de:sonanz - фестивал

01.10.2010 13:37
De:sonanz фестивал

de:sonanz фестивалот за електронска музика, визуелна уметност и нови медиуми претставува иновативни и реномирани музичари и визуелни уметници кои покриваат различни стилови. Фестивалот ќе се одржи од 6 до 10 октомври.

de:sonanz фестивалот за електронска музика, визуелна уметност и нови медиуми претставува иновативни и реномирани музичари и визуелни уметници кои покриваат различни стилови. И оваа година фокусот е на германската електронска музичка сцена, а програмата ја прошируваат француски, регионални и локални артисти.

Cluster, аmbient/krautrock легендите, симбол за апстрактност и звучна алхемија, и настапот на Pantha du Prince, волшебно патување на „лизгавиот“ праг помеѓу уметноста и природата, се само дел од музичката понуда на de:sonanz.

За прв пат во Скопје гостуваат Pfadfinderei - артисти кои визуелно ги збогатуваат настапите на многу значајни светски музичари.

Едукативниот дел од програмата опфаќа работилница за визуелизации и работилница за контролери за играње која нуди креативни можности за звучни експерименти и
создавање на сопствен музички интерфејс.

Премиерно се претставува една од најпознатите етикети на светската електронска
музичка сцена Raster-Noton.

de:sonanz е форум на артистите, публиката и креативните умови кои преку музиката и уметноста имаат можност да учат, да ги шират познанствата и хоризонтите, да се забавуваат и инспирираат.

Cluster (првично Kluster), еден од најпознатите и највлијателни space-rock проекти од 70-ите, е формиран
од Conrad Schnitzler, Hans-Joachim Roedelius и Dieter Moebius. Своите почетоци ги имаат во 1969-та година
како дел од уметничко-музичкиот колектив „Zodiac Free Arts Lab”. Првите три албуми Klopfzeichen, Zwei Osterei
и Eruption содржат долги импровизирани сесии во кои користат широк спектар генератори на звук
– од вообичаените синтисајзери, па сe до будилници и кујнски прибор. Музиката нема ритам и плови низ
континуумот од морничави и атонални звуци. Користењето на студиото како инструмент и употребата на инструментите како генератори на звук е клучно за идниот развој на Tangerine Dream, Kraftwerk, Faust и
безброј други германски експериментални бендови во раните седумдесетти.

По првите три албуми, Schnitzler ја напушта групата, a Roedelius и Moebius во соработка со Conny Plank ги
објавуваат култните krautrock плочи Cluster (1971) и Cluster II (1972), совршена рамнотежа помеѓу почетниот
бучен и хаотичен звук и минималистичкиот и амбиентален сензибилитет. По овие изданија, Cluster започнуваат соработка со еден од најзначајните германски гитаристи, Michael Rother (Neu!), и го издаваат албумот Zuckerzeit (1974) чиј звук се наоѓа некаде помеѓу Cluster, Neu! и Kraftwerk. Албумот е еден од првите рани примери
на електронски поп.

Во средината на седумдесетите Cluster стартуваат серија албуми продуцирани од легендата на современата
музика, Brian Eno, бисери на амбиенталниот звук и камен-темелници на таа сцена. Со албумите од 80-ите и 90-тите, продолжуваат со истражување нови димензии на амбиенталната музика и ја развиваат сопствената иновативна и експериментална нишка, претставувајќи инспирација за мноштвото помлади изведувачи кои го негуваат тој музички израз.

Во Скопје ќе го претстават нивното последно издание Qua (2009), како и легендарните албуми од нивниот
четиридецениски опус, кои несомнено им ја носат титулата пионери на индустрискиот и амбиенталниот звук.

Pantha du Prince е еден од проектите на германскиот продуцент и диџеј Hendrik Weber. Своето деби како
Pantha du Prince го направи во 2002 г. со 12’’ издание Nowhere за Dial Records. Неговото прво долгосвиречко
издание Diamond Daze од 2004 г. наидува на одличен прием. Музичката критика особено ја потенцира
неговата способност за комбинирање на влијанијата од британските shoegaze бендови како Slowdive, Moose,
Ride и My Bloody Valentine со звукот на детроит и минимал техното. Неговиот следен албум This Bliss од 2007 г. повеќе престижни музички магазини го прогласуваат за албум на месецот. Минатата година ја заокружи со одличните ремикси за Animal Collective и Long Blondes.

