Тајната на гитаристот

08.10.2017 23:52
Тајната на гитаристот

ЗАПОЗНАВАЊЕ

Понекогаш погледот ти е како туѓ јазик. Се обидувам да го прочитам, а не разбирам речиси ништо. Се чувствувам како патник во непозната земја. Одам по улица во зафрлено селце. Барам каде да преноќам. Знам само неколку основни зборови: здраво, догледање, леб, вода, наздравје, колку, благодарам, гладен, каде, книга, да, не, сирење, помош. Сѐ друго е тотална магла. Со исклучок на тоа дека те сакам.

 

ЉУБОВТА НА ПРОДАВАЧКАТА

Продавачката го сака мажот толку силно, што кога тој ќе каже обични реплики, таа веднаш разбира какво му е расположението и каков му е денот. „Не сакам кеса“, „Едно пакетче мастики од оние, со сина опаковка“, „И едно црвено Боро, ќе ве молам“. Тие реченици само на прв поглед изгледаат обично, но по толку повторувања, таа непогрешливо разбира дали тој пиел кафе утрото, дали имал проблеми на работа, дали е изморен, дали повторно се карал со цимерот. Малку по малку, во неа блеснува надеж. Можеби некој ден „Не сакам кеса“ или „Едно пакетче мастики од оние, со сина опаковка“ ќе значи „Сакаш ли да пиеме кафе?“. А некој ден „И едно црвено Боро, ќе ве молам“ може да значи дури и „Многу те сакам!“

 

ОДМАЗДА

Дедо му ги крстувал прасињата по политичари. На празници ги убивал. Јаделе, пиеле и се веселеле, како што се раскажува. Само одвреме-навреме, додека јадел од свинското, на лицето му се појавувала крвожедна насмевка, и тој џвакал со некаква невидена жестокост.

 

ПРЕОБРАЗБА

(Расказ на ужасот)

Едно утро инсектот Грегор Самса се разбуди по немирни соништа и откри дека во постелата е преобразен во човек. Му стана толку грозно, што посака да умре во истиот миг. Посака да го смачка некоја обувка или чевел и сѐ да заврши. Само, од каде да се најде таква огромна обувка? Инсектот ѝ се помоли на судбината светот да заврши или тој да умре. Така го откри Бог. Но Бог беше премногу зафатен со луѓето, за обрне внимание на некаков си инсект. Не му беше гајле.

 

ТАЈНАТА НА ГИТАРИСТОТ

Гитаристот на најдобрата (и најнепознатата) група не ја споделува својата најголема тајна. Тајната е одговор на прашањето зошто свири. Обично, кога ќе го прашаат, одговара дека за него музиката е возбуда, адреналин, неописливо доживување. И не лаже. Музиката е токму тоа. Но, всушност, свири за секундите тишина по изведбата. Таа не се појавува често и не е вообичаена тишина. Во неа има нешто поспецифично, кое тој не може да го објасни со зборови. Но знае, ако засвири на гитарата, има шанси таа да се појави. Да го завее и обземе. Макар и неколку секунди. А неговата вистинска музика е токму таа кратка тишина.

 

ПРОЦЕС

Зарем не разбравте дека во животот секој е виновен додека не се докаже истото?

 

ОБЛЕКА

Облеката е како создадена за него. Тоа ги зачудува неговите пријатели, зашто е далечна од неговиот стил. Не секој ден е Ноќ на вештерките - нема зошто да излезе облечен како арапски шеик, зарем не? И сепак, таа облека ги истакнува неговите црти кои инаку остануваат речиси незабележани, ги засенчува другите, кои во принцип премногу бодат очи, и му ја променува целата фигура на еден категоричен и убав начин. Со денови сите зборуваат за тоа и се прашуваат како е можна таква промена. Никој не претпоставува дека по некаква невидена случајност, тој облекол облека од претходниот живот.

 

ПИЈАН КОАН

-Ако телото ти на клупа на „Кристал“ и пие мастика со ајран, а умот ти јава камила во Африка и пие топла, застоена вода, каде си ти во таа работа?
-Ти си камилата! - рече Оги.

 

ФАУСТ

Кога склучи договор со себеси, тој воопшто не претпоставуваше каков ѓавол спие во него.

 

СРЕДА ВЕЧЕР

Средовечниот маж со добро платена работа и прекрасно семејство, се чувствува сѐ попразен и понесреќен, затоа оди во Икеа секоја среда вечер помеѓу седум и осум и пол. Внимателно избира некое катче. Потрагата му одзема помеѓу половина и еден час. Тој бара, додека не се почувствува привлечен од одредено место. Понекогаш тоа се случува во кујните, друг пат - во спалните, а често и во дневните соби. Не е исклучено да се најде во бањата или да се пикне среде детските играчки. Или просто да зјапа во некој часовник. Или во некоја ламба. Потоа е лесно. Просто седи, се втопува во атмосферата на избраното место или предмет, додека сите досадни купувачи не исчезнат. Изживува дваесет минути од еден од милионите животи кои не се негови и си заминува.

 

Превод од бугарски: Иван Шопов
Слики: Олег Оприско

Иван Димитров (1983), бугарски поет, прозаист и драматург. Автор е на книгите „Локални туѓинци“ (2010, раскази), „Животот како лажица која фали“ (2010, роман), „Поет на портрет“ (2012, поезија), „Очите на другите“ (2013, шест пиеси), „Софиски дует“ (2016, роман) и „Силата на зборовите“ (2017, раскази). Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Добромир Тонев“ и „Софија: Поетики“, а драмскиот текст „Очите на другите“ е избран од повеќе од 600 пиеси од целиот свет на фестивалот „HotInk at the Lark“ (2013) во Њујорк.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото