на Прометеј, дали е тоа уметност или забава?

Уметност - ако крвта е вистинска течност што го бои клунот на птицата, ако крвта клокоти и се пролева крај телото, ако крвта со црвено ја бои карпата за која се придржува човекот. Но ако е само мешавина на глицерин со кечап, тогаш е само забава, чист циркус. Има и такви, секако, што го тврдат токму спротивното.

Во меѓувреме, како што од оваа оддалеченост не е можно тоа да се види, треба да се ограничиме на уживањето во претставите. Ги има секојдневно.

Жена која лета

-Можам да летам - вели жената. Изгледа голема и уморна. Баш е убава.
-Трапезистка. Генијална трапезистка - сфаќа директорот на циркусот.
-Не. Јас летам. Навистина.
-Со невидливо јаже? Со систем на магнет, како волшебникот Дејвид Коперфилд?
-Не разбирате. Како Супермен.

Жената полетува и прави круг околу шаторот.

-Голема уметница. Но ова не е место за вас, госпоѓо - директорот е искрен и мрази што мора да одбие една голема уметница. - Ова е еден скромен циркус од микрорасказ. Убеден сум дека ќе имате повеќе среќа во некој волшебно-реалистичен роман.

Две половини

Чарлс Трип, човек без рака, се издржувал со столарски занает пред да се приклучи на циркусот. Ели Боувен, акробат без нозе, имал две мали стапала со различна големина кои му израснувале од колковите и важел за најзгоден циркуски уметнк. Во една од заедничките акробации, Боувен возел велосипед, додека Трип ги вртел педалите. Гледачите ракоплескале како улави, не сфаќајќи што сè би можеле да правиме кога би ја имале онаа друга половина за која не знаеме ништо, половината која ни недостасува, вториот дел од овие нецелосни тела кои само поради незнаење ги сметаме за целосни.

Малата Лусија Сарате

Како возрасна, Мексиканката Лусија Сарате достигна височина од педесет сантиметри. Тежеше два и пол килограми и беше совршено нормална во кој било друг поглед. Беше најдобро платено џуџе во циркуската историја. Во 1880 заработуваше не помалку од дваесет долари на час. Умре една ноќ од студ, кога возот со кој патуваше се заглави во Карпестите Планини.

Оние кои одат на аџилак до местото на нејзината смрт, ја сметаат за посредник до божественото. Поставена во подножјето на Престолот на Севишниот, од целата хиерархија на светците само таа е во состојба да ги разреши малите проблеми кои останатите ги презираат. Се моли минијатурната Лусија да нè ослободи од плускавците, смрдеата од устата, посетите во лошо време, луѓето кои зборуваат во кино, дамките од храна на добрата облека и алергиското чешање од допир.

Змеј

Проблемот е што змејот не умее ништо да прави. Премногу е стар за да лета и едвај успева патетично да мавта со крилата како кокошка. Иако неколку столбови чад сè уште слабо се извиваат од неговите лушпести ноздри, повеќе не може да блуе одмазнички оган. Интересно, му вели директорот, многу интересно, но повеќе прилега во зоолошка градина отколку во циркус. Балсамиран, во некој момент, би можел да се продаде за добри пари во кој било музеј.

И газдата, или можеби застапникот на змејот, си заминува од циркусот потиштен, го влече со себе трупот на летечките суштества, грифонот со уморен поглед, семејството вампири вегетаријанци, еден поранешен ангел кој несмасно ги изложува крајчињата на своите исечени крила.

Извор: Polja
Превод: Иван Шопов
Слики: Марк Брајан

Ана Марија Шуа (1951, Буенос Аирес), аргентинска писателка која објавила повеќе од осумдесет книги во различни жанрови: романи, кратки раскази, микрофикција, поезија, драма, книжевност за деца, хумористични книги, сценарија за филмови, публицистика и есеи. Преведена е на голем број јазици, а нејзините раскази се застапени во антологии во целиот свет. Важи за една од најголемите живи писателки во Аргентина. Особено е позната во земјите од шпанско говорно подрачје од двете страни на Атлантикот, каде ја сметаат за „кралица на микрорасказот“.

ОкоБоли главаВицФото