За разлика од претходните албуми кои беа издадени за Dial Records, со неговиот последен албум Black Noise,
кој во Скопје ќе биде промовиран со настап во живо, Pantha du Prince започнува соработка со етикетата Rough
Тrade records. Овој албум музичката јавност го смета за негово најкомплетно и најзрело остварување. Музиката на Black Noise балансира на „лизгавиот“ праг помеѓу уметноста и природата, техно-музиката и фолклорот.

Самиот автор за својот последен албум вели: „Музиката е присутна насекаде - секој звук, дури и тишината, е
музика. Мисијата во тој случај е да се претстави со звук нечујното и незамисливото – црниот шум (Black Noise),
фреквенција нечујна за луѓето. Црниот шум често ги навестува природните непогоди, земјотреси или поплави.

Само некои животни ја чувствуваат оваа „тишина пред бура“. Црниот шум е архаичен и овоземски.“
Неговите настапи претставуваат патување низ магијата на звукот, шаренило од хармонични елементи вткаени
во невообичаени сонични процеси кои публиката ја пренесуваат во хипнотички сфери. Епско техно создадено за прекрасно патешествие, со кристално јасни моменти изградени врз длабоки и моќни бас линиии. Pantha du Prince слика со тактови и звуци и создава сјајни моменти на радост кои ја ослободуваат имагинацијата и
поттикнуваат на танцување.

Olaf Bender алијас Byetone е електронски и визуелен артист, графички дизајнер и косопственик на издавачката куќа Raster-Noton. Неговите рани експериментални филмови му овозможуваат во 1988 г. да стане дел од андерграунд групата AG Geige. На тој начин ги согледува можностите на звукот во уметноста, особено оние што компјутерот им ги нуди на
артистите како него – со голем интерес за музика, но без формално образование.

По падот на Берлинскиот ѕид во 1989 г. Bender работи за музички дистрибутер, искуство од кое што произлегува идејата за сопствена музичка етикета. Така, во 1996 г. со својот пријател и соработник Frank Bretschneider ја основа дискографската куќа Rastermusic, која наскоро се спојува со етикетата Noton
на Carsten Nicolai и оттогаш Raster-Noton функционира како една од најуспешните и најафирмирани етикети на денешната електронска сцена.

Bender музиката ја создава дигитално, користејќи синусоиди за да добие комплексен звучен материјал, нагласен со кликови и ефекти, кои го пренесуваат слушателот во една поинаква звучна реалност, каде што не важат правилата на телесниот свет.
Во живите настапи, музичкиот материјал совршено се совпаѓа со комплексната структура од анимирани светла со што се создава аудио-визуелна рамнотежа. Паралелно, Бендер ги контролира апстрактните анимации и на тој начин создава динамични уметнички дела кои биле претставени на бројни фестивали, во многу клубови и галерии ширум светот.
www.raster-noton.net

TIME ART Ensemble е група што се фокусира на аудио-визуелна импровизацијa. Составена е од меѓународно реномирани музички активисти и активисти од областа на медиумската уметност кои доаѓаат од преку 10 различни земји. Сите нив ги поврзува заедничката
мисла - претопувањето на класичните инструменти, електронските генератори на звук и електронската слика во единствен уметнички израз, едно севкупно уметничко дело.

Севкупното уметничко дело TIME ART го развива преку импровизации, идеите се раѓаат во моментот на изведбата и директно се реализираат. Изведувачите во исто време се композитори и интерпрертатори. Посетителот на тој начин непосредно е вклучен во
создавањето на уметничкото дело што придонесува секоја изведба да биде посебно уживање и посебна привилегија.

TIME ART на настапот во Скопје ќе го претставуваат Matthias Muche (тромбон), Kim Myhr
(гитара, електроника), Michel Doneda (сопран саксофон), Sven Hahne (визуелизации).
www.zeitkunst.eu/ta

Sutsche & Fello е дуо составено од DJ akaak и Andreas Otto кои заедно и даваат нова енергија на електронската сцена во Хамбург. Битовите со забавено темпо ги комбинираат со електронско виолончело при што се добива посебен звук.

Sutsche е саунд систем од Хамбург што врти макси техно винили на 33 rpm. Во звукот доминира басот и темпото е бавно, околу 95 bpm наместо вообичаените 125 bpm. Затоа и се нарекуваат „sutsche“ (на хамбуршки дијалект бавно, опуштено). Во дуото Sutsche & Fello, DJ аkaak (Klingtsogut) е задолжен за грамофоните.

Fello e инструмент на Andreas Otto алијас Springintgut (Pingipug, City Centre Offices).
Виолончелото и компјутерот се поврзуваат преку сензор поставен на гудалото што реагира на движење. Процесирањето на звуците од виолончелото во самостојно програмираниот семплинг-софтвер се одвива паралелно со свирењето на виолончелото.
Понекогаш звукот се создава дури кога гудалото повеќе не е на жиците, туку во воздухот.

www.myspace.com/sutsche
www.myspace.com/springintgut

Zombie Zombie е откачен музички проект на парижаните Etienne Jaumet и Cosmic Neman. Etienne Jaumet е саксофонист кој свири фри џез, инженер за звук и мајстор за електронски направи. Тој е задолжен за машините и во неговата колекција има импресивен број синтисајзери. Cosmic Neman (тапанарот од Herman Dune) свири на тапани, перкусии, создава звуци и звучни ефекти. Заедно, Jaumet и Neman создаваат звук кој е инспириран од нивната заемна љубов за култните хорор филмови (George Romero, John Carpenter), субкултурата и музиката на електронските музичари и пионерите на краутрокот како Silver Apples, Suicide, Terry Riley и Neu!.

Магазинот Wire за нив вели: „Zombie Zombie комбинираат механички ритам на тапаните, вибрирачки оргули и синтисајзери, глокеншпили кои одѕвонуваат и секаков вид детали што бипкаат создавајќи еден интересен спој на прогресивен краутрок разнишан од злобни ветришта и распарчен од вресоци.“

Дуото дебитираше на музичката сцена во 2006 година со ЕП-то Zombie-Zombie 12” за Boomboomtchak Records.
Потоа, потпиша договор со Versatile Records и го издаде „Driving This Road Until Death Sets You Free“ (2007), 12”
сингл кој му претходеше на изданието „A Land for Renegades“ (2008).

На концертот во Скопје тие ќе го претстават нивното ново ЕП „Zombie Zombie Plays John Carpenter” во издание на Versatile Records. ЕП-то како реинтерпретација на музиката на големиот режисер и композитор Carpenter го комбинира живиот, милитаристички ритам, минималните синт-линии и вообиченото чувство на страв со цел од визијата на легендарниот режисер да создаде нешто ужасно, но убаво; мрачно, а сепак заводливо.
www.myspace.com/therealzombiezombie

Danton Eeprom е француски продуцент и диџеј чиј музички пат се карактеризира со бројни стилски
експерименти - од garage rock преку поп до експериментални андерграунд звуци.

Пробивот во светот на електронската музика му го овозможи берлинската електро сцена која со големо
задоволство ги прифати неговите звучни креации и придонесе за нивна дистрибуција. Danton внесува
иновација во презентирањето на неговата музика, свирејќи гитара и пеејќи врз сопствените битови. Тој
создава мешавина од стилови не сакајќи да избира меѓу клубот и сцената, танцувањето и чистата енергија.
Рафинирањето на неговите мрачни композиции продолжува низ најпознатите клубови ширум светот и Дантон стана еден од омилените продуценти на светски најпознатите диџеи и етикети (Carl Craig, Andrew Weatherall, Matthew Jonson, Ewan Pearson, Ivan Smagghe, Damian Lazarus, Chloй, Agoria, Morpheus...).

Во процесот на дефинирање на сопствениот звук, тој се навраќа на длабоките техно и хаус влијанија, стремејќи се кон Чикаго и Детроит почетоците, кои претставуваат извор на инспирација и уживање за многумина. Притоа тој не заборава да ги зачини сопствените траки и ремикси со неговите рејв, поп и рок влијанија.
Дантон денес е афирмиран продуцент и сопственик на етикетата Fondation records. Тој во Скопје ќе се
претстави со DJ сет.
www.dantoneeprom.com

Mehmet Can Őzer е роден 1981. Неговата професионална кариера започува со запишување на универзитетот Bilkent, отсек композиција. По дипломирањето, образованието го продолжува на женевскиот Конзерваториум. Во 2005 се враќа
во Турција и започнува да работи како предавач на универзитетот Baskent. Има настапувано на повеќе интернационални фестивали ширум светот и има добиено повеќе награди за неговите композиции, меѓу кои и Награда за артист (2006) од Гете-институт и грант од SWR Experimental Studio (2008). Покрај многубројните признанија, тој добива покана од I.M.E.B. (Франција) и Musiques-Recherches (Белгија)
за реализирање на неговите композиции во нивните студија.

Во 2005 тој започнува серија електроакустични концерти во Анкара. Во 2008 работи музика за немиот филм „Принцезата на школките”. Во 2009 го издава првиот електро-акустичен албум во Турција „Siyah Kalem’s Dance”.

Во моментов работи на усовршување на неговиот музички софтвер Aşure и настапува
со него. Инструменталните композиции на Mehmet Can Őzer се изведуваат од различни музичари ширум светот, а тој продолжува со пишување композиции за инструменти и електроника.
www.mehmetcanozer.com

Дуото Tam Tam Delia е настанато во живата клубска сцена на дизел-дорфскиот клуб Salon des Amateurs. Многу од музичарите што настапуваат таму работат на границата меѓу звучната инсталација и футуристичкиот
подиум. Токму таму, Лена Виликенс и Штефан Шнајдер почнуваат да ги комбинираат заедничките диџеј сетови
со електроника во живо, сe до моментот кога целосно се откажуваат од плочите и сосема се посветуваат на
уредите.
Тереминот го гради своето електромагнетно поле врз ритамот на Roland 707; тејп-ехото го следи ритамот.
soundcloud.com/tam-tam-delia

Аxiotomic за прв пат неформално се појави на 21.12.2006 на настап во чест на зимската
краткодневница, како аудио-визуелно дело кое лежи на основите на амбиентот и
импровизацијата во електро-акустична изведба на еден човек.

Во основа, музиката на Axiotomic се создава во живо на самото место, иако постојат однапред одредени рамки кои што даваат само насоки каде може да се движи делото при самата изведба. На некаков начин тоа е кибернетска импровизација/композиција: постои систем од правила со кои што се изведуваат делата. Тие правила се однесуваат на содржината во даден момент или пак на структурата на делото, но дури и кога се однесуваат на содржината ниедно од нив не ја одредува во целост.

Неодредениот простор содржински се создава при изведбата, со што во делото се внесува потребното количество можност/веројатност/случајност. Сето ова ја прави оваа музика многу интимна за нејзиниот создавач и на таков начин неделива од него, од каде што е и терминот Аxiotomic: аксиоматски и атомичност, двата концепта на неделивост.

Покрај долгогодишната работа со различни групи (String Forces, Чалгија Саунд Систем, Калдрма, Грендени, Seth) и продукциска студиска работа со многу други артисти, во другото време е инженер-информатичар, предавач по Видео и компјутерска уметност на ФЛУ, психонаут и алхемичар.
www.myspace.com/axiotomic

Душко Јаневски ги пројавува првите интереси за музика инспириран од плочите на неговиот татко. Најголемо
влијание при градењето на музичкиот вкус имаат бендови и артисти како Krafwerk, Jean Michel Jarre, Joy Division, Cabbaret Voltaire, UR... И покрај интересот за секој вид на музика, електронскиот звук е оној кој успева потполно да го вовлече во својот свет.

Кариерата ја започнува во култниот загребски геј клуб – GLOB@L, во 2002 година, каде добива своја резидент
вечер. Неговите DJ настапи се секогаш свежи и полни со разновидна музика, откачени атмосфери, жесток
ритам и groove. Своите DJ сетови ги опишува со еден единствен збор – хипно.

Со продукција се занимава од крајот на 2005. Својот прв LP – Inner Dancefloor го издава во 2007 за PMG Recordings.

Истата година ја формира и својата издавачка куќа – Juan’s Kitchen Delights Recordings, чија цел,
освен издавање на сопствените продукции, е и пронаоѓање на нови креативни артисти од Македонија. JKDR е дигитална етикета која досега има издадено околу 30 синглови и едно албумско остварување.

Негови нумери се наоѓаат и на многу музички компилации издадени за PMG Recs, FOEM, Канал 103...

Од 2005 е дел од екипата на Канал 103, со своја авторска емисија – „Кај докторот во петок навечер на стотројка” која има за цел да ги претстави најновите музички изданија наменети за подиумите, и сите нови и надоаѓачки музички правци и тенденции.
www.myspace.com/duskojanevski
www.jkdrecordings.com

Музичките почетоци на Филип Митров ги обележува неговото членување како тапанар во
повеќе hardcore/punk/trash бендови и проекти - Nekrojagotki, Arpadzik, Brainfuck на почетокот на
деведесетите. Неколку години подоцна почнува да експериментира во домашни услови користејќи
ефект-процесори и двојни касетни декови, кои што подоцна ги заменува со семплери, ритам машини
и клавијатури откако во 1996 г. го создава своето домашно студио.
Неговите многустрани музички вештини и афинитети се согледуваат и преку љубовта кон изворните
инструменти.

Од 2000 г. работи како концертен инженер за звук на повеќе бендови. Создава музика за мултимедијални
случувања, апликации, филмови, а освен тоа се занимава и со графички, видео и светлосен дизајн.
Аудио проектот макара што го започнува во 2006 г. се базира на органски перкусии и гитарски фрази
придружени со мноштво акустични и синтетички звуци. Воочливи влијанија во неговиот израз се funk,
glitch, dub, hardrock, folk, tribal techno и blues, изразени преку целосно логична музичка синкрезија.
Филип Митров е дел од македонската современа музичка сцена веќе две децении, а неговиот
интригантен опус ќе дојде до израз токму на ова издание на de:sonanz.
soundcloud.com/filipmitrov

Brothers for Real се браќата Ирмин и Андреј Имамовиќ, познати и како Kondenzator и D Liner. Двајцата ја делат љубовта кон old school звуците и современата
хаус музика.

Проектот го започнаа 2008 година и преку нив ги реализираат нивните groovy идеи. Првите изданија ги прават за нивната етикета Circuits Records. Настапуваат како диџеи и во живо, презентирајќи ја својата музика многу пред нивното прво издание.

Во нивниот звук се забележуваат влијанија од acid и Чикаго house до minimal и deep house. Нивната музика и нивните живи настапи се насочени кон подиумите и излегуваат надвор од границите на секојдневните диско забави.
www.circuits-records.com

Фасцинацијата од консеквентното спојување на светлото и звукот, т.е. мултимедијалната и интерактивна техника е широко распространета во општеството и уметноста и трага по можности за нејзино интересно
претставување и рефлексија.

Raster-Noton. Archiv für ton und nichtton (Архив за тон и не-тон)” е платформа - уметнички колектив кој ги покрива областите поп, уметност и наука. Основана е во 1999 г. по спојувањето на двете дискографски куќи Rastermusic и Noton. Тие реализираат музички проекти, издаваат публикации и поставуваат инсталации. Сите изданија се поткрепени од заедничката идеја за експериментален пристап - обединување на звукот, уметноста и дизајнот.
Каталогот на дискографската куќа го сочинуваат над 100 изданија.
Повеќето проекти имаат концепт на серијал во кој учествуваат многу различни артисти, како William Basinski, Alva Noto, Ivan Pavlov aka Coh, Ryoji Ikeda, Ryuichi Sakamoto, Carl Michael von Hausswolff...

Со Raster-Noton управуваат Olaf Bender и Carsten Nikolai. Гостувањето на Olaf Bender алијас Byetone во Скопје е одлична можност да дознаеме нешто повеќе за историјатот на дискографската куќа и за неговиот личен пристап кон звукот и сликата.
www.raster-noton.net

Pfadfinderei е светски познат колектив за дизајн и меѓународно афирмиран VJ колектив. Тие нудат широк
спектар решенија кој ги надминува границите на современиот дизајн, од дизајнерски креации до осмислување на настани.

Основан во 1999 год. во Берлин како биро за дизајн, Pfadfinderei наскоро се проширува во нешто што може
да се карактеризира како групација на напредни медиумски алхемичари со оглед на нивната силна страст за визуелизирање на живи настапи. На почетокот настапуваат како виџеи во берлинските клубови и во регионот, а денес тие планираат, создаваат и изведуваат целосни визуелни инсталации во клупската сцена и надвор од неа.

Од 1999 год., тимот на Pfadfinderei го сочинуваат седум члена, сите со различна експертиза, од типографија и
менаџирање уметнички проекти до стратешко визуелно планирање и продукција. Креациите на Pfadfinderei
се производ на овие индивидуални карактери кои ги обединува симбиотичниот пристап кон естетиката и
посебното внимание за убавите детали од секојдневниот живот.
www.pfadfinderei.com

Работилница за визуелизации

Предавачи: Јан Тафелт и Никлас Фелкер | www.pfadfinderei.com

09.10. и 09.10.2010 | Место: ЕСРА | Јавна презентација во клубот Хавана на 9.10.2010

Работилницата е поделена на два дела. Првиот се состои од предавање посветено на визуелизација на
музика. Преку презентирање на проектот „Moderat”, аудио-визуелен албум презентиран на многу живи
настапи низ светот, Pfadfinderei ќе се задржат на клучните задачи во процесот на создавање на визуелизации - од генерирањето на содржината до настапот во живо.

Учесниците ќе бидат поделени во групи од 2-4 учесници и наредниот ден секоја група ќе извршува специфична
задача од процесот на креирање визуелизации. Во текот на работилницата ќе се создаде 30 минутен видео-
микс кој ќе се презентира во живо за време на настапот на македонскиот артист Филип Митров, кој ќе се
претстави со проектот макара.

Контролери за играње како индивидуални инструменти

Предавач: Андреас Ото | www.myspace.com/springintgut

09.10. и 10.10.2010 | Место: ЕСРА | Јавна презентација на 10.10.2010, 22 часот во Капан Ан

За време на работилницата се работи со софтверот junXion кој е развиен од STEIM (Студио за електро-
инструментална музика) во Амстердам за да се овозможи вирутелно поврзување на интерфејси како на пример џојстици, видео-инпути или миди-контролери со аудио-софтвер. За време на работилницата учесниците се запознаваат со основите на мапирањето на податоци. Сите учесници на работилницата работат на сопствени
контролери за играње кои потоа заеднички се репрограмираат и на тој начин со компјутерот може да се создаваат посебни звуци.

Андреас Ото има добиено повеќе стипендии од STEIM и софтверот „junXion“ речиси постојано е составен дел
од неговите музички перформанси. Покрај работата како музичар тој предава на факултети во Германија и
Швајцарија.

Работилницата е дел од есенската културна програма „Expanded Media – Media & Arts“ на НВО Контрапункт.

Повеќе информации околу условите за учество и пријавување на desonanz.org.mk

06.10.2010-10.10.2010
В.Р.Е.М.Е. - музичко-танцов перформанс
Музеј на град Скопје | 19:00 - 20:00
DJ akaak [de] | DJ Jasmina [bih]
06.10.2010 | Ла Кања | 21:00 - 01:00
Презентација на работилницата ,,Контролери
за играње како индивидуални инструменти’’
Капан Ан | 22:00 - 23:00
Mileskaya [pollux] | Kanton6 [pmg]
Jane + Martchin [offpop]
Капан Ан | 23:00 - 04:00
придружнa програма

Повеќе информации за придружната програма на desonanz.org.mk

Тимот на de:sonanz:

Гете-институт Канцеларија за врски Скопје и НВО Домино, во соработка со Француски центар за соработка „Жан Моне“, Скопје и НВО Контрапункт

Погледнете го и официјалното видео на фестивалот: